Фото: ЕПА

Експертски опсервации на американскиот професор Ричард Д. Волф во неговиот аналитички проект „Економски ажурирања“

Новите царини, измените со конкретните административни потези на новата влада во САД, мерките што ги преземаат, но и ефектите од одлуките на корпорациите и големите бизнисмени се меѓу главните теми во анализата на кои се осврна американскиот професор Ричард Д. Волф. Професорот во анализата со наслов „Економски ажурирања“, исклучително интересно ги лоцира економските феномени во САД, поконкретно за тоа „како профитот ги движи корпоративните одлуки за преместување на американските фабрики во странство, со што американската економија станува ранлива на долгите, глобални линии на снабдување“, а анализира и за прашањата „зошто Кина е во подобра позиција во трговската војна со САД“…

Професорот Ричард Д. Волф за царинските тарифи кон Кина

– Да разгледаме неколку клучни аспекти поврзани со царините кон Кина. Имено, таа тарифна битка ја започнаа САД, па потоа и Кина возврати со повратни царини. Исто така САД воведоа царини кон голем број држави, додека Кина не воведе кон никого, само кон САД.
А причината, дека Кина извезува повеќе од САД кај нас отколку ние кај нив, и ние сме им потребни повеќе отколку тие нам… Но што ја прави Кина цврста?
Кина со години гради сојузништво со голем број сојузници низ Азија, Африка, Јужна Америка… но и со земји од Индонезија… Тие можат да произведат и да испорачаат голем број производи за своите сојузници, но САД не го можат тоа.
Од друга страна, САД поради поскапувањата ги оттурнуваат своите сојузници. Канада и Австралија им беа сојузници на САД со години, но сега на површина испливаа победници што се против Трамп и против сегашната администрација – укажува професорот.
Тој дополни дека Кина победува во трговската војна најмногу поради одлуките на САД, кои губат поради начинот на кој ги третираат сојузниците во моментите кога им се најпотребни.
– За разлика од порано кога производите пристигнувале од соседството или кај нас се разнесуваа низ земјата, денеска производите патуваат голем пат до крајниот корисник. За разлика од САД, каде што многу фабрики се затворија, но сѐ уште многу работи се прават тука, имаме напредна технологија… Досега ни кажуваа дека треба да го прифатиме долгиот синџир на набавки, поради што се случува да заглават испораките и да имаме празни полици. Но поради падот на економијата, средната класа се изгуби, нема веќе комодитет да ужива во животот… наместо вообичаени набавки од средните плати, денес средната класа се соочува со сериозен пад на куповната моќ – посочува професорот.
Според него, клучно прашање е „зошто долги синџири на снабдување, зошто увоз, кога голем број производи некогаш се произведувале во САД“. Појаснува дека производството низ годините, без оглед дали се републиканци или демократи на власт, се намалувало, иако сите најавувале дека ќе го зголемат.
– Уште во 1970-тите години се случи нешто што започна и сѐ уште се случува, што значеше егзодус на бизниси од САД, и тоа производители што си заминаа, бидејќи им беше попрофитабилно да ги преселат бизнисите. Со авионите се овозможи стоката да патува насекаде и тоа го направи производството поевтино. Наедно и технологијата или телекомуникациите се подобрија, што овозможи подобра и побрза комуникација, што исто така ја помогна транзицијата на производството – напоменува професорот Волф.

Професорот Ричард Д. Волф за селењето на производството надвор од САД и исчезнувањето на производната компонента

