Голема анализа за НАТО-алијансата (прв дел)
Трансформацијата на НАТО и несигурностите и калкулациите на земјите од Западен Балкан
Изјавите на поранешниот генерален секретар на НАТО и актуелен министер за финансии на Норвешка, Јенс Столтенберг, дека „не може да се вети“ останувањето на САД во Алијансата, не се само дипломатска опомена. Тие се симптом на подлабока транзиција. Во исто време, заменик-генералната секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска, се обидува да ја смири регионалната реторика на Балканот, каде што најмногу се чувствува фрагментацијата на Алијансата низ различни форми на минилатерални формати со специјализирани одбранбени партнерства, а секоја идеја за нов воен договор веднаш се толкува како – закана. Во тој контекст, и сѐ повеќе безбедносно-политички аналитичари предупредуваат за „ферментацијата на НАТО на Балканот и негова сегментација“. За истото тоа реагираше и српскиот претседател Александар Вучиќ, односно за опасноста од внатрешното воено сојузење во НАТО помеѓу Хрватска и Албанија, плус на Косово, кое не е член на НАТО, а кое српскиот шеф на државата сѐ уште го смета како дел од Србија, во врска со нивното сојузење во воен пакт, на сметка на „закана за Србија“.
Минилатерални формати, регионални иницијативи, билатерални договори,
специјализирани воени партнерства… Каде води сето тоа?
Но кога ќе се споменат вооружување и воени сили на Косово, тоа секако асоцира и на повеќето големи и помали тамошни жаришта во најблиското наше соседство, кои се прелеаја во Македонија и тешко го загрозија нашиот територијален суверенитет и интегритет и донесоа човечки жртви и материјални штети, а да не заборавиме и сериозни влијанија на карактерот на унитарноста на нашата држава.
Затоа, она што порано беше незамисливо – сомнежот во автоматската американска гаранција – денес станува легитимна аналитичка тема. Според дел од консултираните соговорници, НАТО не се распаѓа, но се трансформира. Прашањето е во што? Особено на кој начин/како се трансформира и во кој облик ќе биде присутно на Балканот? Имено, и во македонското опкружение, паралелно во и со НАТО, се развиваат минилатерални формати, регионални иницијативи, билатерални договори, специјализирани одбранбени партнерства… Каде води сето тоа?
Во продолжение некои аналитички размислувања на наши соговорници, историчари, универзитетски професори, правници и дипломати, за трендот на трансформација на НАТО, влијанието на трансформацијата на Балканот, со посебен осврт кон Македонија. П.Р.
Од американска хегемонија до трансатлантска неизвесност
Од 1949 година НАТО функционираше врз јасен столб: американската воена, нуклеарна и политичка доминација како крајна гаранција на европската безбедност. Членот 5 беше кредибилен токму затоа што зад него стоеше Вашингтон.
Но последната деценија го разниша тој консензус со становиштето во своите репетитивни јавни официјални изјави Европа да „плаќа повеќе“. Потоа, со рефокусот на Вашингтон кон Индопацификот и стратегиското ривалство со Кина. И последно и не најмалку важно, со растечката внатрешна политичка поларизација во САД и прашањето дали идните администрации ќе ја задржат истата посветеност.
Кога Столтенберг предупредува дека никој не може да гарантира дека САД ќе останат во НАТО, тој индиректно го отвора прашањето за „постамерикански концепт на Алијансата“! Не нужно без Америка, туку без автоматизмот на американската безусловна поддршка. П.Р.
Децентрализација на Алијансата: Европа како безбедносен субјект
Трансформацијата на НАТО се одвива во три насоки:
1. Европска одбранбена автономија
Идејата за „стратешка автономија“ на ЕУ веќе не е само француска амбиција. По почетокот на руско-украинската војна, европските држави драматично ги зголемија буџетите за одбрана. Но тоа беше веќе планирано однапред. Судирот во Украина само го забрза и го лансира тој процес малку порано. Сега, прашањето повеќе не е дали Европа треба да може да дејствува без САД, туку колку брзо може да изгради капацитети за тоа.
