Од ракометното минато (3)

  • Први искуства во големиот ракомет од студентските турнири. Скопските ракометари го имаа огненото крштевање на сојузниот турнир во Белград, во 1949 година. Екипата беше предводена од Митко Панов, студент на Природно-математичкиот факултет

За големиот ракомет, кој на југословенските простори активно почна да се игра веднаш по Втората светска војна, главните инструкции за неговиот развој доаѓаа од Загреб, каде што овој спорт под името „хазена“ се играше уште во 20-тите години од минатиот век. Ако Загреб беше центарот на овој спорт, кој полека почна да се шири насекаде, тогаш главен афирматор и креатор на сите активности беше загрепчанецот Марјан Фландер, по чиј предлог ракометот влезе и во наставната програма на Факултетот за физичка култура (ДИФ). Ова беше направено и прифатено од проста причина што уште во почетокот младите со големо интересирање и возбуда го прифатија овој спорт, а тој очигледно беше привлечен и за гледачите, кои ги исполнуваа трибините на фудбалските стадиони каде што се играше големиот ракомет.
Во еден разговор со Славко, кој беше, а и по заминувањето од животната сцена останува една од најголемите македонски спортски легенди, добив објаснување зошто е толку голем интересот за спортот што на нашите простори немаше долга традиција. Тој прво накусо ми одговори: „Поради комоцијата што ја нудат стадионите“, а потоа додаде и „за тоа што и љубителите на фудбалот, кои беа најмногубројни, ги исполнуваа трибините чувствувајќи се како да се на фудбалски натпревар“.
Имаше право Славко, зашто некои документи зборуваат оти на првите натпревари во Скопје, трибините биле исполнети како да се работи за фудбалски натпревар. Впрочем, иако тогаш бев млад, што би се рекло дете, бев изненаден од динамичноста на овој спорт, кога мислејќи дека одам на фудбалски натпревар, всушност отидов на еден дуел во голем ракомет. Имено, на плакат залепен на кафеаната „Идадија“ во Дебар Маало прочитав Работнички – Визбаден (Германија), Градски стадион, во 15 часот. А за кој и каков спорт се работеше ништо не пишуваше. Јас и другарите, кои бевме фудбалски настроени, со оглед на тоа што пишуваше Градски стадион, сфативме дека се работи за фудбал и отидовме на стадион. Бевме изненадени кога на загревањето играчите на двете екипи ја дофрлаа топката со рака. Не знаевме што се случува, но добро е што бевме на Градски, барем да се запознаеме со еден нов спорт. Дури откако почна натпреварот, сфативме оти се работи за голем ракомет, за кој имавме само слушнато, а никогаш го немавме видено. Ова беше првпат, но толку ни беше интересно што до крајот го догледавме мечот, а потоа кога ќе одевме кон помошниот фудбалски терен на Работнички постојано прашувавме кога повторно ќе има голем ракомет.

Фудбалските тренери и тука главни

Со оглед на тоа што се играше на фудбалски терен, некако логично беше во тренажниот процес да бидат вклучени и фудбалските тренери. Така, откако почна да се игра големиот ракомет, на клупата често ги гледавме фудбалските тренери Стојан Богоевски-Гајда и Драган Луковски-Аџија, таткото на кошаркарите Митко и Јанко. Ова беше дебармаалска комбинација, барем така велеа оние најзагреаните фудбалски љубители, кои по малку беа и љубоморни што одвреме-навреме „нивните“ тренери (се мисли фудбалски) станаа и ракометни тренери. Но ова не беше многу чудно, зашто за игра се користеше фудбалскиот терен, на кој наместо шеснаесетник имаше 13 метри голмански простор, од каде што можеше да се бие кон голот. Што се однесува до водењето на топката, во големиот ракомет кога ги опишував правилата на играта, напишав оти секој играч може колку што сака да ја има топката во свој посед, но водењето мора да биде најмногу до три чекори, а потоа топката мораше да се удри на теренот и дури потоа истиот играч, доколку сака, можеше да продолжи со водењето на топката. Ете, тоа беше основното правило во големиот ракомет. Инаку, играчите беа поставени како во фудбалот, голман, бекови, халфови, десно и лево крило, напаѓачи итн. Тактиките за големиот ракомет беа слични како во фудбалот и затоа не беше чудно што и фудбалските тренери одвреме- навреме стануваа и ракометни учители. Гајда и Аџијата најубаво го потврдија тоа.
Охрабрени од прифаќањето тренерскиот тандем од Работнички да биде тандем и во големиот ракомет, почнаа поорганизирано да се одвиваат активностите во новиот спорт. Дури со помош на тогашниот спортски сојуз на Македонија (ФИСОМ) беше донесена одлука РК Работнички во 1949 година да учествува на клупското државно првенство во Загреб. Со оглед на тоа што Славко Матовски уште беше на студии на ДИФ во Белград, мораше да настапи за студентскиот состав, а Работнички го предводеше Никола Таневски, кој му беше прв соработник на Славко кога беше формиран клубот за голем ракомет во рамките на СД Работнички. Во една таква ситуација, барајќи решение за тоа кој да биде тренер, одлуката падна тоа да биде Стојан Богоевски-Гајда, фудбалер потоа и тренер на Работнички. Во ракометниот состав беа ангажирани уште неколку фудбалери, а им се приклучи и студентот Митко Панов, кој претходно имаше играно и учествувано на натпреварите во голем ракомет на студентските игри.

