ТЕНИС
Јаник Синер се пласира на завршниот АТП-турнир во 2025 година, придружувајќи му се на својот ривал Карлос Алкараз на финалето на сезоната во Торино (Италија), пишува Асоцијацијата не тениските професионалци (АТП). Актуелниот број 1 на ранг-листата на АТП на крајот на годината ќе се врати во својата татковина за да ја брани титулата, која ја освои во 2024 година без загубен сет. Тој турнир на програмата е во ноември.
Синер ќе се натпреварува на настанот трета сезона по ред и четврти пат вкупно. Тој има скор од 10 победи и два пораза на турнирот, а во претходните две изданија загуби само од Новак Ѓоковиќ (во финалето во 2023 година), пишува АТП.
Италијанскиот тенисер има уште една извонредна година, во која освои два гранслем-трофеја втора сезона по ред и стигна до финалето на турнир од мастерс-серијата 1.000, во Рим. Синер годинава ја одбрани својата титула на гранслем-турнирот Австралија опен и првпат победи на Вимблдон. Тој, исто така, имаше три меч-поени во финалето на Ролан Гарос пред да загуби од Алкараз.
Синер е единствениот тенисер што е број 1 на ранг-листата на АТП сезонава. Тој го држи првото место 60 недели по ред, почнувајќи од искачувањето на врвот во минатиот јуни. Синер ќе се трка со Алкараз и за годишниот број 1 на АТП-листата.
Н.М.