Од творештвото на писателот Васил Мукаетов
Глобусот е светот на дланка
напоредници и меридијани.
Зелени копна, планини сиви,
модри мориња и океани.
Со дедо ми шетаме мудро,
Со прстот – некаде над Сахара.
Некои непрегледни песоци жолти,
трепери воздухот – како над скара!
Не сме за тука!
Овде од жештини,
главата пука!
Одиме на север!
Арктик и Гренланд. Ледено Море!
Сѐ е во мраз. Од долу до горе!
Не сме за тука!
Како во фрижидер
срцето чука.
Австралија!
Таму се тетин Јосиф
и тетка Наталија!
Вчера ни се јавија.
Сите ги поздравија.
Не сме за таму!
Чекаме да долетаат
нашите ваму!
Малку е десно!
Суптропски страни – и вулкани!
Не ни е лесно. Дури и бетер.
Вулкан – Попокатепетел.
Не сме за тука. Налево круг!
Нека повели некој друг.
Дедо ми намигна. И се смешка.
– Да не влегуваме од грешка во грешка?
Дај види каде е нашава куќа.
Најди го и соседовиот дуќан!
Овде е вистинско место на внукот.
И оди навади го во бавчата лукот.
(Од книгата „Има ли и страна петта?“)