Според политиколозите, правниците, дипломатите и историчарите, потребно е ново редефинирање на односите меѓу Македонија и Бугарија, кое во својата суштина ќе содржи серија меѓусебни признавањa и симетрични договори, и тоа: признавање на посебноста на двата народа, односно признавање на македонскиот народ, признавање на посебноста на двата јазика, односно на македонскиот јазик, кој е различен од бугарскиот, потоа признавање на различната национална историја… Досега правевме сѐ обратно (потпишувавме договори за соработка во економијата, трговијата, културата и сл.), па Бугарија речиси секогаш го злоупотребуваше тоа. Затоа, крајно време е Македонија да ја сврти плочата во интерес на својот народ и на државата. Како? Токму за тоа има на располагање голем број правни, научни, историски и други аргументи и докази
КАКО ДА СЕ НАДМИНАТ СИТЕ ПРОБЛЕМИ И НЕДОРАЗБИРАЊА СО ИСТОЧНИОТ СОСЕД
Постојаните провокации што доаѓаат од Бугарија кон македонскиот народ и држава, нејзината континуирана асимилаторска политика и негација на сѐ што е македонско, но и зачестените изјави за територијални претензии кон нашата држава, ја наметнуваат потребата од целосно редефинирање на односот и политиките кон нашиот источен сосед.
Се добива впечаток како меѓусебните односи досега да беа поставени наопаку или врз принципот на превртена пирамида, што Бугарија обилно го користеше против нас, за остварување на своите аспирации и асимилаторска политика. И сега, под плаштот на наводна евроинтеграција, токму и од политички кругови од Бугарија, се инсистира на измена на македонскиот устав и внесување на Бугарите како државотворен народ. Тоа, пак, само дополнително ќе ја отвори вратата и ќе ги зголеми бугарските апетити за целосна деноминација на македонскиот народ и држава. Оттаму, според политиколозите, правниците, дипломатите и историчарите, потребно е ново редефинирање на односите меѓу двете држави, кое во својата суштина ќе содржи прво меѓусебно признавање на посебноста на двата народа, децидно признавање на македонскиот народ од страна на Бугарија, признавање на посебноста на двата јазика, кои се различни еден од друг, децидно признавање на македонскиот јазик, признавање на различната историја итн. Прво треба да почне оттаму, преку меѓусебно признавање на идентитетските, државните и историските атрибути, па потоа да се оди кон други облици на соработка. Досега правевме сѐ обратно (потпишувавме договори за соработка во економијата, трговијата, културата и сл.), па Бугарија секогаш го злоупотребуваше тоа, дека наводно сме едно исто. Затоа, крајно време е Македонија да ја сврти плочата во интерес на својот народ и на државата, за што на располагање има и голем број правни, научни, историски и други аргументи и докази, тврдат соговорниците.
Ваквата теза тие ја поткрепуваат и со низа практични примери, кои само ја потврдуваат констатацијата дека е неопходно редефинирање на курсот и политиките кон Бугарија.
Територијални претензии
Имено, иако меѓу двете земји постојат низа договори за соработка во различни области, а потпишан е и меѓусебен договор за добрососедство и пријателство, она што Бугарија го демонстрираше досега е само отворено непријателство кон Македонија.
– Така, на пример, во членот 11 став 3 од споменатиот договор за добрососедство се вели дека двете договорни страни немаат и нема да пројавуваат територијални претензии една спрема друга. Но токму Бугарија со своето поведение изминатиот период директно и повеќекратно го прекрши договорот искажувајќи отворени територијални претензии кон Македонија, за што постојат голем број примери. Долга е листата на бугарски политичари што изминатиот период даваа заканувачки изјави во јавноста со тенденција за присвојување и припојување на Македонија кон Бугарија – велат експертите по меѓународно право.
Меѓу најгласните секако е бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, кој во повеќе наврати изјавуваше дека „Македонија е бугарска!“, дека Охрид е бугарски град, дека нема Македонци итн. Изјави со навредлива, негаторска и асимилаторска конотација доаѓаа и од бугарскиот претседател Румен Радев, но и од други високи бугарски политичари. Кога на ова ќе се придодадат и континуираната негација на идентитетот и на посебноста на македонскиот народ, непризнавањето на македонскиот јазик, постојаните обиди за негација и фалсификување на историјата (што се случи и сега на Илинден), тогаш сликата е покомплетна, а потребата од промена на македонскиот однос кон Бугарија станува уште поургентна.
