Фото: „Нова Македонија“

Ако своевремено беа направени реформите, тогаш во сите состави на Уставниот суд ќе седеа многу повеќе истакнати правници наместо партиски послушници и немаше да поминат ниту Договорот за пријателство и соработка со Бугарија, ниту Преспанската спогодба, ниту Охридскиот рамковен договор, ниту територијалната поделба, ниту Законот за јазиците, уште помалку Законот за попис, разните автентични толкувања, меѓу кои и она за воените злосторства извршени од припадниците на раководството на ОНА, како и многу други закони и подзаконски акти со кои целосно се урниса и обезличи карактерот на македонската држава

Потребата за реформа на Уставниот суд е детектирана, се бара уште посилна општествено одговорна волја за такво нешто

Ниту по речиси три и пол децении независност Уставниот суд не успеа да се наметне како највисока институција што ќе ги заштитува уставниот поредок, демократијата и граѓанските права и слободи, туку многу повеќе дејствува како испостава на партиите на власта, најчесто оценувајќи ги законите според дневнополитичките потреби наместо по уставните начела.
Затоа перцепцијата меѓу граѓаните е таква што тие не го доживуваат Уставниот суд како независна „четврта власт во државата“, која треба да биде „коректор на политиките спроведувани надвор од позитивното право“ на трите преостанати власти, туку како елитно место каде што се вдомуваат судиите што во одреден момент одработиле нешто за одредена политичка структура во власта.
Токму затоа во Македонија низ годините стапија во сила редица противуставни закони, се формираа вонуставни институции, се креираа алатки што се косеа со македонскиот Устав итн., а сето тоа на штета на државата и граѓаните.
Противуставните (и противзаконските) процеси и поведенија, за кои Уставниот суд не собра сили да ги превенира уште на почетокот, резултираа со процеси за промена на карактерот на македонската држава, која сега е држава на македонскиот народ и други делови од народи, уште една противуставна категорија непозната во меѓународното право.

Силјановска-Давкова: Порадикални и похрабри реформи за функционален Уставен суд

Од тие причини, во рамките на она што значи целосно рестартирање на системот, сега повторно се актуализира прашањето за реформа на Уставниот суд, кој конечно треба да се разбуди од тридеценискиот зимски сон и да почне да ја работи работата заради која и постои, да се грижи за уставноста на секој еден закон, акт, пропис или претставка доставена до уставните судии.
– Во последните 34 години ние пропуштивме Уставниот суд да израсне во четврта власт, во коректор на односите меѓу трите власти и заштитник на слободите и правата на граѓаните. Ако сакаме промени, оваа институција мора да се одважи и посегне по својата надлежност, навистина да ја гради уставната демократија и независно да се однесува кон преостанатите власти – истакна претседателката на Република Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, говорејќи на тркалезната маса на темата „Дали ни е потребен закон за Уставен суд?“, која во понеделникот се одржа во Уставниот суд.
Според неа, добро е што се разгледуваат примери и се прават анализи за тоа како функционираат уставните судови во Германија, Франција, Шпанија, Португалија и Хрватска, но таа додава дека решението за тоа како Македонија да добие функционален Уставен суд мора да биде порадикално и похрабро.
– Може и уставната материја да се прошири, меѓутоа ние секогаш влегуваме со едни предлози за уставни измени, а излегуваме со други, бидејќи нашите политички пазари се чудни и измените што ги прифаќаме покрај потребните се такви што нѐ прават уште поспецифични и оригинални, ама во демократија, треба да сме европски стандардни – посочи претседателката.
Таа се согласи дека составот во Уставниот суд не се пополнува според предвидената пракса, туку според политичко-партиски заслуги.
– Иако сум професорка по Уставно право, ако побарате да набројам од 1991 година до денеска некои врвни уставни судии, кои оставиле печат на уставната демократија, ќе набројам пет-шест. Се сеќавам на првиот состав на Уставниот суд, на последниот и на некои уставни судии, најчесто преку Венецијанската комисија, меѓутоа за многу други не. Значи, не биле истакнати правници, туку биле истакнати политички или партиски активисти и за заслуга добиле место во Уставниот суд – појаснува Силјановска-Давкова.
Македонската претседателка уште еднаш повтори дека Уставниот суд мора да се реформира ако сака да ја поврати довербата кај граѓаните.
– Реформата треба да ги опфати следните работи: прво, да се прошири листата на заштита на слободи и правата; второ, да прецизираме дека од потпишувањето на меѓународните договори до ратификацијата, Уставниот суд би можел да има право на интервенција и надлежност; трето, да се прошири надлежноста и Уставниот суд да го има финалниот збор на референдумите и изборите; четврто, би сакала да го тргнеме од надлежноста на Собранието автентичното толкување на законите, бидејќи е остаток од комунизмот. И, мораме да го конкретизираме статусот „истакнат правник“ – констатира македонската претседателка.

