Тоа што ЕУ и САД испраќаат идентична порака говори за фактот дека Брисел и Вашингтон сакаат работите да останат како што тие планираат, во согласност со нивните стратегиски интереси, односно да не се комплицира повторно ситуацијата со соседите, но од друга страна, ниту Гир, а уште помалку Агелер не го спорат правото на земјава да разговара отворено за одредени работи загатнати во Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија, кој инаку е билатерален договор и овозможува постојана комуникација и надградба доколку двете страни потписнички почувствуваат дека има потреба за такво нешто
Договорот за пријателство и соработка со Бугарија под лупа
Заедничката порака што деновиве може да се слушне од меѓународниот фактор во земјава е дека меѓународните договори, пред сѐ оној со Грција, како и оној со Бугарија сега преформулиран како договор со Европската Унија, мора да се почитуваат и дека не се можни никакви промени.
Имено, во ист ден евроамбасадорот Дејвид Гир, како и американската амбасадорка Анџела Агелер го повторија истото, дека Македонија мора да го почитува тоа што веќе е договорено и потпишано, притоа мислејќи на Преспанската спогодба и на преговарачката рамка со ЕУ, моделирана и адаптирана според бугарски сугестии, а не според Копенхашките критериуми.
– Секогаш сум бил многу јасен за ова. Овој договор, кој беше постигнат во јули 2022, резултираше со отворање на преговорите и скрининг-процесот. Не гледаме можност за менување на преговарачката рамка и тој став е непроменет по изборите – изјави Гир.
Идентичен став изнесе и американската амбасадорка Анџела Агелер во интервјуто за РСЕ, која истакнува дека договорите се направени и нема преговарање за напредокот на земјава кон ЕУ.
– Тие договори се направени. Нема одново преговарање на Преспа, нема одново преговарање за напредок кон ЕУ. Тоа е многу јасно. Има разлика, како што знаеме во мојата земја, меѓу тоа што се кажало во кампањите, што се кажало низ годините, а што сега за да се оди напред. И силно се надеваме дека е направен прогрес, дека тие стари употреби или терминологии може да се остават настрана и дека соседите, сеедно кој, почнувајќи од С. Македонија ќе може да имаат важни разговори од кои сите инволвирани ќе имаат корист. Се надеваме дека ќе го видиме тоа – истакна Агелер.
Договор што повеќе прави штета отколку полза
Тоа што ЕУ и САД испраќаат идентична порака говори за фактот дека Брисел и Вашингтон сакаат работите да останат како што тие планираат, во согласност со нивните стратегиски интереси, односно да не се комплицира повторно ситуацијата со соседите, но од друга страна, ниту Гир, а уште помалку Агелер не го спорат правото на земјава да разговара отворено за одредени работи загатнати во Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија, кој инаку е билатерален договор и овозможува постојана комуникација и надградба доколку двете страни потписнички почувствуваат дека има потреба за такво нешто.
Досегашните резултати од потпишаниот договор со Бугарија се поразителни, имајќи предвид дека наместо добрососедство и пријателство, вака набрзина стокмениот договор донесе само непријателство и раст на омразата меѓу двата народа, што јасно говори дека самиот договор има огромна фалинка, која што поскоро треба да се исправи.
Впрочем, и во самиот Договор за пријателство и соработка со Бугарија има јасен член во кој е наведено дека двете страни можат да го надградат истиот договор ако претходно најдат дипломатско решение за одредени прашања, кои во овој момент се сопирачка за развивање добри и пријателски односи меѓу двете земји.
Имено, во ставот два од членот 13 на договорот јасно е наведено дека вратата за репреговарање на одредени точки секогаш останува отворена и дека тоа зависи од дипломатската способност на двете земји да ги испеглаат разликите што доведоа до уназадување на односите.
– Овој договор може да биде изменет со писмена согласност меѓу двете договорни страни.
Измените се договараат по дипломатски пат и влегуваат во сила во согласност со став 1 од овој член – се наведува во документот.