Европа и светот се свесни за реалноста, но…
Историчарот Бранислав Светозаревиќ смета дека Бугарија треба само да ја признае реалноста и тогаш двата народа можат да бидат најголеми пријатели.
– Треба само да го признаете македонскиот народ и да сфатите дека постојат три милиони Македонци во светот. Во дипломатијата е јасен реципроцитетот – се признава македонско малцинство во Бугарија и се признава бугарско малцинство во Македонија – е пораката на Светозаревиќ до бугарските власти.
Тој е изненаден што во 21 век Бугарите не признаваат цел народ, односно 300.000 Maкедонци не се во бугарскиот устав, нагласувајќи дека уште во пописот од 1956 година во Бугарија имало 180.000 Македонци во Пиринска Македонија.
Инаку, доволно е само да се споредат статистичките податоци и јасно да се воочи дискриминаторската и негаторска политика на Бугарија кон Македонија за разлика од нашиот секогаш пријателски, добрососедски или повеќе сервилен однос кон нив. Така, според статистичките податоци, пред речиси 70 години имало над 180.000 Македонци во Бугарија, додека денес во Македонија, исто така според најновите статистички податоци, има едвај 3.000 граѓани што се декларираат како Бугари.
– И ние сега треба да правиме уставни измени и овие 0,1 процент новопечени Бугари во Македонија да ги внесеме како народ и да им дадеме сите права, додека истовремено огромна бројка Македонци во Бугарија немаат никакви елементарни човечки права, па дури им се забранува и да се изјаснуваат како Македонци. Тоа е парадоксално – тврдат аналитичарите.
Токму деновиве, по повод одбележувањето на 120-годишнината од Илинденското востание, во Крушево се одржа научна конференција на која Стојан Герасимов и Костадин Георгиев имаа посебна трибина на темата „Нашата борба за македонството во Пиринска Македонија“.
На трибината јасно беше посочено со какви притисоци и репресии се среќаваат Македонците во Бугарија, со години и децении. Софија дури е подготвена да плаќа и високи казни пред меѓународните судови, институции и органи само да не ги признае законските човекови права на Македонците што живеат во Бугарија, беше кажано на трибината во Крушево.
Договори за траен мир со соседите врз основниот принцип на меѓународното право на суверена еднаквост!
Претседателот на Светскиот македонски конгрес и поранешен пратеник во првиот состав на македонското собрание, Тодор Петров, има свое видување во однос на актуелните политички случувања и потребата од редефинирање на политиките и односот кон Бугарија
– Без историја нема иднина. Бугарија во времето на Георги Димитров ѝ предложи на Југославија – обединување на Македонија! Македонија во времето на Георги Димитров имаше културна автономија! Се разбира, ако историјата не се познава, таа се повторува. Македонија, како и сите во светот, во односите со другите држави треба да инсистира на почитување на основниот принцип на меѓународното право на „суверена еднаквост“, што подразбира: заемно разбирање и почитување, соработка со сите по сите прашања од заеднички интерес, немешање во внатрешните работи на суверените држави и реципроцитет во меѓусебните односи! Договорот Заев – Борисов од 1 август 2017 година е асиметричен и штетен по државните и националните интереси на Македонија, а по содржина ништовен според Виенската конвенција за договорно право од 23 мај 1969 година! Софија во односите со Македонија не се придржува ниту на еден елемент од основниот принцип на меѓународното право, на „еднаква сувереност“, уште повеќе еднострано го толкува договорот Заев – Борисов.
Неизживеаниот романтизам на Софија за санстефанска голема Бугарија со територијални претензии кон Македонија, за жал, Европа го толерира. Тие територијални претензии Бугарија ги артикулира и во Втората светска војна, тогаш фашистичка Бугарија ја окупира Македонија и врши, како и порано, злосторства врз македонскиот народ. Тие територијални претензии на Бугарија кон соседните држави и денес се демонстрираат. И по 100 години од балканските војни и покрај меѓусебните анимозитети, сите околу нас се обединија во агресијата и негацијата против Македонија и македонскиот народ по сите основи: не ни ги признаваат името, јазикот, културата, историјата, територијата, црквата, државата… Македонија, се разбира, не може воено да се одбрани од сите непријатели околу себе со сите историски хипотеки. Но мора(ше) да примени стратегија за спас од територијалните претензии на Софија, Атина, Тирана и Белград и да кажеме: Културата и историјата на Македонија не се ексклузивно право, туку дел од културно-историскиот идентитет на сите балкански демоси како современи политички нации во чија основа е македонскиот етнос, независно од разликите во читањето на историјата од аспект на актуелната геополитика, дури и независно од разликите помеѓу современите литературни јазици како производ на современите политички нации – нагласува Петров.
