Снежана уште од мала беше активно дете што сака да се дружи, да игра, да трча, да испробува нови нешта без страв. А најбитно од сѐ, многу е упорна и не се откажува сѐ додека не го постигне посакуваното, вели татко ѝ Мицко Алексовски, кој и самиот учествува во трката
Викендов цела Гевгелија трчаше по четврти пат
Четвртото издание на трката „Ноемвриска трка Гевгелија“ (November run Gevgelija) се одржа на 9 и 10 ноември и беше најмасовна досега. Низ улиците на Гевгелија трчаа над 2.700 тркачи, на вкупно шест трки, со што ова беше една од најмасовните трки организирани не само во Македонија туку и во регионот. Овие активности се дел од седмоноемвриската програма по повод 80-годишнината од ослободувањето на градот.
Во саботата, во 13 часот, во организација на фондацијата „Ице Бегов“ од Скопје и на атлетскиот клуб „7 Ноември“, кој застана зад целиот настан, почна инклузивната трка „Трчаме заедно“ (Run together). За сите учесници што беа пријавени на трката беа обезбедени маички и финишер-медали. Под мотото „Сите сме победници“, со цел да се поттикнат инклузијата, солидарноста и единството во заедницата, инклузивниот маратон за лица со попреченост го имаше своето успешно второ издание.
Во инклузивната трка сите се победници
– За инклузивната трка „Трчаме заедно“, со која започна целиот настан во саботата беа пријавени 800 учесници. Одзивот за трката беше голем иако таа не беше од натпреварувачки карактер. Желбата на сите нас беше да се покаже дека и лицата со хендикеп се рамноправни со сите други, а тоа за нив е поважно од која било награда – велат организаторите.
Потоа, од 13.30 часот, почнуваа детските трки во три категории – за генерациите 2011, 2012 и 2013, 2014-2017 и 2018 и помлади. Сите овие активности почнаа пред платото „Сава Михајлов“ во Гевгелија. Во 15.30 часот заврши и третата трка за деца. Во неделата се одржа главниот настан, трките на пет и на десет километри, кои почнаа во 9 часот.
Трето учество за првачето Снежана
Шестгодишната Снежана Алексовска годинава по третпат учествуваше на оваа трка и овој пат победи, со што ја извојува својата прва голема животна победа.
Таа е прваче во ООУ „Крсте Мисирков“ во Гевгелија, а родена е на 4 април 2018 година.
– Првпат на трката Снежана учествуваше кога имаше само четири години. Тогаш освои медал за учество во генерацијата 2016 и помали од неa. Лани освои трето место во генерацијата 2017 и помали и оваа година беше прва во генерацијата 2018 и помали – вели нејзиниот татко Мицко Алексовски, кој е наставник по физичко образование во нејзиното училиште, а исто така е долгогодишен кошаркарски тренер. Во моментот ја тренира екипата КК Гевгелија.
Снежана во остварувањето на својот сон има поддршка и од мама Радица. Има и едно и полгодишна сестричка, Борјана, со која за неколку години, верува дека ќе се натпреварува заедно во трката.
Инаку, ова темпераментно девојче потекнува од спортско семејство. Освен што татко ѝ е активен во спортот, дедо ѝ е карате-мајстор петти дан, а стрико ѝ е карате-мајстор прв дан.
Е па, тогаш не треба да нѐ чуди што Снежана веќе тренира кошарка во училишниот спортски клуб „Ѕвезди“ при основното основно училиште „Крсте Мисирков“. Таа многу сака да танцува хипхоп, а вели дека сака да почне со вежбање гимнастика.
– Снежана уште од мала беше активно дете што сака да се дружи, да игра, да трча, да испробува нови нешта без страв. А најбитно од сѐ, многу е упорна и не се откажува сѐ додека не го постигне посакуваното – вели татко ѝ Мицко Алексовски, кој и самиот учествува во трката уште од нејзините почетоци.
Вели дека ќе биде дел од манифестацијата и во иднина.
– Секако дека ќе продолжиме и понатаму да го поддржуваме овој спортски настан. Сепак, ние треба да бидеме пример за нашите деца пред сѐ. Како наставник по физичко образование свесен сум колку сето ова значи за нашите најмлади жители и каков стимул ќе им биде. Денес наставниците по физичко обрнуваат многу внимание на физичката кондиција на децата и сметам дека колку повеќе тие се оттргнуваат од мобилните телефони и од компјутерите и се насочуваат на некоја спортска активност, толку нашето општество ќе биде поздраво – вели Алексовски.
Трката на која учествуваше Снежана беше долга еден километар, а времето што го постигна беше 05:00 минути.
– Убеден сум дека Снежана искренo можеше да постигне повеќе, меѓутоа новите обврските околу училиштето не ѝ дозволија да се посвети максимално во текот на подготовките. На доделувањето на пехарот беше збунета, но храбро ја прими наградата и веднаш почна да размислува за тоа како ќе биде в година. Малку е да се каже дека беше пресреќна. Но, нема да верувате и покрај сѐ, таа вели дека кога ќе порасне сака да биде наставничка како нејзината – ни откри гордиот татко Мицко Алексовски.
М.Т.