Судските процеси ги загрозуваат политичките амбиции на поранешната лидерка на француската десница
- Пред Апелациониот суд, кој скоро под итна постапка ја разгледа жалбата на поранешната лидерка и поранешна претседателска кандидатка на десницата, Марин Ле Пен, обвинителството упати речиси исти барања за казна, како и на првостепеното судење. Четири години затвор, од кои три се условни, парична казна од 100.000 евра и петгодишна забрана за вршење јавна функција. Тековниот судски процес ги засили сомнежите за способноста на лидерката на Националниот фронт да се кандидира на следните претседателски избори
Јавните обвинители во Апелациониот суд во Париз во вторникот побараа казна за Марин Ле Пен што не е поблага од првичната изречена на 31 март минатата година во Парискиот кривичен суд, во случајот со европските парламентарни асистенти на Националниот фронт. Притоа, предвидено е Апелациониот суд да донесе пресуда „пред летото“. Марин Ле Пен официјално одбива да поднесе жалба до Касациониот суд во случај на нова пресуда, при што барањето на обвинителството од вторникот ги засили сомнежите за способноста на лидерката на Националниот фронт да се кандидира на следните претседателски избори. Во продолжение е направен преглед на правните и политичките прашања што произлегуваат од тековниот судски процес.
Кога Марин Ле Пен ќе донесе одлука за својата политичка иднина?
Долго време, Марин Ле Пен ветуваше дека ќе ги исцрпи сите достапни правни патишта за да ја докаже својата „невиност“. Нејзиниот правен распоред ќе ѝ овозможи да го стори тоа пред претседателските избори во 2027 година. Под популистичкиот и антисудски притисок што го употребија нејзините сопартијци и приврзаници на 31 март минатата година, дента на пресудата во парискиот Кривичен суд, лидерката на француската десница имаше корист од ретко забрзување на роковите во судскиот процес: веќе следниот ден, Апелациониот суд се обврза да донесе одлука „налето годинава“. На почетокот на јануари, првиот претседател на Касациониот суд, Кристоф Сулар, предупреди дека неговиот суд, во случај на жалба, „ќе се организира, колку што е можно, да го суди случајот мошне брзо“, пред претседателските избори. Но Ле Пен оттогаш не е подготвена да ја ризикува својата кандидатура пред судиите.
Пратеничката од Па-де-Кале потврди во ноември 2025 година дека ќе одлучи за својата политичка иднина налето годинава, врз основа на пресудата донесена од Апелациониот суд во Париз. Таа нема да чека, во случај на нова пресуда, на исходот од потенцијалната жалба до Касациониот суд.
– Не, бидејќи не знаеме кога би била донесена таква одлука и не можеме да започнеме претседателска кампања во последен момент – објасни таа во интервју за списанието „Козер“. Сепак, ништо не би го спречило Националниот собир (РН) да го назначи својот кандидат неколку месеци пред изборите. Кампањата сигурно би била скратена како резултат на тоа. Но логистичките (печатење материјали за кампањата), финансиските (собирање средства, отворање сметки) и правните (поднесување на потребните 500 потписи) ограничувања се компатибилни со официјалното започнување на почетокот на 2027 година.
Која казна би ѝ дозволила на Марин Ле Пен да се кандидира на претседателските избори?
Од 31 март 2025 година и пресудата на Марин Ле Пен, нејзините приврзаници повеќе не се надеваат дека ќе ја докаже нејзината „невиност“ на суд. Првичното судење ги потврди, доколку е потребна потврда, големината и силата на доказите што го поддржуваат „системот“ осмислен од Националниот фронт за пренасочување на средствата што вообичаено се доделуваат за платите на неговите асистенти на европратениците. Доколку не се добие ослободителна пресуда, поддржувачите на Ле Пен ги полагаат сите свои надежи на компромис, казна доволно намалена за да ѝ се овозможи на нивната лидерка да се кандидира за Елисејската палата по четврти пат.
За поддржувачите на Ле Пен, идеалната казна би вклучувала забрана за вршење јавна функција од две години или помалку. Иако датумите на двата круга од следните претседателски избори сè уште не се познати, тие нужно ќе се одржат помеѓу април и мај 2027 година. Забраната за вршење јавна функција што ѝ ја изрече Апелациониот суд на Марин Ле Пен би започнала на 31 март 2025 година, датумот на пресудата од страна на Кривичниот суд.
