Европските искуства и примери покажуваат дека сите помалку или повеќе во еден момент се соочиле со трагедии токму поради некаква системска аномалија, но тоа било искористено како појдовна точка за надградба на системот, односно за поставување нови стандарди што сите мора да ги почитуваат. Државата е таа што треба да ги наметне тие стандарди, а граѓаните низ еден широк процес на запознавање со новите стандарди треба да почнат конечно да сфаќаат дека заобиколувањето на стандардите и наоѓањето пократки патишта како да се дојде до профит ќе значат истовремено кривична одговорност и казна
Трагичната несреќа во Кочани изнесе на површина недостатоци што се провлекуваат многу поодамна
Уште долго време македонското општество ќе ги залечува раните по трагичната несреќа во кочанската дискотека „Пулс“, во која животот го загубија 59 лица, а 155 беа повредени.
Она што беше првична генерална оценка од речиси целото општество е дека со децении во државата нема функционален систем што би спречил да се случуваат трагедии во кои страдаат голем број луѓе.
Но она што се загатна низ широката дебата во македонската јавност во овие траурни моменти е дека во основа системот постои, но маса поединци со децении го изигруваат и наоѓаат разни дупки како да го изманипулираат. Во тоа несебично им помагаат разни институционални апартчици, кои од лични финансиски побуди замижуваат пред неправилностите и ги дозволуваат, па на тој начин уште повеќе ја шират институционалната коруптивна мрежа, која завлегува во секоја пора на општественото живеење.
И високоразвиените земји почнале „ресет на системот“ откако ги искусиле
горчливите искуства
Европските искуства и примери покажуваат дека сите помалку или повеќе во еден момент се соочиле со трагедии токму поради некаква системска аномалија, но тоа било искористено како појдовна точка за надградба на системот, односно за поставување нови стандарди што сите мора да ги почитуваат. Државата е таа што треба да ги наметне тие стандарди, а граѓаните низ еден широк процес на запознавање со новите стандарди треба да почнат конечно да сфаќаат дека заобиколувањето на стандардите и наоѓањето пократки патишта како да се дојде до профит ќе значат истовремено кривична одговорност и казна.
Затоа за Македонија како држава и за целото општество последниот трагичен настан во Кочани мора да биде своевидна катарза што ќе значи прочистување и започнување нов сеопштествен процес што ќе значи воведување драстично повисоки стандарди од она на што граѓаните досега се навикнале. Кочани мора да биде македонскиот нов почеток.
– Живеам во Шведска нешто помалку од 23 години. Еден период бев активен во организираното живеење на Македонците што живеат во Шведска. Во тој контекст бев претседател на Управниот одбор на македонскиот клуб „Гоце Делчев“ од Гетеборг и во повеќе мандатни периоди организационен секретар на Македонскиот сојуз во Шведска.
Во наведените својства сум бил директно одговорен или сум бил дел од поголем број ангажирани лица во организација на некој настан. Тоа биле најчесто настани, концерти, јубилеи, прослави и слично, на кои биле присутни помеѓу 150 и над 2.000 луѓе.
Од настаните би издвоил еден пример кога ракометарите на Македонија беа гости во клубот „Гоце Делчев“, при што имаше околу 2.000 луѓе што сакаа да се видат со нив. За таа цел, претходно се обративме до локалната заедница (некој одбор за млади и спорт во општината) и им образложивме, аргументиравме дека настанот позитивно ќе влијае меѓу симпатизерите, навивачите, ќе ги амортизира сите недоразбирања што би можеле да се појават за време на натпреварите, ќе создаде позитивна атмосфера што ќе влијае на промоцијата на здрави вредности, спорт, рекреација и сл.
Ќе направиш процена колкав трошок ќе биде тоа за буџетот на клубот и ќе побараш партиципација во некоја ставка. Тие ќе понудат да ги платат трошоците за агенциите за обезбедување, ред, точење алкохол и слично. Одборот секогаш лесно ќе го оправда буџетскиот издаток со контрола на безбедносните ризици итн. – вели Ацо Каланоски, нашинец што живее и работи во Шведска.
