Сите засегнати страни (институции, училишта, семејства) да ги преземат сите превентивни мерки за безбедност на матурантите / Фото: „Нова Македонија“

МВР информира дека сообраќајната статистика покажува дека во деновите кога се организираат матурски прослави се зголемува бројот на
сообраќајни незгоди. „На матурска прослава без автомобил!“, „Без консумирање алкохол!“, „Без користење наркотични средства!“, „Без нарушување на јавниот ред и мир!“. Во тек е кампањата на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата посветена на матурантите, под мотото „На матурска вечер без автомобил!“

МАТУРАТА Е СВЕЧЕН ЧИН ЗА ЗАОКРУЖУВАЊЕ ВАЖЕН ДЕЛ ОД ОБРАЗОВАНИЕТО, ДА НАПРАВИМЕ СЀ ДА ОСТАНЕ ВО УБАВО СЕЌАВАЊЕ

Матурата е еден од неколкуте најубави и најсвечени настани во животот, кој останува врежан во меморијата на секој човек бидејќи, помеѓу другото, завршувањето на средното училиште е мошне значаен чекор во животот, не само академскиот, на еден граѓанин.
Водени од желбата да се доживеат и постигнат успеси и позитивни работи, за многумина најубавиот дел од матурата се токму матурските прослави – матурските вечери. Желбата славеничката вечер да мине со што поубави моменти е најизразена кај самите матурант(к)и, се чини тоа особено е изразено во последниве години. Според перцепцијата, многумина, во рамките на своите можности, се трудат да се претстават во што поубаво светло: да изгледаат поубаво, помодерно, подотерано, позабележливо (поекспонирано) на (по) прославите…
Сепак, нагласуваме дека и во (по) матурските, како и другите видови прослави, може да настанат негативни моменти што можат и ненадоместливо и во значителна мера да ги расипат убавата атмосфера и забавата, како и да нанесат негативни последици по некој (некои) од учесниците на матурските прослави.
Дел од тие непосакувани моменти може да бидат и: опивање без мера, нарушување – со различни конфликтни ситуации – на јавниот ред и мир, користење наркотични средства, а пред сѐ сообраќајни незгоди, кои можат да имаат и тешки и опасни по живот последици.
За поздравување се мошне позитивните, едукативни – превентивни – информативни… активности што ги преземаат Министерството за внатрешни работи (МВР) и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП).
Завчера (четврток) на веб-страницата на МВР беше објавен текст под наслов „МВР со апел за безбедни матурски прослави“. МВР информира дека сообраќајната статистика покажува дека во деновите кога се организираат матурски прослави се зголемува бројот на сообраќајни незгоди.
„Голем дел учесници во сообраќајните несреќи се млади луѓе – матуранти, кои најчесто завршуваат со тешки телесни повреди, а неретко и го губат својот живот.
Одговорноста за девијантното однесување на дел од матурантите во сообраќајот е првенствено кај младите, но и кај нивните родители.

