Монахињите, обучени, остручени и со сертификати за тоа во специјализирани школи, рачно изработуваат природни препарати за лична нега. Ова производство е подигнато на степен што ги обединува најновите искуства на современата козметологија и хербалистика и долгогодишното народно искуство
МАНАСТИР „УСПЕНИЕ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА“, МАРКОВА СУШИЦА
Манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во селото Маркова Сушица, недалеку од Скопје, е нов манастир, кој сѐ уште е во изградба. Со завршувањето на храмот се заокружи една фаза од изградбата и сега се отвораат перспективи за нови објекти, доколку се најдат луѓе што ќе сакаат да помогнат за дејноста на манастирот. Во манастирот живеат монахињи, повеќечлено сестринство со нивната игуманија Кирана, која има повеќе од тридецениско монашко искуство. Монаштвото, преку еден креативен пристап, продолжува да ги негува уметничките и други вредности поврзани со христијанската цивилизација, како на пример: сликањето икони, мозаици, разбој и, бездруго, природните препарати за нега.
Во манастирот повремено се одржуваат предавања и промоции на книги, а во перспектива, на одредени временски интервали, по неделните литургии се предвидени поетски читања, средби и разговори првенствено со македонски поети. Манастирот е и епископско седиште на викарниот архијереј на скопската митрополија, епископот дремвитски г. Давид (Нинов), кој се грижи за богослужбите во манастирот, редовно служи литургија и проповеда во текот на седмицата, неделите и празниците. Секој православен христијанин може да оди на света литургија во манастирот во недела и на празник.
Во манастирот со години се изработуваат природни препарати за лична нега. Монахињите се обучени за тоа во специјализирани школи за природна козметика, хербалистика, рачно изработени сапуни, и имаат сертификати за тоа, со што производството е подигнато на степен што ги обединува најновите искуства на современата козметологија и хербалистика и долгогодишното народно искуство. Во манастирот се изработуваат мелеми, тинктури, сапуни, кремови, природни дезодоранси и разни препарати за нега, следејќи ги упатствата за изработка на рачно работена природна козметика, која не се изработува во големи количества поради природните состојки што се употребуваат. Манастирот има и малечка продавничка во која посетителите можат да купат од природните препарати за лична нега.
Во манастирот функционира и работилница за изработка на икони и фрески. Христовиот лик е човечкото лице на Бога, Духот Свети се одмора на него, а нам ни ја открива апсолутната богочовечка убавина, која ниту една уметност не може адекватно да ја претстави, но само иконата може да ја сугерира со посредство на таворската светлина. Литургиската икона има теолошка смисла.
Таа не е слика, која се изработува заради уживање на окото или просто да нѐ потсетува на светите личности, како што е тоа случај со сликите што ги чуваме за да нѐ потсетуваат на саканите роднини и пријатели. Иконата се слика на таков начин за да нѐ воздигне од овој гнилежен свет и да ни помогне да го помирисаме оној нов мирис на Царството Божјо.
Во манастирската работилница е прифатен начинот на изработка на икони со целосно истите материјали со кои работеле старите мајстори, затоа што тие покажуваат дека се одржале со векови, за разлика од современите недоволно испитани материјали. За формирањето на стилот на манастирската работилница многу придонесе прочуената Охридска збирка на икони, која е една од трите најпознати збирки на икони во светот, а според зборовите на многумина познавачи таа е убедливо најквалитетна. Во „Перивлептос“ во Охрид, во „Свети Никита“ во Бањани, Скопско, и во „Свети Георгиј“ во Старо Нагоричино, Кумановско, работеле и познатите врвни зографи од 13 и почетокот на 14 век, Михаил и Евтихиј Астрапа, чии фрески и денес со својата свежина сведочат дека им нема рамни во византискиот иконопис од епохата на палеолозите.
