Од творештвото за деца на писателката Емилија Тодорова

На првото утро од новата година, Јасна, како и секогаш, се разбуди рано. Ги истри очињата и уште во пижами отрча во дневната. Под новогодишната елка чекаа подароците, убаво завиткани во светлива хартија, со големи панделки. Наоколу немаше никој. „Ха, сум станала прва“, си рече и задоволно се насмевна. Имаше време внимателно да ги преврти кутиите и да види, според налепниците на нив, кои се за неа. Се обидуваше од око да препознае дали во кутиите беа оние подароци што таа веќе со месеци ги посакуваше. Додека се мислеше колку ќе треба да чека додека се соберат сите за да се отворат подароците, како со волшебно стапче повикан се појави дедо ѝ. Во рацете држеше незавиткана кошничка од трска.
„Среќна Нова година, Јасничке моја најјасна“, рече тој и ѝ ја подаде кошничката.
„Празна е“, Јасна гледаше во подарокот малку разочарано. Очекуваше Лабубу или барем книга.
„Празна е сега, но за некој ден сигурно ќе има нешто во неа“.
„Ооо, со што ќе ја наполниш?!“, живна Јасна.
„Ние. Ние двајцата ќе ја наполниме“.
„Но со што? Јас немам ништо за во кошничка. Паричките ги чувам во касичка. Можам да ставам само некои ситни играчки“.
„Не, не. Сеќавања. Ќе ја наполниме кошничката со сеќавања“.
„Но како? Како ќе ги фатиме сеќавањата? Па тие не се како маче или куче или кукла!“, очите на Јасна беа широко отворени во обид да си ги претстави сеќавањата.
„Ќе ги создадеме. Еве вака: кога ќе ни се случи нешто интересно или важно ќе го запишеме тоа на ливче и ќе го ставиме во кошничката. И тоа што е убаво, но и она што ни се чини не толку убаво“.
„Но зошто пак тоа!?“, Јасна го гледаше дедо си зачудено.
„Зашто од секое искуство може да се научи нешто, а со секое учење растеме“.
„А сеќавањата? Како ќе ги создадеме?“, настојуваше Јасна.
„Полека, дедино. Сѐ во свое време“, се насмевна дедо ѝ.

Неделите и месеците минуваа. До крајот на декември кошничката беше преполна со ливчиња. На Нова година, откако се разделија подароците, Јасна и дедо ѝ седнаа настрана заедно и почнаа да ги отвораат ливчињата.
„Вчера дедо ме научи да пливам“, прочита Јасна. „Се сеќаваш ли, дедо? Тоа беше летово во Струга. Мислев дека уште ме држиш, а јас сама пливав!“, се кикотеше радосно Јасна.
„Седевме во паркот во тишина и ги гледавме врбите покрај езерцето“, дедо ѝ отвори друго ливче.
„Знам, тоа беше кога требаше да одиш во болница. Но сега си добро, нели?!“, гласот на Јасна беше полн со љубов и грижа.
„Да, да, мила моја. Сега сум добро“.
„Дедо, а ова, го паметиш ли: ’Мирко ме задеваше. Смирено му реков да престане и си заминав без да го погледнам‘. Дедо рече дека се гордее со мене“, ѝ се врати насмевката на Јасна. „И кога печевме костени и ги изгоревме, а потоа се смеевме до солзи. И кога ни избега Палчо Папагалчо…“ Едно по едно, ги исчитаа ливчињата.
„Ете, сега гледаш како ја наполнивме кошничката со сеќавања, нели?“, рече дедото.
„Да“, плесна Јасна со рацете. „Прво беа случки, а сега, кога ги прочитавме и се сетивме на нив, станаа сеќавања. И веселите и тие што беа малку тажни“.
„Така е, умнице моја“, дедо ѝ ја погали по главата. „И веќе си научила толку многу“.
Јасна наеднаш се исправи и се стрча во својата соба. Оттаму излезе со невешто завиткана кутија во рацете. „Дедо, ова е мојот подарок за тебе“, рече, подавајќи му ја кутијата.
Дедо ѝ се изненади. Внимателно почна да ја отпакува кутијата. Усните му се развлекоа во насмевка и очите му се насолзија. Од кутијата извади кошничка.


За авторката

Емилија Тодорова е поетеса и раскажувачка. Неколку години соработувала со „Студентски збор“ и со Третата програма на Радио Скопје, а била и една од основачите и заменик-уредничка на списанието за популарна наука за млади „Активус“. Со креативно пишување се занимава уште од гимназиските денови. Учествувала на повеќе поетски манифестации во поранешна Југославија и Македонија, меѓу кои и „Млада Струга“, „Мајски поетски средби“, „Горданино пролеќе“, „Бранково коло“ итн. За својата поезија е добитничка на повеќе награди во татковината, Австралија, САД и во Италија. За збирката „Гравитација“, во 2022 год. ѝ беше доделена наградата „Стојан Христов“ при „Струшките вечери на поезијата“ за најдобра збирка песни од иселеник. Истата година ја добива откупната награда на конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“. Објавувала поезија во голем број домашни и странски списанија за литература, а застапена е и во петнаесетина антологии, алманаси и поетски избори. Преведува од англиски, српски и од бугарски.