Збирката „Бели мугри“ е неделива од живот на Коста Рацин, како и од неговите политички и национални определби. Во суштина, оваа збирка поезија ги потврдува можностите за изразување и на најсуптилните чувства на македонски јазик, кој бил забрануван и одрекуван, а на крајот се оформува како симбол на македонската национална мисла
Деновиве Македонија како држава и општество, но и сите припадници на македонскиот народ, каде и да живеат, ја одбележуваат 85-годишнината од печатењето на првото издание на збирката поезија „Бели мугри“ од великиот македонски поет Коста Солев Рацин. Ова е трета стихозбирка објавена на македонски јазик по стихозбирките на Венко Марковски, „Народни бигори“ и „Огинот“, објавени во 1938 година. „Бели мугри“ е испечатена на 25 ноември во Загреб, поточно во печатницата на Драгутин Шпулер во 4.000 примероци. Насловот е испечатен со црвени букви, а поради опасноста да се дознае идентитетот на авторот, Коста Солев ја објавил под псевдонимот „К. Рацин“. Се верува дека псевдонимот „К. Рацин“ доаѓа од неговата сакана Рахилка Фирфова-Раца. Според некои извори, заслуга во издавањето на „Бели Мугри“ имал и познатиот хрватски и југословенски писател Мирослав Крлежа, кој го поддржал печатењето. Збирката „Бели мугри“ има извонредно значење во промовирањето на македонските јазични особености, како и за целите на македонската национална мисла, оттука стихозбирка се оценува како крупен настан за националната историја на Македонија и македонскиот народ. Во услови кога се негирале македонските јазични и други национални особености, збирката „Бели мугри“ се оформила како симбол на македонската национална мисла и стремежи.
Врвен дострел на Рациновото творештво
Стихозбирката „Бели мугри“ е составена од 12 песни, во пет циклуси напишани на велешки дијалект, со примеси од западномакедонските говори, во кои доминираат економските и политичките теми. Насловот на стихозбирката е симболичен – пејзаж што е посакуван од работниците, аргатите и сите експлоатирани луѓе. Тоа е ново утро, нов почеток, нов живот во кој сите ќе бидат еднакви. „Бели мугри“ била создадена под влијание на народната поезија, како и на „Зборникот“ од браќата Миладиновци. Највпечатливи мотиви во Рациновите песни се: аргатската мака („Денови“ и „Селска мака“), социјално-класната неправда („Тутуноберачите“), револуционерниот повик („Копачите“), патриотските мотиви („Елегии за тебе“, „Утрото над нас“ и „Татунчо“), жалта за пропаднатите занаети („На Струга дуќан да имам“) и печалбарската тага („Проштавање“).
Збирката претставува извонредно крупен настан во културната и политичката историја на македонскиот народ и пошироко. Тоа е врвен дострел на Рациновото творештво. Делото е неделиво од неговиот живот и неговото политичко и национално определување. Во суштина, „Бели мугри“ ги потврдува можностите за изразување и на најсуптилните чувства на македонскиот јазик, кој бил забрануван и одрекуван. Творечки се потпира врз достоинството што го носи македонското народно епско и лирско творештво, збогатено со сопствен творечки однос. Се создава поезија изворна и своевидна, автентична и длабоко доживеана со јазик на убавината.
Со полна поетска сугестивност и емотивност ги изразува црнилата на животот на македонскиот човек и вечните стремежи на човекот за подобар, поправичен свет, песни што ќе ги отворат прозорците за благороден културен натпревар со другите народи во светот. Со „Бели мугри“ се отворил патот на современата македонска книжевност и така Коста Рацин станал еден од основоположниците на современата македонска книжевност.
Симбол на македонските национални особености
Во периодот кога се објавува стихозбирката „Бели мугри“, Никола Вулиќ, истакнат српски археолог, одржал предавање во Српскиот културен клуб во Белград, а веднаш потоа ова предавање било објавено во весникот „Време“ под наслов „Јужна Србија или Македонија“. Основната поента на предавањето била да докаже дека нема место за залагањето на Македонците за употреба на името Македонија како синоним за некаква народност и самобитност, и уште помалку македонското залагање за афирмација на македонскиот јазик.
