Фото: Пиксабеј

По зголемувањето на царините од САД

Симон Мишел не можеше да ризикува да чека повеќе. Додека Швајцарија ја оценуваше шокантната најава дека САД ќе воведат царина од 39 отсто, главниот извршен директор на „Ипсомед“ (Ypsomed Holding AG) сфати дека треба да дејствува. „Ипсомед“ планира да премести дел од производството на медицински помагала во германскиот град Шверин, каде што царината е помала од половина во однос на швајцарското ниво. Извршниот директор, исто така, сака да го зголеми производството во САД, како што истакна за „Блумберг“.
Компанијата со седиште во Бургдорф не е единствена што се обидува да се снајде. Низ целата земја, раководителите и сопствениците на бизниси, од големи мултинационални компании, како што е прехранбениот гигант „Нестле“, па до мали домашни шампиони, се обидуваат да сфатат како да се справат со новата реалност. Обемот на царината ги надмина сите очекувања и ја изненади швајцарската бизнис-елита.
Во телефонски разговор со раководителите, еден од главните преговарачи на Швајцарија рече дека сè уште работат на намалување на вкупната царинска стапка. Нивниот одговор до неа беше директен: нема замена за американскиот пазар.
Плановите за преместување на производството, како оној на Мишел, би можеле да се променат доколку Швајцарија го одоброволи американскиот претседател Доналд Трамп да ја намали царинската стапка. Но, некои бизниси веќе ги земаат работите во свои раце.
Производителот на машински алати „Нетстал“ се стреми да го намали уделот на швајцарските компоненти во својот синџир на снабдување за производи наменети за американскиот пазар, што сочинува приближно 15 отсто од приходите.
– Нарачките од САД веќе се намалија за 20 отсто во првата половина од годинава – рече извршниот директор Ренцо Давац.
И состојбата веројатно ќе се влоши ако Швајцарците не добијат подобар договор.
Адриан Штајнер, извршниот директор на фирмата „Термоплан“, која произведува апарати за кафе за „Старбакс“, меѓу другото, скицира планови за проширување на производствените капацитети во ЕУ и САД. Сепак, тој сака да ја почека конечната одлука додека не стапат во сила американските царини.

Забрзана испорака и наплата

По најавите на американскиот претседател Трамп за тарифите, некои фирми без целосно диверзифицирано производство, однапред извршија наплата и испраќање пратки во САД.
Шпедитерската компанија „Куне и Нагел“ забележаа мало зголемување на испораките од Швајцарија до САД во тој период. Но, за компаниите што чекаа, верувајќи во оптимистичките пораки на владата за договор со САД, минатата недела имаше шок. Сега, нема време.
– Има одредено придвижување за забрзување на испораката, но генерално временската рамка е премногу кратка за товарење непланирани пратки во контејнери, а потоа за влез и качување на брод. Многу производители од внатрешноста едноставно немаа време – рече портпаролот на „Куне и Нагел“.
Ризиците за швајцарската економија се значителни. Царинска стапка од 39 отсто може да намали еден отсто од бруто-домашниот производ на Швајцарија на среден рок. Додека големите мултинационални компании имаат одредена шанса да ги преориентираат синџирите на снабдување и производството за да се справат со состојбата, тоа е многу потешко за помалите семејни бизниси. Некои компании се обидоа да ги надминат царините со наплаќање на испораките однапред, на почетокот на годината.