2. Мултиформатна безбедносна архитектура
Паралелно со НАТО, се развиваат минилатерални формати: регионални иницијативи, билатерални договори, специјализирани одбранбени партнерства. Тоа веројатно не значи распад, туку, според соговорници што се упатени во размислувањата на високи претставници од НАТО, тоа претставува еден вид „слоевитост на безбедноста“.
3. Политичка условеност
Американската поддршка станува сè повеќе условена од внатрешни и глобални приоритети. Европа го чувствува тоа како губење на сигурната подлога.
Европското чувство на „одлепување“ од Вашингтон
Европските престолнини денес функционираат во една нова реалност, која се идентификува со психолошки притисок по два основа: прво, можноста Америка да се повлече и, второ, САД да ја намалат својата улога.
Тоа чувство се манифестира преку екстремно забрзано вооружување и модернизација на воените капацитети, потоа и на сѐ погласното размислување за европски нуклеарен чадор (со Франција како клучен актер), како и на сѐ поголемата воено-безбедносна и разузнавачка координација внатре, во рамките на ЕУ. Во тој контекст, НАТО станува повеќе европска организација (се разбира со сѐ уште влијателно американско присуство), отколку обратно. Значи, тежиштето полека се поместува кон Брисел.
Балканот како најкршлива безбедносна зона
Во Западен Балкан овие глобални процеси се чувствуваат поинтензивно. Историјата на конфликтите, нерешените статусни прашања и меѓусебната недоверба го прават регионот особено чувствителен.
Изјавите на Шекеринска дека „НАТО не е вклучено во разговори за евентуален триаголен сојуз меѓу Тирана, Приштина и Загреб“ се обид да се спречи регионална ескалација. Но самото постоење на такви идеи и нивна постепена операционализација зборува за нова реалност. Затоа државите што имаат историја на негативни искуства со ваквите идеи и иницијативи бараат дополнителни гаранции.
Од друга страна, српскиот претседател Александар Вучиќ реагира со остар тон, оценувајќи дека евентуалното здружување би било закана за Србија. Србија, која формално е воено неутрална, внимателно балансира меѓу Западот, Русија и Кина.
Во ваква атмосфера, секој нов пакт се толкува како геополитичка порака.
Зошто се појавуваат регионалните пактови?
Според нашите соговорници, воени експерти и високи воени старешини, сега во пензија, потенцијалните балкански мини-сојузи не се нужно насочени кон конфронтација.
– Балканските мини-сојузи во сегашните околности се насочени кон компензација на несигурноста околу долгорочната американска гаранција, потоа кон зајакнување на националните позиции во преговорите и, трето, кон демонстрација на капацитет за самостојна безбедносна архитектура. Во услови кога големите сили ја редефинираат својата улога, малите држави настојуваат да не останат празни во геополитичкиот вакуум – велат нашите соговорници.
Тезата за трансформација на НАТО не е алармизам, туку аналитичка констатација. Европа се соочува со историски момент: или ќе ја зајакне сопствената безбедносна автономија во рамките на Алијансата или ќе ризикува постепена ерозија на трансатлантската кохезија. Балканот, како најчувствителна периферија, веќе реагира на оваа неизвесност. Регионалните иницијативи се обид за превентивна адаптација, но тие истовремено носат ризик од нови недоразбирања, ни тврдат соговорниците.
Дали НАТО слабее или еволуира?
Парадоксално, НАТО денес е проширено и оперативно активно како ретко кога. Но неговата суштина се менува. Од монолитен блок под американска команда, Алијансата се движи кон повеќеполарна, делумно децентрализирана структура. Опстанокот на НАТО повеќе нема да зависи само од американската воена моќ, туку од европската политичка зрелост и способноста да се преземе поголем товар. Во свет каде „ништо не е врежано во камен“, како што предупреди Столтенберг, безбедноста повеќе не е гаранција – туку процес на постојано преговарање. П.Р.

