Не дозволувајте им на своите деца да одат на матурска прослава со автомобил. Грешките во сообраќајот може да бидат фатални. Затоа: ’На матурска прослава без автомобил!’, ’Без консумирање алкохол!’, ’Без користење наркотични средства!’, ’Без нарушување на јавниот ред и мир!’“, е исклучително важната едукативна порака од овој текст на МВР од 15 мај.
Неодамна, на 28 април, РСБСП во рамките на кампањите за зголемување на безбедноста во сообраќајот започна со реализација на кампањата за поголема безбедност на младите во сообраќајот – посветена на матурантите, под мотото „На матурска вечер без автомобил!“ Беше најавено дека кампањата ќе продолжи во текот на април, мај и јуни преку низа активности, кои ќе се реализираат во средните училишта во Македонија.
Кампањата има цел да испрати силна порака до младите – да не седнуваат зад воланот доколку консумирале алкохол, туку на матурските прослави да користат јавен превоз, такси или возачка придружба на роднини, односно да не управуваат со возило.
Во тој текст на веб-страницата на РСБСП, објавен на 28 април, се наведува дека со настанот одржан во средното сообраќајно стручно училиште АСУЦ „Боро Петрушевски“, како почеток на кампањата, започнаа серија на теренски активности во организација на РСБСП, МВР и Факултетот за безбедност-Скопје.
Почетокот на кампањата беше обележан со предавање пред учениците од трета и четврта година – матуранти од училиштето, каде што свое обраќање имаа Панче Тошковски, министер за внатрешни работи, м-р Горан Ангеловски, претседател на РСБСП, и Александар Стрезов, директор на АСУЦ „Боро Петрушевски“.
Министерот Тошковски, како што пренесува РСБСП, ја истакна важноста од соработката меѓу институциите за унапредување на сообраќајната култура кај младите и апелираше за одговорно однесување во сообраќајот.
Како што пренесе РСБСП во текстот, посветен на почетокот на оваа кампања, претседателот на РСБСП, м-р Горан Ангеловски, меѓу другото, нагласи и дека матурските прослави се свечен чин за сеќавање со кој се заокружува еден дел од образованието на секој матурант.
– За време на матурските прослави не треба да консумирате алкохол и да управувате со моторно возило, односно треба да направите матурските прослави да ви бидат чин што ќе го паметите многу години, односно целиот живот. Да не дозволиме некое несовесно и неодговорно однесување во сообраќајот да заврши со трагичен крај – апелираше Горан Ангеловски, претседател на РСБСП.
Неизмерно се значајни многубројните превентивни и едукативни активности на подрачни(те) СВР во повеќе градови, фокусирани на темата за безбедни матурски прослави, за што МВР информира на својата веб-страница во повеќе текстови објавени на оваа тема во последниве околу 25 дена.
Завчера се организираа превентивни активности на СВР-Штип за безбедни матурски прослави и безбеден сообраќај. Во средата МВР извести дека на подрачјето под надлежност на Секторот за внатрешни работи во Штип тој ден во повеќе населени места беа реализирани превентивни активности во рамките на кампањата на МВР – „Безбедни матурски прослави“. Во вторникот МВР информира за превентивни активности на СВР-Скопје за безбедни матурски прослави и безбеден сообраќај. На 9 мај МВР објави текст за превентивни активности на СВР-Тетово за безбедни матурски и полуматурски прослави, извршени на осми мај, кога полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР-Тетово и од полициската станица во Гостивар во општинското средно медицинско училиште во Гостивар и во општинското основно училиште „Гоце Делчев“ во Гостивар одржаа превентивно едукативно предавање во рамките на кампањата „Безбедни матурски и полуматурски прослави“ за матурантите и полуматурантите од овие училишта.

МВР и во други, посебни текстови известува(ше) за превентивните активности, на многу подрачни сектори за внатрешни работи (Струмица, Охрид, Битола, Берово и Делчево, Куманово, Свети Николе и Берово, Велес…) за безбедни матурски и полуматурски прослави. Така, на пример, на 30 април беа организирани превентивни активност на СВР-Велес. Тој ден полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР-Велес, заедно со полициски службеници од полициските одделенија за безбедност на патниот сообраќај од ОВР-Кавадарци и ОВР-Неготино, во рамките на кампањата „Безбедни матурски прослави“, за учениците од четврта година од општинските средни училишта „Кирил и Методиј“ во Неготино и „Добри Даскалов“ во Кавадарци, реализираа превентивни едукативни предавања.
Како што извести МВР на 30 април во текстот на својата веб-страница, на матурантите преку интерактивна комуникација и видеопрезентации им беше потенцирана потребата за безбедно прославување на матурските вечери, односно зачувување на безбедноста на учениците, јавниот ред и мир, избегнувањето на користењето алкохол и психотропни супстанции, како и евентуалното влегување во вербални и физички пресметки.
„Исто така, им беше потенцирано да се воздржат од управување моторни возила, свои или на нивните родители, под дејство на алкохол или без возачки дозволи или во кои било други недозволени ситуации. Целта е да се придонесе матурските прослави да минат мирно и безбедно, а сѐ во интерес на младите.
Истовремено, денешната превентивно-едукативни активност беше дополнета со предавање и на темата ’Трговија со луѓе’“, пишува во тој текст на веб-страницата на МВР.

Живко Здравковски