Интересен состав на Работнички

Благодарејќи на книгата на Славко Матовски, посветена на РК Работнички, еве и јас сега имам можност да ги испишам имињата на првите играчи што учествувале на едно државно првенство во голем ракомет. Ќе видите еден навистина интересен состав од кој подоцна изникнаа многу квалитетни играчи за малиот ракомет, кој дури подоцна се појави на спортската сцена. Па, еве ги имињата, избрани од тренерите Богоевски и Луковски: голмани Ацо Костовски и Христовски Мулац, играчи: Никола Таневски, Илија Ќовкаров, Војче Димитровски, Александар Попов-Шербец, Благојче Попов, Митко Панов, Боро Павловски и Богоевски-Гајда, кој покрај тоа што беше тренер, беше и играч.
За малерот да биде поголем, покрај тоа што скопските ракометари немаа никакво натпреварувачко искуство во големиот ракомет, уште во почетокот им падна да играат со најсилната екипа, домаќинот Загреб. Резултатот беше катастрофален, 20-1 за загрепчаните. Тоа бил шок за тренерот Гајда и за играчите, од кој тешко можеле да закрепнат. Славко, кој настапувал за екипата на ДИФ, од разговорот што го имал со Гајда утредента по мечот, дознал оти овој цела ноќ од мака не можел да заспие. Го мачела мислата за големиот пораз, а уште повеќе бил уплашен од фактот како ќе се прокоментира овој резултат во Скопје меѓу пријателите и спортистите. Но сепак, како голем спортист, пишува Славко, Гајда успеал да се соземе од доживеаниот шок и да размисли за тактиката за следните мечеви. Искуството со Загреб му ги отворило очите и тој седнал, па онака фудбалски направил тактика и стратегија за следните натпревари. Тој отстапил од играта човек на човек и се решил наместо тоа да постави зонска одбрана. Тоа веќе на следниот меч со искусната Слобода од Вараждин дава резултат, средбата завршила 6-6. Е, ова веќе малку го расположило тренерот Гајда, а и ракометарите, кои во следниот, трет настап играле тактички добро во зонската одбрана и ремизирале 3-3 со една од најдобрите српски екипи, Железничар од Белград. На завршниот натпревар, скопјаните биле поразени од Милиционер од Загреб и на крајот во конкуренција на пет екипи, Работнички го освоил третото место. Во извештајот на Шербец, кој бил задолжен да ги информира спортските фактори во Скопје за настапот во Загреб, бил оценет како добар и надежен пласман. Надежен се мисли воопшто за натамошната судбина на ракометот, кој очигледно со поголемо ангажирање на сите инволвирани во него ќе може да стане еден од најпопуларните и најквалитетни спортови во Македонија.

Ракометот станува магнет за младите

Познато е оти без тренери нема напредок. Затоа, во тој период имало еден наплив на студенти воопшто на сите факултети на ДИФ низ целата земја. Во Скопје уште немаше факултет за физичка култура, па затоа сите тренерски кадри практично излегуваа од Средното фискултурно училиште. Имало ретки случаи, како на пример оној со Славко Матовски, кога носени од желбата да ги откријат сите тајни на тренерскиот занает идните студенти од Македонија најчесто се запишувале на ДИФ во Белград. Така се случи, по стапките на Славко да тргне и подоцна познатиот педагог по физичко воспитување и тренер Боро Пандиловски. Среќна околност, барем за тоа време кога ракометот се појави на спортската сцена, била што и Пандиловски покажал посебен интерес за новиот спорт и станал негов голем поддржувач и промотор.
Инаку, според пишувањето на Славко Матовски, во неговата книга е забележано дека и Пандиловски настапувал како студент за екипата на ДИФ. Што е интересно, тој се појавувал како актер во ракометот на две позиции, и тоа наполно различни. Играл десно крило, а неретко според моментните потреби на тимот застанувал и меѓу стативите и бил голман. Интересно е оти Пандиловски бил сестран спортист. Покрај со ракомет се занимавал и со атлетиката, повремено и со гимнастиката, па и со сите други спортови. Во првите повоени години на новосоздадената држава, очигледно од голем интерес ѝ било да се развиваат сите спортови, не само поради меѓународната афирмација туку и за создавање способна и здрава младина, а занимавањето со спорт го овозможува токму тоа. Сепак, игрите со топка биле најпривлечни, па така, и ракометот, кој дотогаш бил непознат, поради својата атрактивност станал магнет и ги освоил срцата на младите.