Тој појаснува дека секогаш кон ваквите настани треба да се пристапи со голема одговорност и дека безбедносна на присутните е на прво место.
– Одговорноста е огромна. Секогаш и секаде на прво место е безбедноста на присутните. Контролата на влезовите и излезите за итни ситуации е перманентна и тука никакви компромиси не се дозволени. Секаква импровизација со противпожарните апарати или хидранти е недопустлива и при контрола, која се спроведува од лиценцирани фирми за инспекција, се санкционира ако има некакви недоследности. Во својство на одговорен во некој од клубовите и сојузот морате да реферирате и пред соодветниот Управен одбор или Претседателството. Секогаш безбедноста на членовите и присутните била на прво место, а потоа следувале отчети пред ревизорски комисии или се отворале дебати за тоа како би можело да се организира некој настан подобро и слично – објаснува Каланоски.
Шведска воспостави високи стандарди откако плати превисока цена
Според него, ниту во Шведска работите не биле поинакви претходно, но лошите искуства како она со пожарот во дискотека во Гетеборг кога загинаа 63 млади луѓе, а над 200 беа потешко повредени, придонесоа државата да направи ресет така што ги заостри законите, ја стави безбедноста како приоритет и никогаш повеќе не дозволи таква трагедија.
– Притисокот од настанот што се случил во 1998 година во Гетеборг беше голем. Тоа се чувствува буквално при организирање на секоја манифестација. Постои стандардна оперативна процедура што мора да се следи и која ги исклучува најмалите ризици дека хаварии од поголеми размери можат да се случат. Се разбира дека калкулација со ризиците не вклучува подметнувања пожари како оној во 1998 година, бидејќи тоа е надлежност на сосема други институции. Шведска има перманентен проблем со опасностите од пожар, особено во зимскиот период пред Божиќ. Тука постои култ кон изворите на светлината, особено т.н. жива светлина од свеќи и оган. Во тој контекст постои перманентна активност на сите институции за да се обезбедат сите од евентуални несакани последици – посочува Каланоски.
Тој уште додава дека македонските клубови и членовите на нивните управни одбори се во перманентна комуникација со институциите на локално ниво за да се обезбеди соодветно ажурирање со новите појави, кои знаат да претставуваат проблем и се означени како ризични.
– Се вршат перманентни обуки и на тој начин се гради свесност, но и се подигнува нивото. Непридржувањето кон стандардите и процедурите се смета најпрво за некултурно, морално неприфатливо и на крајот за казниво поведение – истакнува Каланоски.
Тој уште додава дека за таа цел постојат специјализирани агенции што се грижат за редот и бројот на присутни во одредена просторија, за консумирање алкохол и особено за статусот на малолетните лица на определени манифестации.
– Мислам дека најважно од сѐ е присуството на институциите. Тие се активни, живи и нивното присуство влева сигурност, особено кај оние што се појавуваат во улога на организатори. Во тој контекст можам да потврдам дека да, полесно е да се организира настан, манифестација или собир во Шведска отколку во Македонија. Помошта од институциите во такви ситуации не само што е евидентна туку и ќе ви се заблагодарат што сте искомуницирале со нив и сте побарале, совет, помош или партиципација. Во Македонија ако се обратиш за организирање некаква манифестација, најпрво ќе ти побараат мито и тоа се претвора во навистина стресна ситуација – заклучува Каланоски.
Државата воспоставува систем во функција на граѓаните, а луѓето се тие што треба да се придржуваат до востановените норми, но наедно да се и контролори и коректори
Да инсистираме на решително спроведување на нормите, а да целиме кон повисоки стандарди
Во почитувањето на законите и прописите е слободата на граѓаните. Придржувањето на секој поединец кон нив создава ред, поредок и систем во кој секој ги знае своето место, своите права, своите обврски и своите слободи и поведенија со кои не смее и не е дозволено да го загрозува другиот (граѓанин). Искуствата што ги споделуваат поединци потврдуваат дека во нашата држава има систем и востановени стандарди, но мал број ги почитуваат. Токму тоа е ограничувачки фактор за да може да владеат правото и слободите на индивидуата и колективот, во рамките на пропишаното позитивно право, кое граѓаните го бараат токму од своите институции
Речиси сите трагични настани што ја погодија државава изминатите три децении во најголем дел се поради непочитувањето на востановената процедура, односно избегнување на стандардите и немањето никаква контрола од страна на надлежните.
