Годишна изложба на училиштето за цртање и сликање при НУЦК „Бели мугри“ во Кочани
Кон крајот на минатата седмица во центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани беше отворена годишната изложба на дела од учениците што го посетуваат училиштето за цртање и сликање.
Според менторката м-р Александра Димитрова, стручна соработничка за визуелни уметности, архитектура и дизајн, оваа изложба е резултат на посветена работа, истражување, љубопитност и креативна храброст.
– Нашите ученици, преку боите, линиите и формите, не само што учат техники и вештини туку учат и да ги изразат својот поглед на светот, своите емоции, мечти и идеи. Секое изложено дело носи лична приказна. Некои од овие приказни се тивки и нежни, други смели и динамични, но сите заедно ја покажуваат големината на талентот што го поседуваат нашите деца и млади -вели Димитрова.
Во училиштето доаѓаат триесетина деца и млади на возраст од 5 до 18 години, кои водени од менторката Димитрова ги осознаваат цртачките и сликарските техники.
Како што велат од центарот „Бели мугри“ во Кочани, оваа институција и понатаму ќе биде храм на култура, знаење и инспирација.
– Горди сме што го негуваме младинскиот талент и што можеме да им обезбедиме простор каде што тие ќе се развиваат, ќе созреваат и ќе создаваат уметност што остава трага – велат од центарот.
Ф.Д.




