Ова е благодарение на привремената наредба за спроведување издадена во прв степен. Оваа мерка, протолкувана од пратеничката како нејзина „политичка смрт“, затоа всушност би можела да ѝ користи, бидејќи неподобноста намалена на две години од страна на Апелациониот суд во Париз би важела до 31 март 2027 година – пред првиот круг од претседателските избори.
Што е со условната затворска казна што би можела да биде издржана во домашен притвор со електронско следење, како што беше одлучено на 31 март 2025 година и побарано од јавните обвинители на 3 февруари? Во јануари, Националниот собир и неговата парламентарна група не го сметаа ова за „пречка“ за организирање претседателска кампања.
На кој датум Уставниот совет ја утврдува подобноста на претседателскиот кандидат? Националниот собир (РН) би го поздравил периодот на неподобност од две години, до 31 март 2027 година, бидејќи предвидува дека Уставниот совет ќе ја процени подобноста на денот на изборите; затоа, во април или мај. Сепак, во отсуство на слична ситуација, судиите на Уставниот совет никогаш не морале да го наведат точниот датум на кој потврдуваат дека секој кандидат ги исполнува условите пропишани со закон од 1962 година (да биде Французин, полнолетен, регистриран во избирачките списоци, да не е под старателство или кураторство, ниту лишен од правото да се кандидира за избор).
– Во судската пракса на Државниот совет, за избори под негова надлежност, на пример, општински избори, подобноста секогаш се проценува на датумот на изборите. Нема причина истото тоа да не важи и за избори чија регуларност ја разгледува Уставниот совет – објаснува за париски „Ле монд“ Пол Касије, професор по јавно право на Универзитетот „Пантеон-Сорбона“.
Поранешен функционер на Уставниот совет, контактиран од „Ле монд“, истакнува дека институцијата мора да го објави списокот на кандидати „најдоцна до четвртиот петок пред првиот круг“ од претседателските избори. Но што ако периодот на неподобност заврши помеѓу овој „четврти петок пред првиот круг“ и самиот „прв круг“? Консултираниот правен експерт верува дека Уставниот совет, во ова сценарио, би можел да ја оправда валидацијата на кандидатурата на Марин Ле Пен „без многу тешкотии“.
Може ли Марин ле Пен да ја спаси својата кандидатура со поднесување жалба до Касациониот (Врховен) суд?
Марин Ле Пен официјално одбива да се потпре на Касациониот суд, во случај на нова пресуда по жалба, за да ја спаси својата претседателска кандидатура. Со поднесување жалба против пресудата што се очекува „пред летото“, таа, сепак, би можела привремено да ги поништи своите последователни пресуди.
– Жалбата до Касациониот суд го суспендира дејството на одлуката на Апелациониот суд. Сепак, тоа не го суспендира фактот дека оваа одлука ја доведе во прашање пресудата на понискиот суд – објаснува Жан-Батист Периер, професор на Универзитетот „Екс-Марсеј“ и претседател на Француското здружение за кривично право.
Исходот, во случај на жалба, на пресуда за неподобност со привремено извршување издадена во прв степен е предмет на дебата меѓу правните експерти. Некои, како Периер, веруваат дека жалбата треба да го суспендира привременото извршување на пресудата од 31 март 2025 година. Други истакнуваат дека неколку одлуки на Касациониот суд (1993) и Државниот совет (2019), обратно, одлучиле за примената на привременото извршување во таков случај. Оваа неизвесност нема да влијае на кандидатурата на Марин Ле Пен, бидејќи претседателот на Касациониот суд веќе вети одлука пред претседателските избори.
Додека судбината на Марин Ле Пен ќе биде решавана пред судовите, нејзиниот миленик Џордан Бардела – европратеник и лидер на Националниот собир, во моментов најпопуларниот политичар во Франција, се подготвува да биде претседателски кандидат. Несреќата на едни, претставува среќа за други.
Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција
































