Традицијата се чува и со театарски претстави

„Шеќерното дете и занаетчиите“ е интердисциплинарен проект, дел од годишната програма на Министерството за култура. Координаторка е м-р Даринка Веслиевска, а ги вклучува дисциплините: занаетите во минатото и денес, учење занает и едукативни и креативни работилници. Вториот дел е подготовка на детската аматерска претстава „Шеќерното дете“, адаптиран текст на Даринка Веслиевска според делото „Шеќерна приказна“ од познатиот македонски писател Славко Јаневски. Во делот на занаетите, во соработка со здружението „Иднина на традицијата“ и нивните членови Сашко и Гордана Стојаноски, се одржаа едукативни работилници под насловот „Занаетите во минатото и денес“ и „Дојди и научи занает“. Акцент беше ставен на бакрорезот, со кој се занимаваат како единствени занаетчии во нашата општина.
На почетокот се одржа и инклузивната работилница „Ајде да играме заедно“, низ интересни игри, со цел да се создадат емпатија и солидарност кон лицата и децата со попреченост.
– Оваа работилница ја реализира Дивна Стефановска Симовска, магистерка по специјална едукација и рехабилитација. Посетивме неколку занаетчии што сѐ уште опстојуваат во нашиот град, топло бевме пречекани и од Моника Ангелевска, која е дипломирана дизајнерка и има студио за венчаници. Паралелно течеа подготовките за двата дела на проектот, за претставата. На аудицијата беа примени 27 деца, се одржуваа проби и на 20 септември се одржа премиерата, а на 23 септември и реприза во преполната сала со публика. Режијата е на Сотир Чаушевски и на Даринка Веслиевска, сценографијата на Виолета Колодезни, костимографијата на Соња Шикалевска Ангелковски, музиката на Кристијан Милошевски и на Тони Карапанчевски-Леко, фотографиите и видеото на Кице Герасовски. Проектот е просторно поддржан од Општина Ресен и градоначалникот Јован Тозиевски, а упатуваме благодарност и до родителите што соработуваа и ни помагаа – ни рекоа организаторите на настанот.
Претставата „Шеќерното дете“ е автентично доловена според книгата „Шеќерна приказна“, но не е толку лесна за подготвување, има брзи промени и помалку текст со повеќе движења на сцена.
– Дечињата, кои беа на возраст од шест до 13 години, и покрај тоа што ова беше нивно прво искуство поврзано со театарот, глумеа беспрекорно и целиот тим создаде волшебно убава претстава. Посветеност, труд, соработка и пред сѐ љубов беа факторите што донесоа успех. Успехот се гледаше во сјајот во очите на публиката, вниманието со кое нѐ следеа и во насмеаните лица. Ќерката на писателот Славко Јаневски, Јана Јаневска, која ни даде одобрение да ја подготвиме претставата, ни се јави пред премиерата и ни посака успех. Беше среќна дека повторно го оживеавме прекрасното дело на нејзиниот татко. Уште наредниот ден добивме покани да гостуваме во други градови и да играме на голема сцена – велат авторите.
Тие дополнија дека проектот е од големо значење за целиот ресенски крај и за промоција на занаетчиството.
– Децата научија повеќе информации за занаетите, дури и изработија магнети, кои им беа подарени за спомен. Нашиот град е мал, но со богата традиција и вредности, кои благодарение на ваквите проекти може да им се покажат на децата, кои се најважен фактор во општеството и нашата иднина – посочија творците на настанот.

Ф.Д.