Се радувам на секој нов број на „Колибри“!
Во создавањето на „Колибри“, единствениот додаток за деца, кој секој вторник излегува на страниците на „Нова Македонија“, учествуваат многумина и секој од нив остава трага во финалниот производ. Веќе десетина години за неговиот изглед се грижи Јадранка Ковјаниќ, техничка уредничка.
Јадранка целиот свој работен век го минала во „Нова Македонија“, прво во новинско-издавачкото претпријатие со ова име, а стана дел од тимот и по неговото приватизирање. Таа е омилена меѓу колегите, секогаш насмеана и подготвена да помогне.
– Имав 20 години кога се вработив во Одделението за графичка монтажа во НИП „Нова Македонија“, а по вклучувањето на компјутерите во процесот на работа, одев на обука, по што почнав да работам во „Колор студио“. Таму се подготвуваа повеќе весници и списанија: „Екран“, „Остен“, „Битолски весник“ и многу други. Извесно време бев дел и од маркетинг-службата на весникот „Вечер“, но, за жал, наскоро потоа нашата информативна куќа отиде под стечај. Во 2003 година со неколкумина колеги почнавме да работиме во приватната фирма „Зоник“, која го купи весникот „Нова Македонија“. Таму бев техничка уредничка на весникот, заедно со Томе Ангеловски и Билјана Билбиловска, а таа работа ја извршувам и денес – се потсети Јадранка Ковјаниќ на својата професионална приказна.
Таа ни објасни дека техничкиот уредник, без оглед во која област работи, има задача да планира одредена содржина што потоа ќе биде отпечатена, па затоа треба да води сметка за нејзиниот визуелен изглед.
– Во тој период имав можност да планирам неколку броја на „Колибри“ што ги уредуваше писателот Наум Попески, а по неговото заминување, на негово место дојде уредничката Марија Таушанска, со која и денес успешно соработуваме – ни рече Јадранка.
По бурните транзициски години, обновената „Нова Македонија“ почна да излегува на 30 април 2008 година, а Јадранка заедно со педесетина свои колеги стана дел од новата екипа, каде што работи и денес. Оттогаш таа секојдневно ги уредува страниците на весникот, а последниве неколку години секој понеделник го уредува и додатокот за деца „Колибри“, кој излегува во вторник, во печатеното и онлајн изданието.
– Се радувам на секој нов број на „Колибри“ и го уредувам со голема љубов и трпение, пред сѐ затоа што ова е четиво наменето за децата, нашите идни читатели. Се трудам страниците да бидат шарени и ведри, убави за око, за да дојдат до израз и успесите на учениците и на оние што се грижат за нив. Кога го работам „Колибри“ си дозволувам поголема креативност, сѐ да биде повпечатливо. Тоа особено доаѓаше до израз во магазинот „Колибри+“, кој целосно беше во боја, а јас имав можност да подготвам неколку броја – ни рече Јадранка.
За неа работата е интересна и постојано се соочува со нешто ново, што за неа е креативен предизвик.
– Бидејќи и технологијата на работата се менува, има голема разлика од начинот на уредување некогаш и сега. Еве, последниве години се работи онлајн, но, сепак, тоа не ги прекина моите контакти со драгите колеги. Со некои од нив другарувам уште од почетоците на мојата работа и уживам во средбите со нив и евоцирањето на спомените, кои ги има многу – вели таа.
Јадранка сѐ уште работи со голем ентузијазам и работата сѐ уште ѝ причинува задоволство, а секој вторник и во иднина ќе купува „Нова Македонија“ за да провери дали страниците на „Колибри“ се убави и атрактивни за најмладите читатели.
М.Т.
За изгледот на „Колибри“ се грижат врвни професионалци
Долги години, уште од самите почетоци, „Колибри“ го уредувал Зоран Лазаревски. Подоцна за изгледот на прилогот се грижеле Томе Ангеловски, Билјана Билбиловска, Теодора Николов, Марија Чундева и Дејан Јовевски, а веќе неколку години за неговите шарени страници се грижи Јадранка Ковјаниќ. Кога има потреба, ја заменуваат колегите Игор Манојловски и Гоце Цветаноски.