Во контекст на ова прашање, односно за дислоцирањето на производните капацитети од САД надвор во странските земји, професорот Ричард Д. Волф изјави дека „секоја голема американска компанија што можеше да го пресели своето производство, тоа и го направи, најмногу поради пониските трошоци за работна сила во другите земји“ и затоа компаниите ја напуштија Америка. Ова, според професорот, придонесе да исчезне производството од САД.
– Во 1970-тите, Детроит имаше два милиона луѓе, денес има само 700 илјади. Тоа се случува бидејќи е профитабилно за трите проценти што се работодавци во нашата земја, односно за десетте проценти што се сопственици на 80 отсто од акциите на компаниите на берзите. Да, за нив е супер, но нас другите не ни е супер! И дали таа долга линија на синџирот на снабдување, која ги загадува океаните, водата, воздухот, е во ред, дали е тоа мистерија?! Не, воопшто не е! Тоа е резултат на профитабилноста!
Компаниите ја зголемија линијата (синџирот) на набавката и наместо да патува само низ САД, и тоа со воз, синџирот сега се протега низ целиот свет…, но ова не го направивме ние, туку корпоративната елита, тие го направија! Но сега, кога е тоа загрозено, сакаат ние да ги покриеме трошоците и да платиме за нив. Притоа тие американски корпоративни елити сакаат да ги обвинат Кинезите за тоа – укажува професорот Волф.
За крај, професорот посочи дека Кина не ги испразни фабриките, туку таму се отворија нови фабрики, таму е производството, па затоа не зависат од долги синџири за набавка, исто како што не зависеа ниту САД пред 50 години. Потоа истакна дека тие немаат проблеми поради долгите синџирите за набавки, не ги чувствуваат бидејќи ја организираа економијата поинаку.
– Ние можеме да научиме од нив наместо да им се закануваме на синдикатите, треба да преземеме некоја лекција, да им дадеме од нашите, но и да научиме од нив. Тоа е можеби најдобар начин да се зачува нашата економија – истакнува професорот Ричард Д. Волф во својата анализа „Економски ажурирања“.

Е.Р.


Нов пресврт во врска со одлуката на американскиот Основен суд за меѓународна трговија за замрзнување на високите царински тарифи на Трамп

Апелација експресно пресече и ја блокира одлуката на понискиот суд

Најпрвин, мало потсетување на судскиот процес во врска со царинските тарифи на Трамп.
Во средата, тричлен судечки совет во американскиот Суд за меѓународна трговија (УСЦИТ) во Њујорк пресуди дека Трамп ги пречекорил своите овластувања со спроведување царински режим врз десетици земји во обид да го оживее домашното производство и да ги намали буџетските дефицити со генерирање приходи од увозни давачки. Оваа пресуда (од средата) веднаш беше обжалена од страна на администрацијата на Трамп до повисокиот суд од втор степен, односно Апелациониот федерален суд.
Апелациониот федерален суд инстантно реагираше. Така, Апелациониот суд, еден ден подоцна, односно во четвртокот, заседаваше, при што одобри „итен предлог за повторно воведување (враќање) на царините“, токму онака како што ги вовел со одлука американскиот претседател Доналд Трамп.
Зачудувачки се експресната постапка и ефективноста на американските судови. Имено, одлуката на Апелациониот федерален суд дојде само еден ден откако Основниот трговски суд пресуди дека „воведените царински тарифи ги надминуваат овластувањата на претседателот“.
Сега, вака стојат работите: Апелациониот суд на САД за федералниот округ во Вашингтон „привремено ја блокира одлуката на понискиот суд, но не даде образложение за одлуката, туку само им даде на тужителите рок до 5 јуни да одговорат“!
Претседателот на САД, Доналд Трамп, на социјалната мрежа Трут соушл кратко по наредбата на Апелациониот федерален суд за одложување на пресудата на Основниот суд, напиша: „Пресудата на Американскиот суд за меѓународна трговија е толку погрешна и толку политичка! Се надевам дека Врховниот суд ќе ја поништи оваа ужасна, заканувачка одлука за земјата, БРЗО и РЕШИТЕЛНО. Не смее да им се дозволи на ’измамниците‘ од затскриената област да ја уништат нашата нација! Во ужасната одлука се наведува дека ќе морам да добијам одобрение од Конгресот за овие царини. Со други зборови, стотици политичари ќе седат околу Вашингтон со недели, па дури и месеци, обидувајќи се да дојдат до заклучок што да им наплатат на другите земји што се однесуваат неправедно кон нас. Ако му се дозволи да остане, ова целосно ќе ја уништи претседателската моќ – претседателството никогаш нема да биде исто!“.
За текот на настаните да биде појасен за читателите, издвојуваме дека при воведувањето царини, „претседателот на САД, Трамп, се повика на своите овластувања според Законот за меѓународни економски овластувања во вонредни состојби од 1977 година (ИЕЕПА), кој му дава на претседателот овластување да ја регулира трговијата кога ќе препознае закани што можат да претставуваат национална вонредна состојба“! Тоа беше прв пат претседател да ја повика ИЕЕПА во тарифна ситуација.
Од друга страна, тужителите на оваа одлука на Трамп тврдеа дека Трамп немал овластување според ИЕЕПА да воведува толку широко распространети царини.
Сега Апелациониот федерален суд нареди одложување на пресудата на Основниот суд. На тужителите им е даден рок до 5 јуни да одговорат.

Е.Р.