На платото пред Офицерскиот дом во Битола започна 55. издание на фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“, на кое, како и секоја година, му претходеше дефилето на фолклорни групи и друштва од државата и светот низ Широк сокак во Битола. Овој фестивал, формиран пред повеќе од половина век како културно ехо на манифестот од 1903 година, како смотра на фолклорот во националните граници, повеќе од пет децении ги прикажува убавината и богатството на народните традиции од целиот свет. Над 1.300 гости од Македонија, Полска, Мексико, Хрватска, Индонезија, Грузија и за првпат од Швајцарија ќе настапат на многу локации низ градот, претворајќи ја Битола во отворена сцена. Фестивалот го отвори потпретседателката на Собранието како покровител на „Илинденски денови“, Весна Бендевска.
– Уште од далечната 1971 година, па до денес, „Илинденски денови“ успешно ја реализира својата основна мисија да го промовира културното наследство во сиот свој раскош во најразлични форми, музиката, танцот, ритуалите… Фестивалот, посветен на големиот Илинден и втемелен врз народниот гениј, е целосно насочен кон промовирањето на домашната култура. Битола, градот под Пелистер, градот каде што градската саат-кула ги мери вековите, градот на конзулите и клавирите, градот на преубавите вековни цркви и импозантни џамии, градот на пајтоните, градот на Широк сокак што промовирал и а ла турка и а ла франка мода, деновиве ќе сјае со величествен сјај. Битола деновиве ќе живее и пулсира во звуци и танци од сите краишта на светот и ќе доживее вистинска експлозија на бои и традиционални носии. Битола ќе го промовира автентичниот автохтон македонски фолклор со звуците на зурлите и тапаните, кавалите и гајдите во единствениот седумосмински такт. Битола е градот што промовира дух на пријателство, заедништво, прифаќање на разликите, љубов – рече Бендевска.

Во името на Општина Битола се обрати градоначалникот Тони Коњановски.
– Фестивалот веќе пет и пол децении ја изразува душата на Битола и е жив мост помеѓу минатото и иднината. Овие денови до 31 јули Битола е претворена во отворена сцена со повеќе од 1.300 учесници и е центар на светскиот фолклор и простор за дијалог помеѓу културите. Од најпрепознатливиот белег на фестивалот, дефилето со песни и игри низ битолските улици, преку „Комитското“, па со семинарите, фестивалот никого не остава рамнодушен. Тоа што го правиме денес ќе остане утре за нас, за нашите деца и внуци, за генерациите што доаѓаат. Токму затоа годинашниот слоган јасно ја претставува нашата обврска да им ги пренесеме знаењето и традицијата на оние по нас – рече Коњановски.
Новоназначениот директор на Центарот за култура во Битола, Сашо Илковски, истакна дека овој значаен културен настан повеќе од половина век е симбол на традицијата, сплотеноста и културната разноликост.
– Во денешно време, кога светот се менува брзо, токму ваквите настани нѐ потсетуваат на корените, на вредностите и на убавината на македонскиот и интернационалниот фолклор, на песната, играта, на носијата, на зборот. Ова не е само фестивал туку и емоција, наследство и залог за иднината. Им благодарам на сите што се дел од оваа убава приказна од 1971 година, а најмногу на публиката што била секогаш со нас. Да го прославиме Илинден со песна и игра. Овој фестивал буди носталгија, убави спомени и ги инспирира младите генерации да продолжат да творат и да се интересираат за фолклорот – рече Илковски.

Пред официјалното отворање, КУД „Илинден“ го изведе „Комитското“ во придружба на ансамблот на друштвото. Големото дефиле ја прокламира благородната мисија на илјадници народни уметници да се преслика автентичната вредност на културното наследство на идните генерации. Програмата трае 13 дена, со одлична претпрограма, која опфаќа етнографски филмски фестивал, детски работилници и изложби, камерни и големи концерти, со вкупна бројка од 70 настани. Како и секоја година, дефилето го предводеа игроорците на КУД „Илинден“, кои ги носеа македонското знаме и сликата на идеологот на организацијата, Гоце Делчев. Потоа се претставија ансамблите од Мексико, Индонезија, Грузија, Хрватска, Полска. Швајцарија и Македонија. Фолклорниот ансамбл од Лублин, Полска, ја плени битолската публика на крајот од првата фестивалска вечер со беспрекорната изведба на „Македонско девојче“.

Тони Гламчевски