По повод 90-от роденден на доајенот на македонското сликарство
Годинава на 25 февруари ќе биде одбележан еден значаен јубилеј – 90-от роденден на доајенот на македонското сликарство и професор од првата генерација професори на Факултетот за ликовни уметности на УКИМ-Скопје, Родољуб Анастасов.
По тој повод здружението „Архифакт“-Скопје, во Салонот 2, во Музејот на градот Скопје во 20 часот ќе ја отвори изложбата насловена „Сите деца на Родољуб Анастасов“, на која ќе бидат претставени дела на 42 уметници. Авторките на изложбата, Јасминка Намичева и Екатерина Намичева Тодоровска, ги поканија сите студенти од сликарските класи на професорот Анастасов од ФЛУ (1980-2000 г.) да се приклучат со свое дело на овој јубилеен настан. Со големо задоволство и извонредни сеќавања за педагошката работа на Анастасов, на изложбата учествуваат со свое дело реномираните уметници: Новица Трајковски, Катерина Апосотолска де Сиро, Славчо Соколовски, Бојана Артиновска,Јован Шумковски, Благоја Маневски, Константин Качев, Симонида Филипова Китановска, Жанета Вангели, Ѓорѓи Томовски, Миро Масин,Станислава Шаровиќ,Страхил Петровски, Ванчо Јаков, Малка Конеска, Борис Шемов, Елизабета Наумческа, Адем Сулејмановски, Новица Арсовски, Димитар Младеновски, Јован Балов, Ристо Мијаковски, Јулијана Гешоска, Светлана Коруновска Аџигогова, Виолета Сиљан, Владо Мукоски, Соња Куновска, Марија Величковска, Милош Милосављевиќ, Александар Спасовски, Весна Ничевска, Перица Георгиев-Пепси, Јана Куновска, Трајче Чатмов, Гордана Вренцоска, Александар Иванов, Наташа Андонова, Влатко Костовски, Слободан Биневски, Филип Блажевски, Тања Таневска, Горјан Ѓорѓиев.
– Покрај тоа што на својата Македонија ѝ подари безмалку 500 дела од целокупниот свој бесценет сликарски опус, што е одраз на неговото големо родољубие, сепак, тоа што е уште поголемо родољубие и тоа што самиот Анастасов го смета за свој најголем придонес кон општеството е што тој со својот спокоен и ненаметлив сензибилитет, затскриен зад навидум намќорестата молчалива физиономија, но исполнет со бескрајна љубов и грижа за „другиот“, успеа да си обезбеди трајно место во срцата на своите ученици и студенти од Училиштето за применета уметност (1968 г.) и Факултетот за ликовни уметности, УКИМ во Скопје (1980-2000 г.), каде што предавал цртање и сликање на додипломски и постдипломски студии – велат организаторите.
Резултатот од многуслојната мисија на Анастасов низ образовниот процес на неговите студенти денеска е видлив токму на оваа изложба на која се претставени делата на 42 уметници.
– Радоста со која сите уметници што ја прифатија поканата за одбележување на јубилејот 90 години од раѓањето на „нивниот драг професор Љупчо“ можат да ја пренесат само тие самите, но фактот колку голем интерес покажаа уметниците е дека првичната идеја да се соберат делата само на студентите од неговите сликарски класи, се покажа како неважна, бидејќи изразија желба да се приклучат и студенти што само ги следеле неговите предавања, како и магистранди, но и оние студенти што денес се реномирани уметници, кои животот ги однел речиси на другата страна на планетата, па, така, пристигнаа дела од Австралија, САД, Бугарија, Германија, Швајцарија, а сигурни сме дека некаде од небесата се радуваат со нас и Димитар Младеновски, Јован Балов, Пепи Урошевиќ и Филип Блажевски, чии дела се дел од оваа изложба. Секој „учител“ би посакал по безмалку 25 години од завршувањето на својата учителска кариера да почувствува барем еднаш во својот живот ваква енергија и љубов како што возвратно ја имаат учениците на Анастасов кон него. И како што Манчевски во една реплика од неговиот филм „Врби“ вели: „Мајка – не раѓа, мајка – сака“, така и Родољуб, вградувајќи бескрајно многу љубов во своите ученици и студенти, создаде одлични уметници и брилијантни луѓе, со што животната мисија на човекот и учител Анастасов е повеќе од успешна – велат од здружението.
Токму затоа на оваа изложба се собраа „сите деца на Родољуб Анастасов“ за да ја слават човековата добрина преку уметноста, така како што ги научи великиот Анастасов, и да му се заблагодарат на човекот што ги вгради сета своја уметничка ука, човечка љубов и родителско внимание во генерациите што минаа низ неговото даскалско ателје.
– На неговиот 90-ти роденден, се радуваме што ја имаме можноста да бидеме современици со за нас драгиот Љупчо, кој покажа дека и по многу животни премрежиња, човекољубието и уметноста се тие што го хранат духот на уметникот и го одржуваат во живот. Нека му е честит 90-от роденден на Родољуб, со желба да се собираме на уште многу идни 25 февруари за да го славиме животот преку уметноста на живеењето – додаваат од организацијата на изложбата.
Изложбата ќе биде отворена за посета до 18 март.
В.Д.