Тезите на Вулиќ предизвикале бура од негодувања и протести. Меѓу другото, студентското друштво „Вардар“ во Загреб презело иницијатива за спречување на предавањето на Вулиќ во просториите на „Пучкото (народно) свеучилиште“, со намера Вулиќ да се принуди јавно да дискутира со студентите од Македонија по прашањето за положбата на Македонија и македонскиот народ. По влегувањето на Вулиќ во салата, македонските студенти почнале да негодуваат против неговите погледи во однос на македонскиот народ и Македонија, некои фрлале јајца, други јавно ја истакнале „Бели мугри“, како доказ за постоењето на македонскиот јазик и култура. Публиката во салата создала неподнослива атмосфера, која го принудила предавачот да ја напушти салата. Надвор Вулиќ бил пречекан од Рацин и другите членови, кои биле определени да разговараат со него. Професорот бил замолен на мирен разговор за приведените проблеми, Вулиќ прифатил, но побарал во разговорот да учествува и професорот Јован Радоњиќ. Средбата се одржала на 3 декември 1939 година во хотелот каде што бил сместен Вулиќ. Во разговорите со двајцата професори учествувале: Рацин, Љупчо Арсов, Георги Василев, Благој Димитров-Панко и Тихомир Анчев.
На средбата се развила жива дискусија на која, меѓу другото, Рацин истакнал: „За мене е важно дека оваа земја се викала Македонија и дека извесни народи кои за таа земја оставиле спомен… Кај Македонците постоело сознание дека оваа земја некогаш се викала Македонија. Тие го извлекле од својата историска ризница своето име како и српските и бугарските идеолози. Во тој поглед на знамето на својата национална преродба го испишале своето македонско име. Мислам дека нашето македонско револуционерно движење под Турците го направило истото што го сториле, борејќи се, и Вашите Срби и Бугарите. Во тоа време се формирале овие две први држави и ја имаме нивната пропаганда, дека таа земја е нивна. Факт е дека на нашето знаме е запишано името Македонија. Вие веројатно помисливте дека е тоа влијание на туѓа пропаганда и во тоа е Вашата грешка. По тоа ја имаме борбата на македонскиот народ и борбата на Бугарите и Србите за превласт над оваа земја. Таа борба се водела за копањето на историската тапија. Се работело на тоа да се владее над овој народ. И Србите и Бугарите создадоа цели научни институти да го докажат правото да владеат над нашата земја. Македонците имаат нешто заедничко и со Бугарите и со Србите. Базирајќи се врз тоа, и Вие сте дошле до погрешен резултат. Националната преродба не се врши врз основа на историските натписи, туку дека таа земја е еднаква со другите и по својата етнографска положба и свест што постои кај народот. Што се однесува до економската положба, таа постои како самостојна област. Го имаме Солун како центар на таа земја. Но Вие заостанавте исклучиво на историска почва, барајќи ја фамозната историска тапија…“. Д.Ст.
Еден од најголемите современи македонски поети!
Коста Солев Рацин во македонската национална меморија останува запаметен како еден од најголемите современи македонски поети, како еден од основоположниците на современата македонска книжевност, како човекот што ја создаде стихозбирка „Бели мугри“, едно од најзначајните дела во современата македонска поезија. Но Рацин е многу повеќе од поет! Во услови кога македонскиот народ немаше сопствена држава и кога македонските национални особености – јазик, историја, култура итн., беа најгрубо омаловажувани и репресирани преку различни методи на асимилација, Рацин манифестираше кристално јасна македонска национална свет и преку своите дела ги заштитуваше и ги афирмираше македонските јазични, историски и културни особености.
„Утрото над нас“
От далечините модри се веат на слнцето златните далги, от далечините модри се леат на утринта росните влаги. По длги, меки ширини рамни магла се танка крева и по селата мали – заспали шумоли скришно врева. Шумоли – в срце тага налева за црноземните робја, шумоли скришно за мртви поља за села и градови – гробја. Ех, тиа длги ширини рамни! Ех, таја мака пуста! Мртви и темни сурови гламњи скршена гранка маслинка! По тиа пот се човечка дими и снага крвава цвили, по тиа радост никога нема а слнце радосно има! Но тиа росни утрини пресни копнат во гради и тлеат. Копнат и како бура пеат и како огин палат. Д.Ст.