Нашиот најмлад и најатрактивен тапанар Матеј е прекрасен ученик, многу послушен и упорен. Во школата за тапани членува од неполни четири години. Редовен е на часовите по тапан и брзо напредува, а од неодамна е вклучен и во подмладокот на изворниот оркестар, вели наставникот Бранко Жежовски
ТАЛЕНТИ: M. ЗДРАВКОВСКИ, ТАПАНАР ВО ФА „ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ“-БИТОЛА
Седумгодишниот Матеј Здравковски од Битола го запознавме на годинашните 39. Мариовско-мегленски средби во селото Витолиште, Прилепско. Тој учи во ОУ „Даме Груев“ во Битола, а член е на фолклорниот ансамбл „Гоце Делчев“. При самиот настап пленеше со неговата посветеност и доследност на ритамот, а за сите присутни беше воодушевувачки како едно детенце, големо речиси колку самиот тапан, умее толку вешто да тропа оставајќи впечаток кај секој присутен.
Матеј ни раскажа за својата љубов кон тапанот, за многубројните настапи, средбите со познатите пејачи, за наградите, патувањата, дружбите…
Сѐ започнало кога татко му Александар му купил играчка тапан кога тој имал само две години.
Играчка тапан за вториот роденден
– Татко ми ми купи малечок тапан за роденден и тој стана моја омилена играчка. Потоа се запишав во фолклорниот ансамбл „Гоце Делчев“ и таму тропам од четири години. Пример ми е другар ми Лука. Тој е поголем од мене и ме учи многу работи – ни раскажа талентираниот Матеј.
ФА „Гоце Делчев“ е репрезентативно фолклорно здружение во Битола, кое во моментов има над 200 члена распоредени во неколку групи. Во игроорниот кор игроорците се поделени на ветерани, сениори, младинци, пионери и почетници, а музичкиот кор има народен оркестар, оркестар за традиционални инструменти, оркестар со зурли и тапани, а најактуелна, најатрактивна и најинтересна е школата за тапанари, која е единствена во Македонија и пошироко. Претседателот на ФА „Гоце Делчев“, Бранко Жежовски, му е учител на Матеј. Тој има само пофални зборови за него.
– Матеј, нашиот најмлад и најатрактивен тапанар, е прекрасен ученик, многу послушен и најважно е што многу го почитува својот наставник. Во школата за тапани е член уште со неполни четири години. На почетокот практикувавме вежби, а потоа продолживме со изучување на народните ритми. Редовен е на часовите по тапан и брзо напредува, а од неодамна е вклучен и во подмладокот на изворниот оркестар – ни откри наставникот Бранко Жежовски.
Тој додаде дека Матеј засега одлично напредува и се надева дека ќе продолжи со исто темпо, за еден ден да стане прв тапанар на оркестрите на ансамблот.
Идниот третоодделенец Матеј Здравковски веќе е забележан на настапите во Македонија и насекаде во регионот. Тој неодамна имаше настапи и во Хрватска, но и на популарната манифестација „Илинденски денови“ во Битола.
– Во Хрватска си поминав многу убаво. Настапите во Велика Горица и во Осиек беа одлични. Бев пресреќен за наградите што ги освоивме. Студијата во Хрватската телевизија беа многу големи. На „Илинденски денови“ дојдоа и ансамблите од Хрватска, па се дружевме и во Битола. Мојот следен настап е на турнејата во Србија, во Врањска Бања – со радост и со возбуда ни раскажа Матеј.
Од есенва Матеј ќе посетува и музичко училиште
Родителите на Матеј, тато Александар и мама Ивана, се голема поддршка во развојот на талентот.
– Во однос на инструменталниот и сценскиот дел имаме целосна доверба во Бранко Жежовски и во тој дел не се мешаме многу. Ние како родители се грижиме за делот околу патувањата, подготвувањето на Матеј за настапите, менаџирањето околу училишните обврски, за што мора да напоменам дека имаме огромна поддршка и од неговата одделенска наставничка и училиштето во кое учи. Годинава Матеј започнува со настава и во Државното музичко училиште во Битола, на отсекот за ударни инструменти – вели таткото на Матеј, Александар Здравковски.
А какво дете е Матеј, кога вежба, но и во слободното време, ни открива неговата мајка Ивана.
– Матеј е весело дете, кое по цел ден свири. Понекогаш и нас нѐ изненадува со сериозноста со која пристапува кон секој настап, кон секое снимање и секоја проба. Кај Матеј нема импровизација. Сака да се дружи и има многу пријатели. Времето кога нема настапи сака да го поминува на Широк сокак со сите детски авантури, во зима заедно скијаме на Пелистер – раскажува Ивана.
Освоени грст награди
За својот талент и посветеност Матеј има добиено неколку домашни и меѓународни признанија, меѓу кои и индивидуална награда во Сврљиг, Србија, специјалната награда на фестивалот „Пеце Атанасовски“, како и пофалница од Црвениот крст на едно детско талент-шоу.
Настапувал и во Петровац на Млава, Србија, во Грција, Хрватска, на многу фестивали и концерти, а ужива и пред телевизиските камери, па досега со успех гостувал во повеќе популарни телевизиски емисии и се сретнал со познати музички имиња од домашната сцена, како Блага Петреска, Благоја Груевски, Јордан Митев и други.
Но, дознавме уште една многу интересна работа. Имено, македонската народна песна „Рум дум дум“, во изведба на Даниела Темелковска, одиграла клучна улога Матеј особено да се вљуби во тапанот како инструмент. Тој има желба да настапи со пејачката Даниела и со други познати македонски пејачи.
„Колибри“ му посакува да му се остварат сите желби, да биде радосен и, секако, голем успех на многубројните настапи што ќе следуваат годинава заедно со ФА „Гоце Делчев“ во Крушево, Истибања, Могила, Ношпал, Србија и Црна Гора…