Тој предлага историско помирување на македонскиот народ со соседните народи и договори за траен мир и добрососедство на државата Македонија со соседните држави, но врз основниот принцип на меѓународното право на суверена еднаквост!
– А, што се однесува до евроатлантските интеграции, и Владата и парламентарната опозиција МОРА да ја почитуваат суверената народна волја: одлуката на референдумот од 8 септември 1991 година, на кој речиси четири петтини од вкупниот број запишани избирачи, Македонци по род и државјанство, ГЛАСАА ЗА „суверена и самостојна држава Македонија“ без додавки и без придавки, одлуката на референдумот е задолжителна за сите, без исклучок. Македонците, по род и државјанство, од сите делови на Македонија, во светот и татковината, бараат веднаш и безусловно продолжување на членството во Обединетите нации под единственото државно име, кое се состои само од еден и единствен збор – зборот Македонија!
ГОЛЕМ БРОЈ ДОКАЗИ И ДОКУМЕНТИ СЕ ВО НАША ПОЛЗА, НО НЕ ЗНАЕМЕ ДА ГИ ИСКОРИСТИМЕ
Изостана проактивност на македонската дипломатија
Наспроти сегашната негаторска и асимилаторска политика кон Македонија, бугарските власти пред 67 години имале сосема поинаков однос и кон Македонците како посебен народ и кон македонскиот јазик. Тогаш и без договор за добрососедство и пријателство, меѓу двата народа имало поголемо почитување и меѓусебно уважување на потпишаните правни акти.
Така, според еден документ од 1956 година, на граѓаните на двете држави им се одобрува барањата за правна помош да ги испраќаат на бугарски, српско-хрватски, словенечки и на македонски јазик. Значи, Бугарија пред околу 70 години воопшто немала проблем за македонскиот јазик и го признала како посебен јазик од бугарскиот.
Овој договор, за меѓународна правна помош, е ратификуван со указ број 167 на президиумот на Народното собрание на Бугарија на 8 јуни 1956 година, а стапил во сила на 26.1.1957 година и е на неодредено време, што значи важи и денес.
Сето ова е најдобра потврда дека Бугарија преку билатерален договор со СФРЈ, во чии рамки тогаш е и Македонија, заверен во нивното Народно собрание и објавен во нивниот „Службен весник“ официјално го признала македонскиот јазик и таа одлука и натаму е во сила. Со самото тоа паѓаат во вода сите бугарски тези за непостоење на македонскиот јазик и непризнавање на посебноста на македонскиот народ и неговата историја. Зашто само посебен народ може да има и свој посебен јазик, различен од бугарскиот, и своја посебна историја, култура итн. За правните експерти сите овие документи и докази се потврда на апсурдноста на актуелните бугарски условувања и оспорување на јазикот и идентитетот на македонскиот народ и Македонија треба да знае да го искористи тоа.
– Очигледен е талибанскиот однос на соседна Бугарија кон работи што се веќе апсолвирани, а кои се однесуваат на примената на македонскиот јазик. Зачудувачки е како Европската Унија се персонифицира со овој процес и се идентификува со позицијата на Бугарија – смета адвокатот Тони Менкиноски, кој е најупатен во правните случувања и односот на Бугарија кон Македонците.
Но, за жал, токму овие историски правни докази и аргументи воопшто не се користат од страна на македонската дипломатија, со цел побивање на сите бугарски тези и во насока на редифинирање на односите меѓу двете држави.
– Со сите овие докази и аргументи буквално може да се исмее бугарската позиција во однос на Македонија. Секоја мудра дипломатија добро би го искористила ова, но, за жал, досега не се гледа намера да се направи тоа. Дури, напротив, се влечат потези што дополнително одат на штета на македонскиот народ- сметаат аналитичарите.
Сепак, сѐ уште не е доцна да се направат вистинските потези. Наместо сервилност и политичко слепило кон туѓите желби и барања, потребно е само политичка желба да се соберат на куп сите факти и докази и да се предочат пред домашната и меѓународна јавноста. Тоа би било првиот чекор во вистинската насока, во интерес на Македонија, ЕУ и вистинското добрососедство.
Сѐ друго е вртење во кругот на безизлезноста и агонијата.