Странците бараат ефикасен Уставен суд по теркот на европските судови

Ако своевремено беа направени реформите за кои говори претседателката Гордана Силјановска-Давкова, тогаш во составите на Уставниот суд ќе седеа многу повеќе истакнати правници наместо партиски послушници и немаше да поминат ниту Договорот за пријателство и соработка со Бугарија, ниту Преспанската спогодба, ниту Охридскиот рамковен договор, ниту територијалната поделба, ниту Законот за јазиците, уште помалку Законот за попис, автентичните толкувања за воените злосторства извршени од припадниците на раководството на ОНА, како и многу други закони и подзаконски акти со кои целосно се урниса и обезличи карактерот на македонската држава. Гледано од сегашна перспектива, како некој намерно да сакал неефикасен и партизиран Уставен суд за да може политичарите полесно да си поигруваат со законите, да ги користат за меѓупартиски договори, а сѐ со цел да се реализира сценариото на кое сега сме сведоци.
– Секој граѓанин може да праша која е улогата на Уставниот суд во изминатите 34 години, како е можно денеска да имаме историски најголема недоверба во комплетниот апарат. Значи, судот не направил ништо и треба да бидеме самокритични – вели Дарко Костадиновски, претседател на Уставниот суд.
Според Костадиновски, со право се критиките, Уставниот суд предолго време бил инертен и самиот Уставен суд треба да ги иницира реформите, затоа што, како што вели, ние „најдобро знаеме со што се соочуваме во нашата работа“.
Михалис Рокас, амбасадор на Европската Унија во земјава, нагласува дека без реформиран Уставен суд, Македонија уште долго ќе чека во европската чекалница.
– Реформата на уставното судство е една од најважните бидејќи Уставниот суд игра многу важна улога не само за обезбедување на владеењето на правото туку и за заштита на европските вредности, а реформата треба да одговори како најдобро да се заштитат независноста и интегритетот на Уставниот суд во едно опкружување што постојани се менува – порача Рокас.
Германската амбасадорка Петра Дрекслер во своето обраќање меѓу другото се осврна на влијанието на актуелните состојби на глобално ниво врз демократијата и владеењето на правото и на реформите што се неодамна спроведени во функционирањето на сојузниот уставен суд во Германија, кои треба да го заштитат судот, особено во однос на изборот и именувањето на судии.
– Уставните судови насекаде во светот играат многу важна улога во обезбедување заштита на основните прави и на поделбата на властите. На тој начин се поттикнува и промовира демократското општество, се поддржува владеење на правото, и затоа не можеме да дозволиме ранливости во нашите највисоки судови. Различните контексти, историски, политички и правни, можеби бараат различен одговор на прашањето на кој начин можеме да ги заштитиме нашите правни системи – рече Дрекслер, изразувајќи поддршка за процесот на реформа на уставното судство.
Амбасадорката на САД, Анџела П. Агелер, нагласи дека ова е клучен момент за судството и за граѓаните на Македонија.


Политичарите и партиите – настрана од Уставниот суд!

Познавачите на состојбите поврзани со ингеренциите и работата на Уставниот суд се категорични дека е потребна суштинска реформа на Уставниот суд за да може тој да ја врши својата улога како што треба, во спротивно се доведуваат под знак прашалник причините за неговото постоење.
– Уставниот суд мора да се реформира. Дали ќе се носи посебен закон за уставен суд или реформата ќе оди поинаку, за тоа прашање треба да се направи поширок договор. Како држава мора да покажеме сериозност. Ваков Уставен суд, кој дејствува по политички нарачки, никому не му е потребен, тој не ја врши својата основна функција. Да имавме Уставен суд како што треба, многу неуставни закони немаше да поминат. Уставните судии мора да бидат со висок кредибилитет, да бидат од редот на истакнати правници, кои се докажале во својата работа во правораздавањето, а не уставни судии да стануваат некои што биле само извршители на политички наредби и кои и во рамките на Уставниот суд ќе продолжат да ги извршуваат партиските наредби. Пред извесно време бевме сведоци како тројца уставни судии наместо да оценуваат уставност на одредби од Законот за употреба на јазиците, всушност слушаа партиски директиви и ја напуштија седницата. Тоа не се уставни судии. Кога вистински луѓе ќе седнат на вистински места, тогаш и Уставниот суд ќе се врати на својата основна задача, да го заштитува Уставот. Граѓаните ќе го препознаат тоа и довербата полека ќе почне да се враќа во она што се вика систем на коректура, или, кога некој закон ќе биде спротивен на Уставот, тогаш има институција што навремено ќе го коригира тоа и ќе ги спречи неговите штетни последици – велат познавачите.
Според нив, за да се случи реформа во Уставниот суд, потребно е и политичарите да ги тргнат настрана рацете од судството.
– Ако се има волја, сè може да се совлада. Без оглед што Уставниот суд во овие 34 години се извалка, сепак не се сите бродови потонати. Евтините трикови меѓу позиција и опозиција, кој е подобар, кој е полош, кој што предлага, кој не предлага, ќе продолжат и натаму, бидејќи сите тие имаат интерес криминалот и корупцијата да продолжат. Тоа веќе ги надминува сите граници и треба да исчезне. Во спротивно, ако продолжат така, тие ќе дозволат исчезнување на една држава и еден систем и како да не се свесни за тоа. Тука не е битна ниту една партија, сите имаат одговорност, но ако дозволат Уставниот суд да продолжи да не функционира, последиците ќе ги сносиме ние граѓаните, за жал. А тоа нема да го толерира ниту Европа – заклучуваат познавачите. С.Т.