Фото: „Нова Македонија“

На списокот има 20 ракометари и сите се од домашниот шампионат, односно 12 се од Алкалоид, шестмина од Еурофарм Пелистер и двајца се од Вардар 1961. Нема ниту еден интернационалец, додека во резервите е само голманот Мартин Томовски, кој настапува за германскиот клуб Потсдам

РАКОМЕТ

Селекторот на македонската машка репрезентација, Кирил Лазаров, го одреди скратениот состав на ракометарите на кој смета за настап на Светското првенство (СП), кое треба да се игра во Хрватска, Данска и во Норвешка 2025 година (14 јануари-2 февруари). Како што е познато, Македонија е во групата Д, во Вардаждин (Хрватска), каде што ќе се сретне со Унгарија на 15 јануари (20.30 ч.), два дена подоцна со Холандија (18 ч.) и на 19 јануари со Гвинеја (20.30 ч.).
На списокот има 20 ракометари и сите се од домашниот шампионат, односно 12 се од Алкалоид, шестмина од Еурофарм Пелистер и двајца се од Вардар 1961. Нема ниту еден интернационалец, додека во резервите е само голманот Мартин Томовски, кој настапува за германскиот клуб Потсдам. На списокот го нема ниту интернационалецот Филип Талески, кој настапува за португалската екипа Бенфика.
Во однос на претходното СП во Полска и Шведска 2023 година, на кое црвено-жолтите завршија на 27-то место од 32 селекции, во сегашниот повикан состав за подготовки ги нема Дејан Манасков, Гоце Георгиевски, Филип Талевски, Костадин Петров, Давид Савревски и Мартин Томовски.
Мундијалот во 2025 година е 29. по ред, трите првопласирани селекции од секоја од осумте групи ќе играат во втората групна фаза, во која ќе има четири нови групи, од кои, пак, првопласираните две репрезентации ќе настапат во четврт-финалето. Групата во која е Македонија во втората рунда ќе вкрсти со селекции од групата Ц, во која се Франција, Австрија, Катар и Кувајт.
За Македонија ова ќе биде деветти настап на ракометните мундијали, а вкупно 17-ти на големите турнири, заедно со европските првенства (ЕП). Црвено-жолтите од 2012 година не пропуштија ниту едно СП или ЕП и претстојното СП в година ќе биде 14-то во низа големо натпреварување. Собирот на репрезентативците е закажан за утре со почеток во 7.30 часот во х. „Александар Палас“ во Скопје.

Г.И.


СОСТАВ: Голмани: Никола Митревски (Еурофарм Пелистер), Марко Кизиќ (Алкалоид), Иван Галевски (Алкалоид). Леви крила: Петар Атанасијевиќ (Еурофарм Пелистер), Иван Џонов (Алкалоид). Десни Крила: Ненад Костески (Еурофарм Пелистер), Александар Петковски (Алкалоид). Десни крила: Мартин Серафимов (Алкалоид), Мартин Велковски (Алкалоид), Томислав Јагуриноски (Вардар 1961). Леви бекови: Филип Кузмановски (Еурофарм Пелистер), Павле Атанасијевиќ (Еурофарм Пелистер). Средни бекови: Марко Митев (Алкалоид), Игор Ѓоргиев (Алкалоид). Пикери: Жарко Пешевски (Еурофарм Пелистер), Милан Лазаревски (Вардар 1961), Марко Стојковиќ (Алкалоид), Валентин Карасманакис (Алкалоид). Дефанзивци: Никола Маркоски (Алкалоид), Михајло Младеновиќ (Алкалоид).
РЕЗЕРВИ: Голман: Мартин Томовски (Потсдам, Германија). Лево крило: Цветан Кузманоски (Еурофарм Пелистер). Десно крило: Никола Костески (Алкалоид). Пикер: Самоил Ристевски (Еурофарм Пелистер). Лев бек: Емилијан Ѓорговски (Еурофарм Пелистер). Десен бек: Филип Николов (Бутел Скопје). Среден бек: Марио Танкоски (Вардар 1961). Дефанзивец: Михаил Аларов (Вардар 1961).


Холандија со 16 интернационалци на СП

Селекторот на Холандија, Штафан Олсон, го објави списокот на повикани ракометари што ќе настапат на СП 2025 во групата Д, заедно со Македонија. На скратениот список има вкупно 16 играчи и за разлика од македонскиот состав, кај нив сите се интернационалци, предводени од Лук Стеинс, Каи Смитс, Дани Баенс… Македонија и на СП 2023 беше во група со Холандија и загуби со 24-34.
Состав: Дани Баенс (ПСЖ, Франција), Матијас Дорџело (Сондериске, Данска), Кај Генен (Лубек, Германија), Томас Хоутепен (Лемго, Германија), Мартин Клајкерс (Пирене де Пау, Франција), Ларс Коиј (Вардар 1961, Македонија), Барт Равенсберген (Гепинген, Германија), Боби Шаген (Лемго, Германија), Робин Шоенакер (Спортинг, Белгија), Алек Смит (Винтерур, Швајцарија), Јорн Смитс (Амичитија, Швајцарија), Каи Смитс (Фленсбург, Германија), Лук Стеинс (ПСЖ, Франција), Ивар Ставаст (Елба Флоренц, Германија), Рутгер тен Велде (Гепинген, Германија), Нилс Верстеинен (Лемго, Германија).