Наставникот и хуманист Иле Михајловски од Свети Николе ги повика сите луѓе што се во можност да се вклучат и да помогнат во акцијата за собирање новогодишни пакетчиња за децата од ранливите категории. Со споделувањето на повикот на наставникот Михајловски, „Колибри“ го дава својот придонес кон акцијата, медиумски поддржувајќи ја
Започнува карванот на детски насмевки
Наставникот Иле Михајловски од ООУ „Кирил и Методиј“ од Свети Николе и годинава, традиционално, на социјалните мрежи го упати повикот за акција за собирање новогодишни пакетчиња за децата од ранливите категории.
– Најмалку што секој од нас може да направи е да изнедри насмевка на лицето на едно дете. Минатата година израдувавме околу 350 деца пред Нова година, а беа опфатени деца без родителска грижа, деца со самохрани родители, деца со посебни потреби, сите деца во „СОС детско село“ и 98 деца во згрижувачки семејства – раскажува Михајловски.
Kaко што вели тој, сјајот во детските очи, радоста во срцето и насмевката на нивните лица се немерлива вредност. И не треба да се мери, туку постојано да се дели, оти така им враќаме надеж, така ги бодриме дека не се сами, така знаат дека некој мисли на нив. Во тие очи се кријат сивилото на ладната соба, празната трпеза и празното стомаче, провевот на зимата, отсуството на родителска прегратка, вителот на самотијата, бигор наталожен од ладни погледи, отсуство на разбирање и емпатија, лута тишина, наместо детски џагор и другарска игра, празно и ладно ќоше во собата каде што пар очиња замислено цртаат новогодишна елка и барем еден подарок.
Деца, кои ни малку не се виновни што планината наречена живот им натежнала рано, па наместо да се извишат високо, наведнати срамежливо го кријат погледот исполнет со тага. Е на сето ова, не дава душата да останам ниту рамнодушен, ниту со скрстени раце. Не дава, оти секој атом од мене знае дека може да се донесе радост и кај овие деца.
Наставникот и хуманист Иле Михајловски ги повика сите луѓе што се во можност да се вклучат и да помогнат во оваа акција.
– Понизно и искрено од душа ве молам, разбудете го човекот во себе, бидете Дедо Мраз на децата на кои им треба радост. Разбудете надеж кај нив, покажете дека и оваа година за празниците некој се сетил и пратил знак дека не се сами. Мојата маленкост од човек безрезервно ќе си ја земе обврската да им ги достави токму на овие деца. Јас ќе бидам носачот на насмевки, изнедрени токму од вас. Оти што сум јас, што сте вие, ако додека живееме, добрина и радост не правиме – повикува Михајловски со надеж дека годинашниот карван ќе биде уште поуспешен од лани.
Со споделувањето на повикот на наставникот Иле Михајловски, „Колибри“ го дава својот придонес кон акцијата, медиумски поддржувајќи ја.
Ф.Д.
Имам желба голема
Имам желба голема
со сите сакам да ја споделам.
Целата планета една татковина да стане
за Ариф, за Ѓоко, за Ване…
Над сите дечиња среќата еднаква да бдее,
радост и насмевка насекаде да грее.
Знамето на слободата за сите да се вее,
весела детска игра во моите очи да се смее.
Да нема војни, раздор да нема,
сета тага од светот да ја снема.
Да нема во детските очи солзи,
Боже, па кој ли од тоа може да има полза?!
Животот да е убав за сите и за секој,
Спокојот и среќата да траат со векој.
Насекаде да се слуша птиците како пеат
и најслатката врева, кога децата се смеат.
Имам желба голема
со сите сакам да споделам.
Тој што ќе ме слушне
нека дојде да ме гушне!
Ангела Кранго, деветто одделение
ООУ „К.Ј. Питу“ – Скопје
Од алманахот на детскиот литературен
фестивал „Ракатки“ 2017 г.)