Искуствата што ги споделуваат поединци потврдуваат дека во државата има систем и востановени стандарди, но мал број ги почитуваат.
– Се жалиме на загаден воздух, а во добар дел на станиците за технички преглед им се прогледува низ прсти на граѓаните чии издувни гасови од возилата ги надминуваат дозволените вредности. Повеќе од 80 отсто од увезените половни возила од странство се со неисправни катализатори, некои дури и со отстранети. Автобусите што превезуваат патници поминуваат сомнително, па затоа ни се случија трагедиите кај Ласкарци и во Бугарија, а при секоја рутинска контрола на сообраќајната полиција се открива неисправно возило. Има еден куп мали леарници во урбани средини, работилници и слично, никој не ги контролира. Затоа се потребни стандарди, да се знае каде и што може. Тука и граѓаните мора да реагираат, односно сите да бидат инспектори и да пријавуваат секаква аномалија – вели Богдан Ѓурчиновски, пензионер.
Слични искуства со она што се случи во Кочани споделува и Никола, клавијатурист во една скопска група, која веќе неколку години не се занимава со музика.
– Сме свиреле низ цела Македонија по разни клубови, во Тетовско, Гостиварско, на југот на земјата, низ Скопје и малку од тие клубови, ако така може да се наречат, имале нормални услови за работата што ја вршат. Секаде беше преполно, многу повеќе од капацитетот на објектот, луѓето се тискаа, внатре се пушеше, вентилацијата беше слаба или ја немаше, по подот имаше развлечени продолжни кабли, а многу често се случуваше да имаме проблеми и со статичкиот електрицитет. Дури имавме и еден инцидент со удар на струја на еден од музичарите бидејќи газдата на клубот немал поставено заземјување. Среќа во тоа време што немаше лесно достапна пиротехника, инаку којзнае што ќе се случеше. Редовно се пречекоруваше дозволеното време, ќе дојдеше полиција, ќе се видеше со газдата и потоа ќе продолжевме уште најмалку половина час, малку потивко, но продолжувавме. Сите тие, барем во помалите места, се врзани некако. Она што беше впечатливо речиси секаде е тоа што влезот истовремено е и излез, немаше никаде дополнителни излези за итен случај, така што сега кога се навраќам од оваа перспектива, само Господ нѐ чувал во какви сѐ не дупки свиревме. Имаше и убави и пристојни места, но тие беа малку – ја завршува својата приказна Никола.
Од друга страна, искуството што го сподели Марија, копретседателка на поранешна невладина организација, говори дека систем и стандарди има и дека кога се почитуваат, тогаш нема проблеми.
– Секоја година организиравме настан во кој беа вклучени над 200 средношколци. Тоа за нас беше голем предизвик бидејќи бевме свесни дека се работи за деца и дека нивната безбедност ни е пред сѐ и над сѐ. Пред одржувањето на настанот, 24 часа претходно ја информираме полицијата со кратки назнаки за настанот, бројот на луѓето, а тие си изработуваа безбедносна процена и ни даваа дозвола. Потоа, ја информираме и институцијата на чија територија се одржува настанот, па и од таму добивавме дозвола. Стручен тим вршеше приклучување на електричните уреди и озвучување, а на манифестацијата без исклучок беше присутна и медицинска екипа со комбе за итна помош. Сите овие дополнителни работи чинат пари, но тоа се стандарди за настан од ваков калибар и ги почитувавме. Низ годините колку што ги одржувавме овие настани, никогаш немаше никаков проблем, децата си заминуваа среќни и задоволни, но и ние, затоа што сѐ минало во најдобар ред. И што е особено интересно, со текот на времето дури и самите ги зголемувавме безбедносните стандарди бидејќи колку што децата беа побезбедни, толку и ние бевме помирни – заклучува Марија.