Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“ од Велес со донација за Викторијанското училиште во Мелбурн

Учениците од прво до четврто одделение при Викторијанското училиште за јазици во Мелбурн, со радост ги примија подароците што им стигнаа во нивната училница, а патуваа и летаа многу долго. Ним, некое непознато другарче од Велес, од нивната сакана Македонија, им испратило еден куп книги, кои неуморно летале по небото, го препливале дури и океанот и стигнале токму во нивната училница.
А кој може да биде дарителот на овие книги? Секако, тоа се членовите на клубот на писателите „Коста Солев Рацин“ од Велес, кои во знак на долгогодишна соработка со македонското литературно друштво „Кочо Рацин“ од Мелбурн, овој пат испратија книги за учениците што го изучуваат македонскиот јазик во Викторијанското училиште за јазици во Килор Деонс.
Книгите му беа предадени на наставничкиот колегиум од претседателката на МЛД „Кочо Рацин“, Мелбурн, Гордана Димовска, а ги прими наставничката Мирјана Стојчевска. Таа најпрво ги запозна децата со оваа убава акција и потоа им ги раздели на учениците.
– Упатуваме благодарност до Соња Гаврилова, Лили Арсова и до Нове Младеновски за спроведувањето на оваа акција, од името на нашите ученици до нивните другарчиња во Велес, како и до нивните родители што се вклучија да помогнат – велат од Викторијанското училиште.
Наставнички во овој училиштен центар се: Мирјана Стојчевска, Гордана Димовска, Анета Вангелова Ристевска, Сања Домазетовска и д-р Соња Енџекова Сопотска, а координаторка е наставничката Весна Дамчевска. Тие работат посветено и со голема љубов им го пренесуваат македонското јазично богатство на младите генерации што растат во Австралија.
– Ветуваме дека секогаш ќе ни биде приоритет негувањето на македонскиот јазик – симболот на нашето национално постоење, лична карта на Македонецот каде и да е. Јазикот е она што нѐ обединува. Македонија е наша заедничка мајка, која нѐ воспита да се бориме за тоа што сме, да го браниме своето, но и да се гордееме со нашите национални белези. Оваа акција за подарување книги нека биде нов почеток на ваков вид активности за најмладите. И во иднина ќе продолжиме да градиме мостови на соработка меѓу Австралија и Македонија -велат од МЛД „Кочо Рацин“ од Мелбурн.
Друштвото постои од 2014 година, а во 2016-та официјално е регистрирано во Мелбурн.