Ставањето ваква точка во договорот е најдобрата потврда дека обете страни оставаат простор да се најдат подобри решенија во интерес на двата народа и двете држави, но и во интерес на забрзување на процесот на евроинтеграција на земјава, на што се обврзала официјална Софија уште во членот 2, став 2 од договорот, кога прифатила да ѝ помага на Македонија на европскиот пат.
Да не се подлегнува на притисоците по никоја цена
Генерален заклучок што може да се извлече од пораките на странците е дека за нив е важно ништо да не го попречува европскиот пат на земјава, но од друга страна, ниту Вашингтон, уште помалку Брисел би имале нешто против двете земји да поработат на затоплување на односите така што ќе се отстранат сите причини од билатералниот договор што доведоа до вакво руинирање на македонско-бугарските односи. Ако се земе предвид моментот кога почнаа искричењата на релацијата Софија – Скопје, односно по потпишувањето на Договорот за добрососедство и пријателство, тогаш јасно ќе се лоцира генераторот на проблемите.
Од друга страна, новите македонски власти најавуваат отворен дијалог со нивните бугарски колеги токму на наоѓање заемно прифатливи решенија што ги нема во актуелниот договор, а кои ќе бидат во насока на релаксирање на меѓусебните односи, отворајќи можност за искрена и пријателска соработка на секаков план.
Дипломатот во пензија Драган Јањатов е категоричен дека Македонија не смее да дозволи каков било притисок однадвор и дека ништо не е вечно, може сѐ да се менува, и меѓународните договори, но и преговарачката рамка.
– Може за 24 часа да се најде одговор за сите проблематични работи, меѓутоа за странците и натаму постои само една страна врз која тие притискаат. Ништо досега не упатиле на адреса на Атина и Софија. Досега требаше да се повикаат амбасадорите на Грција и на Бугарија и да им се каже да не се мешаат во внатрешните работи на Македонија. ЕУ може што сака да зборува, но факт е дека преговарачките рамки се менувале. Зошто за Македонија да не може да се менува? И во тие преговори има две страни, зошто притискаат само врз Македонија? Тоа е краен безобразлук. Петнаесет пресуди немаат спроведено, а тие збор не им рекле, а и тие се преговарачка страна. Ако Македонија внесува несигурност во ЕУ, тогаш внесува и Бугарија. Не смееме да попуштиме под таквите притисоци насочени само кон нас – категоричен е Јањатов.
Според него, ако Македонија и Бугарија постигнат некаков договор и ги искористат членовите во Договорот за пријателство и соработка што се однесуваат токму на подобрување на овој документ, тогаш нема зошто да не се смени и преговарачката рамка ако двете страни се согласни.
– Може сѐ да се смени и надгради, но треба да се има коректен однос. Она што го направи Бугарија на последниот попис во Албанија е флагрантно мешање во внатрешните работи. Да имавме државна управа како што треба, досега требаше да ги раскинеме дипломатските односи и со Грција и со Бугарија. Ни се качија на глава. Не сум за уставни измени под вакви уценувачки услови. Нека го сменат Бугарите Уставот, ќе го смениме и ние. Нека има реципроцитет, а не само притисокот да биде врз нас. И на Албанија требаше да ѝ се врачи нота зашто дозволи странски емисари да вршат притисок врз македонското малцинство таму за време на пописот – истакнува Јањатов.
Тој уште еднаш повторува дека за сѐ може да се разговара и сѐ може да се менува, но дека е клучно да не се подлегнува пред притисоците од надвор.
– Во крајна линија, 140 земји ја признаа Македонија под уставно име. Каква северна, каква јужна Македонија, нашле, па зашле. Не треба да се попушта веќе, мора да се покажат заби, вака не оди. Бизарно е ова што ни се прави. Уште малку ќе бидат 80 години од АСНОМ, таму е нашата државност и треба да се подготвиме достоинствено да го одбележиме тоа и да кажеме кои сме вистински. АСНОМ е нашата врска со Македонија – констатира Јањатов.