Зад политичката поддршка за поранешните лидери на УЧК има и изразито лукративни намери на политички првенци и во Албанија и во Македонија
- Албанските политичари од регионот навидум усвоија заедничка стратегија што ја применуваат секогаш кога ќе се соочат со обвиненија за сторен криминал и корупција или со пад на рејтингот – да упатат поддршка за поранешните косовски лидери на УЧК обвинети за воени злосторства, криејќи ги вистинските намери зад проѕирен лажен патриотизам
Албанскиот премиер Еди Рама продолжи да ги поддржува поранешните косовски лидери обвинети за воени злосторства, на кои им се суди пред Специјализираниот суд за Косово во Хаг, што во дел од албанската јавност се толкува како скандалозен обид за прикривање на корупциските скандали што моментно ја потресуваат Албанија, односно неговата влада.
Албанските политичари од регионот навидум усвоија заедничка стратегија што ја применуваат секогаш кога ќе се соочат со обвиненија за сторен криминал и корупција или со пад на рејтингот – да упатат поддршка за поранешните косовски лидери на УЧК обвинети за воени злосторства, криејќи ги вистинските намери зад проѕирен лажен патриотизам.
Косовскиот публицист Идриз Зеќирај во неодамнешна колумна остро го критикуваше албанскиот премиер Рама, напаѓајќи ги со невидена жестина организаторите на „протестниот митинг за правда за водачите на косовската УЧК“ во Тирана.
– Се случи и тоа, лидери и експоненти на здруженија на УЧК и некои фантомски здруженија, наводно „излезени од војната“, со поддршка на официјална Тирана да повикаат на протест против Специјалниот суд за Косово, со седиште во Хаг! Еди Рама, албанскиот премиер манипулатор, треба да ги остави демагогијата и лажниот патриотизам. Дури не е никаков патриотизам да го криеш со него својот криминал! Национален срам беше карневалскиот протест на плоштадот „Скендербег“ во Тирана – напиша меѓу другото, Зеќирај, како што претходно пренесовме.
И лидерот на ДУИ, Али Ахмети, секогаш кога се соочува со можни обвиненија за криминал и корупција сторени во времето додека беше на власт, ја разгорува воинствената реторика поврзана со поранешната УЧК, со тоа што врз неговите плеќи дополнително му тежат и обвиненијата за воени злосторства, кои Хаг повторно ги поведува, така што бара од македонските судски власти да почнат да постапуваат и тие да добијат соодветна судска разврска.
Рама, кој досега често го критикуваше Хашкиот суд, повторно ја нападна оваа институција на Фејсбук, тврдејќи дека поранешниот косовски претседател Хашим Тачи бил „киднапиран без судење“, откако го посети Тачи во притвор. Рама го опиша притворањето на Тачи од ноември 2020 година како „историска неправда од демократска Европа, со благослов на европските земји и САД, и со средства на европските и американските даночни обврзници“.
Рама беше во притворниот центар во Хаг еден ден по неговото учество на самитот на Европската Унија со лидерите на Западен Балкан, минатата недела во Брисел. Во својата објава на Фејсбук, Рама го нарече Тачи „командант“, осврнувајќи се на неговата улога како официјален претставник на ОВК за време на војната во Косово кон крајот на минатиот век.
– Го најдов командантот во форма, смирен и насмеан како секој невин човек со железен карактер, иако со апсурдни ограничувања на минималните права што му се одземени – истакна Рама, кој првпат го посети Тачи во притворниот центар во мај 2022 година.
Ваквата политичка поддршка за УЧК очигледно поминува кај дел од албанската јавност, судејќи според собирите за поддршка на поранешните лидери на терористичката организација, кои моментно се во Хаг, одржани неодамна низ Балканот, но и во холандскиот град. Токму во Хаг, во септември, стотици етнички Албанци од Европа и од САД организираа протест против судот за воени злосторства на Косово.
Тачи беше обвинет во октомври 2020 година. Тој поднесе оставка од функцијата претседател на Косово во ноември 2020 година за да се соочи со обвиненијата и беше испратен во Хаг со поранешните претседатели на парламентот, Јакуп Красниќи и Кадри Весели, и поранешниот пратеник Реџеп Селими. Оттогаш тие се во притвор. Четворицата се обвинети за индивидуална и командна одговорност за воени злосторства и злосторства против човештвото за време на косовската војна, вклучително и убиството на околу 100 лица. Се смета оти злосторствата биле извршени за време и по војната во 1998 и 1999 година. Сите се изјаснија за невини.
Специјализираните совети на Косово се дел од правосудниот систем на Косово, но се со седиште во Хаг со меѓународен персонал за да се обезбеди фер постапка по проблемите со заплашување сведоци во претходните случаи поврзани со ОВК. Многумина сведоци на обвинителството сведочеа зад затворени врати за да го заштитат својот идентитет поради страв од одмазда, но ова доведе до обвинувања за недостиг од транспарентност. Пресудата во случајот се очекува напролет в година. Р.Н.М.

































