Најголемо учество со 19,3 отсто во структурата на БДП во 2021 година имаат секторите трговија на големо и трговија на мало, но економскиот раст е тесно поврзан со зголемување на вкупната продуктивност и подигнување на конкурентноста на националната економија преку структурна трансформација на стопанството во корист на секторите што произведуваат повисока додадена вредност
До каде се стигнува со економски развој базиран на трговија, а не на производство
Забрзаниот економски раст на Македонија е посочуван како главен приоритет во многу досегашни дебати во државава, во изборните програми на некои политички партии, но и во владините програми. Но очигледно е веќе дека станува збор – во дебатите за „теоретски жонглирања, без конкретна апликативна примена на вербално искажаното“, а во плановите и програмите како „мртво слово на хартија“ за кое не се најде простор за конкретна реализација од партиските планови во владините програми.
Најголемо учество на БДП имаат трговијата на големо и трговијата на мало!?
Во досегашниот тридецениски самостоен развој на земјата, само во две години успеавме да оствариме повисок „скор“ на БДП, прикажан преку годишната стапка на раст. Тоа се годините 2007 и 2008, кога националната економија годишно растеше по 6,5 и 5,5 отсто, според податоците на Државниот завод за статистика. Во другите години стапките се пониски или се во негатива, што придонесе во 2021 година да достигнеме БДП во вредност од 11.690 милиони евра или 6.365 евра БДП по жител. Забрзувањето на економскиот раст на Македонија е од суштествено значење за идниот развој на државата и нејзино подобро меѓународно позиционирање. Земјите со повисок раст стануваат економски и политички понезависни, стопанството посилно, а наедно се подобрува и животниот стандард на граѓаните, преку креирање нови работни места и остварување повисоки приходи.
Доколку се погледне структурата на БДП според производствениот метод, ќе ги согледаме и вистинската слика и тековната состојба на националната економија, за која претставниците од економските и политичките структури безволно говорат. Најголемо учество со 19,3 отсто во структурата на БДП во 2021 година имаат секторите: трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли; транспорт и складирање; објекти за сместување и сервисни дејности со храна. Примарниот сектор, односно производствениот (индустриски) сектор во вкупното годишно производство учествува со скромни 16,9 отсто! Во оваа група влегуваат компаниите од рударството и вадење камен, снабдувањето со електрична енергија и отстранување отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината. Во истата година, учеството на земјоделството и шумарството е 7,2 отсто, а градежништвото, некогашната национална гордост, учествува со скромни 5,4 отсто. Високо учество од десет отсто има дејноста во врска со недвижен имот, а секторот на јавната управа, образование, дејности на здравствена и социјална заштита има учество од 12,9 отсто.
Ова е „крвната слика“ на нашата економија по осамостојувањето на државата во 1991 година.
Како стои нашето надежно земјоделство како стопанска гранка?
Во овој период има намалување на учеството на земјоделството и градежништвото, кои привлекуваат најголем број работници, претежно со пониско ниво на образование и од занаетчиските професии. Екстензивното производство останува како слабост на македонското земјоделство. Индивидуалните фармери користат застарени технологии во примарното производство. Стариот начин на наследство на земјата од генерација на генерација, од економска гледна страна создава премали земјоделски парцели, кои не можат ефикасно да се користат за земјоделско производство, во кое се остваруваат ниски приноси и продуктивност. Извозниот потенцијал на земјоделскиот сектор не е искористен поради слаба промоција на македонски продукти на странските пазари. Странските инвеститори и домашните банкарски институции го заобиколуваат финансирањето на земјоделското производство поради ниските приноси и профити. Проблемот на невработеност е еден од најголемите проблеми во земјоделскиот сектор, како и во земјата. Од друга страна, образованата работна сила во моментот сѐ уште не е доволно апсорбирана во секторот, поради малите инвестиции. Доколку македонското земјоделство остане на сегашното ниво на развој и не е подготвено за конкуренција на европскиот пазар, тогаш земјоделското производство дополнително ќе се намалува.
Неопходност од длабоки реформи и реструктурирање
Економскиот раст е тесно поврзан со зголемување на вкупната продуктивност и подигнување на конкурентноста на националната економија преку структурна трансформација на стопанството во корист на секторите што произведуваат повисока додадена вредност. Но учеството на бруто-инвестиции од 232.902 милиони денари во БДП за 2021 година се недоволно за поголеми промени во производствените активности на малите и средните претпријатија. Вредноста на инвестициите во основни средства во 2021 година изнесува 162.392 милиони денари. Во техничката структура на инвестициите во основни средства, градежните работи учествуваат со 55,2 отсто, машините и опремата со 35,3 отсто, а преостанатите инвестиции со 9,5 отсто. Ова се одразува на малиот број фирми што ги имаат имплементирано стандардите за квалитет. Процесот на стандардизација и сертификација во секторот на малите и средните претпријатија е далеку од европското ниво и потребите на меѓународните пазари. Членство во меѓународни асоцијации и можност за регионална соработка ќе ја направи македонската економија поатрактивна за странски инвестиции. Понатамошното подобрување на бизнис-климата носи до потенцијал за заеднички вложувања на домашни и странски партнери.
Конкурентноста на македонската индустрија сѐ уште не е подобрена, но постојат некои елементи што можат да се идентификуваат како фактори за потенцијален забрзан развој: како што се ниските производствени трошоци, кои произлегуваат од неискористените природни ресурси, евтината работна сила и близината до европските пазари (иако инфраструктурата ни е незадоволителна). Близината на ЕУ-пазарот всушност игра голема улога во сегашната ситуација, особено како идна атрактивна дестинација за инвестирање. Наедно, тоа ја наметнува и потребата за спроведување сеопфатни реформи во земјата, почитување на правото и спроведување на борбата против корупцијата. Од последните години, како главен проблем се поставува „слабиот“ човечки фактор, поради масовниот егзодус на македонските работници. Поради неуспешната производствена транзиција, слабата економија не можеше да ги апсорбира сите млади луѓе што имаат соодветно знаење и вештини, а сегашното недоволно инвестирање во образованието и обуката води кон намалување на квалитетот на кадарот што е потребен во реалната економија. М.Ј.