Фото: „Нова Македонија“

ФУЕН ја усвои резолуцијата на Македонците во Албанија – порака до Европа за заштита на малцинствата

  • Резолуцијата поднесена од македонското друштво „Илинден“ – Тирана беше едногласно усвоена на генералното собрание на Федералната унија на европските националности (ФУЕН), одржано на 69-от конгрес во Болзано, Италија. Резолуцијата не е само декларативен акт – таа е официјален документ усвоен од најголемата европска организација за национални малцинства, која обединува 105 организации од 36 земји. И таа содржи конкретни барања

Македонското национално малцинство во Албанија доби силна поддршка на европско ниво. Резолуцијата поднесена од македонското друштво „Илинден“ – Тирана беше едногласно усвоена на генералното собрание на Федералната унија на европските националности (ФУЕН), одржано на 69-от конгрес во Болзано, Италија. Документот веќе е доставен до сите релевантни албански и меѓународни институции, а заради информирање и до македонските.
Резолуцијата не е само декларативен акт – таа е официјален документ усвоен од најголемата европска организација за национални малцинства, која обединува 105 организации од 36 земји. И таа содржи конкретни барања: ФУЕН ја повикува Република Албанија да го трансформира постојниот Комитет за малцинства во Министерство за национални малцинства – чекор што би значел институционално зајакнување и поголема видливост на малцинските заедници. Таа претставува европска рамка: Резолуцијата бара Албанија да ја ратификува Европската повелба за регионални и малцински јазици, што би обезбедило правна заштита и развој на македонскиот јазик во земјата. Четврто, сигнал кон меѓународната заедница: Со доставувањето до меѓународните институции, резолуцијата станува дел од поширок европски дискурс за правата на малцинствата, а не само локално прашање.
– Очекуваме албанските институции да преземат соодветни активности, а меѓународните да посветат особено внимание – изјави Никола Ѓурѓај, претседател на македонското друштво „Илинден“ – Тирана.
Со оваа иницијатива, македонското малцинство во Албанија не само што го афирмира своето постоење туку и ја засилува борбата за еднакви права, институционална заштита и културна афирмација. Усвојувањето на резолуцијата во Болзано е јасен сигнал дека прашањето за малцинствата е европско прашање. Поддршката од ФУЕН ја става Албанија пред нова обврска – да покаже дека е подготвена да ги усогласи своите политики со европските стандарди. Д.Ст.


Пораки од 28-от Семинар на словенските малцинства во Европа (ССМЕ) во Горица/Нова Горица

Малцинствата како темел на европската иднина

  • Од граница на поделби до лабораторија на мирот: 28-от Семинар на словенските малцинства во Горица/Нова Горица ја претвори историјата на болка и разделби во симбол на солидарност, културна дипломатија и европска борба за правата на заедниците – потврдувајќи дека прекуграничната соработка, зачувувањето на идентитетот и зајакнувањето на демократската застапеност се клучни темели за иднината на Европа

Границата што некогаш ги делеше семејствата и создаваше тишина околу правата на малцинствата, денес стана симбол на средби, дијалог и надеж. Во духот на Европската престолнина на културата (ГО!2025), прекуграничните градови близнаци Горица и Нова Горица беа домаќини на 28-от Семинар на словенските малцинства во Европа (ССМЕ), одржан од 20 до 23 ноември. Организатор на настанот беше Федералната унија на европски националности (ФУЕН), во соработка со словенечките организации. Над 30 претставници од различни европски земји се собраа за да ја потврдат својата солидарност и да ја нагласат потребата од нова енергија во борбата за малцински права. Отворајќи го семинарот, потпретседателот на ФУЕН и претседател на ССМЕ, д-р Хартмут С. Лајпнер, ја истакна симболичната тежина на локацијата за семинарот.
– Горица/Нова Горица ни покажува што навистина можат да значат малцинските права и прекуграничната соработка. Оваа заедница ја претвори тешката историја во надежна иднина – рече Хартмут С. Лајпнер.
Но Лајпнер предупреди дека европската сцена останува загрижувачки тивка. Тој го спореди локалниот успех со стагнацијата на европско ниво, потсетувајќи на отфрлениот „Малцински безбедносен пакет“ и проблемот со дигиталното геоблокирање.
– Малцинствата не се на агендата на Европа. Дигиталните граници нѐ повредуваат исто како што некогаш ни наштетуваа физичките – нагласи тој.
На свечената седница во Салата на Покраинскиот совет, градоначалникот на Горица, Родолфо Зиберна, ја нагласи потребата од конкретни политички чекори: „следниот логичен чекор е загарантирано место за словенечкото малцинство во италијанскиот парламент. Малцинствата заслужуваат такви заштитни мерки“. Сенаторката Татјана Ројц потсети на симболичното враќање на Народниот дом во Трст како чин на етичка почит, но предупреди дека застапеноста е загрозена.
– Со намалувањето на бројот на парламентарци, регионот Фриули Венеција Џулија изгуби 40 отсто од своите претставници. Затоа мора да се регулира застапеноста со закон – рече Татјана Ројц.
Весна Хумар, државна секретарка на Словенија, ја нагласи посветеноста на матичната држава кон своите иселеници, нагласувајќи дека Словенија има министер за повеќе од половина милион Словенци во дијаспората – реткост во Европа.
– Нашата задача е не само да ги зачуваме правата туку и да ги надградуваме – рече Хумар.
Во текот на тридневната програма, учесниците дебатираа за образованието, медиумите и економијата на словенечкото малцинство во Италија. Посети беа организирани во Словенечкиот средношколски центар во Горица, како и во селото Штеверјан, каде што учесниците се сретнаа со градоначалникот Марјан Друфовка и културното здружение „Бришки Грич“. Д.Ст.