Во спомен на писателот за деца Неџати Зекирија

На 11 ноември 1928 година во Скопје е роден македонскиот писател за деца од турска националност Неџати Зекирија. Починал во Сремска Каменица, Србија, на 10 јуни 1988 г. Тој е поет, раскажувач, преведувач и новинар. Дипломирал на Филолошкиот факултет во Скопје. Бил уредник на списанието на турски јазик „Бирлик“ во рамките на НИП „Нова Македонија“.
Од 1951 година членувал во Друштвото на писателите на Македонија. Бил директор на списанието за деца на турски јазик „Севинч“. Пишувал и за возрасни, меѓутоа најплоден и најпознат е по творештвото за деца. Најпознати негови дела се збирките раскази „Децата од нашата улица“ и „Орхан“, која се обработува како лектира за трето одделение.
Зекирија пишувал најмногу на турски јазик, но развил и плодна преведувачка дејност од турски на македонски и на српски и обратно, па, така, во поранешна Југославија ја вовел турската книжевност, а во Турција југословенската книжевност. Објавил петнаесетина книги. Добитник е на награда од Град Скопје за книгата „Децата од нашата улица“ и на Змаевата награда за придонес во преведувањето на делата од српскиот писател Јован Јовановиќ-Змај.
Во негова чест, неколку години во Скопје постоеше кафе-книжарница „Децата од нашата улица“, а училиштето во Коџаџик, во близината на Дебар, го гордост го носи името Неџати Зекирија.


Како е откриен виновникот?

Кога мајката се врати дома, на ѕидот во собата забележа нацртан зајак. Налутено праша:
– Koј го стори тоа?
– Јас не го нацртав – рече големото дете.
– Јас не го нацртав – рече и средното дете.
Најпосле, истиот одговор го даде и малиот Орхан, кој само што ќе земеше молив в рака, веднаш нешто мораше да нацрта.
Мајката повнимателно почна да го разгледува цртежот. Зајакот навистина беше прекрасно нацртан, особено ушите! Мајката почна да се сомнева во Орхана, зашто знаеше дека тој е склон на слични пакости, но некако не ѝ се веруваше дека тој може да нацрта така убав зајак. Затоа таа им се обрати на поголемите деца:
– Сигурно еден од вас двајцата го има сторено ова, зашто Орхан е сѐ уште многу мал и не може да нацрта вака убав цртеж.
Орхан, кој беше задоволен поради тоа што мајка му го засaка цртежот, со гордост рече:
– Мамо, мамо, верувај ми… Јас го нацртав… Ако не веруваш, можам да нацртам уште еден.

Неџати Зекирија
(од книгата „Децата од нашата улица“, „Македонска книга“, 1967)
Превод од турски на
македонски јазик: Илхами Емин