Потоа, следејќи го преданието, на редење мали камчиња, од македонските градови полни со мозаици стари 15 и повеќе векови: Хераклеја, Стоби, Охрид…, монахињите во манастирското ателје прават мозаици ползувајќи се со природни камења во најразлични бои, собирани од прекрасните езерски и планински предели на Македонија, но и од венецијанско стакло, кое покрај широкиот спектар на колорит, се користи и обложено со дваесет и четирикаратна златна фолија. Мозаиците (ликови на светители и орнаменти) направени во манастирската работилница се вградени во ѕидовите на неколку манастири, но исто така ги красат домовите на луѓето, како и други видови објекти на луѓе што се љубители на оваа уметност.
Гледајќи го совршенството на орнаментите, хармонијата и техниката, се чини дека разбојот е еден од најкарактеристичните уметнички дострели на креативниот дар на нашиот народ. Во насока на ваквата креативна активност, истовремено следејќи ја православната, византиска традиција, монахињите во манастирското ателје на два типа разбој (хоризонтален и вертикален) ткаат килими и торби од чиста волна, која самите ја бојосуваат со природни бои што ги добиваат од најразлични лисја, лушпи, корења и плодови. Монахињите исто така ткаат и свештенички одежди со византиски шари од свила и памук. Ж.З.
Христијаните веруваат дека како Исус Христос така и Пресвета Богородица по смртта воскреснала и заминала на небото, како со душата така и со телото. Оттаму и називот успение, што значи искачување
УСПЕНИЕ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА, ЕДЕН ОД ДВАНАЕСЕТТЕ ГОЛЕМИ ПРАЗНИЦИ ВО ПРАВОСЛАВИЕТО
На Голема Богородица, Мајката Божја се преселила на небото
Православната црква на 28 август го празнува земниот крај на Пресвета Богородица и нејзината смрт ја нарекува Успение – раскошен термин што во себе ги соединува сонот, блаженството, мирот, спокојството и радоста. Овој празник, во народот познат и како Голема Богородица, е еден од дванаесетте големи празници во Православието, посветен на денот на кој Марија, Мајката Божја, се преселила на небото. Христијаните веруваат дека како Исус Христос така и Богородица по смртта воскреснала и заминала на небото, како со душата така и со телото. Оттаму и називот успение, што значи искачување.
На Пресвета Богородица ѝ се посветени повеќе други празници, како што се, пред сѐ, Рождество (на 21 септември) или Мала Богородица, потоа Воведение во храмот (на 4 декември), познат и под името Света Пречиста, Свето Благовештение (на 7 април), што е денот за веста за нејзиното зачнување, и Покров (14 октомври) или Собор.
Пресвета Богородица се смета за заштитничка на сите христијани и на градот Скопје. Духот на празникот Успение силно пулсира во цела Македонија. Овој празник е симбол на верата, спасението и мајчинската љубов. Успение на Пресвета Богородица е празник што и кај македонскиот народ има традиција со масовни присуства во црковните храмови и на литургиите и со масовно славење – со собири по селата и градовите. Со Голема Богородица практично почнуваат есенско-зимските слави, кои се интензивираат од крајот на октомври и траат до февруари, а месечно има и по неколку такви денови, во кои традиционално се прават и домашни слави со голем број гости.
Нејзиниот животен пат и посветеност кон Бога, како и љубовта на Пресвета Богородица кон луѓето, ни говорат за нејзината големина и улога во христијанството. Речиси нема село или град во земјава каде што не се слави името на Мајката Божја. Според пресметката на вкупниот број цркви во државата, околу 235 цркви или секоја осма црква во Македонија го носи името на Пресвета Богородица, а најголем дел од нив е посветен на нејзиното успение. Се проценува дека секое петто семејство како домашна слава ја празнува токму Голема Богородица.
Во Светото писмо пишува дека по три дена откако апостолите ја погребале Богородица, кога го отвориле гробот за да ѝ се поклони Св. Апостол Тома, кој не бил присутен на нејзиното погребение, „ја најдоа само плаштаницата, а телото не беше во гробот“. Богородица, како и Исус Христос, доживеала телесна смрт, но во третиот ден по погребувањето била воскресната од Синот и Својот Бог и со телото земена на небото. Се вознела на небото.
Таа им се јавила на апостолите жива, светла и опкружена со ангели им рекла: „Радувајте се, зашто сум со вас во сите денови“. На која возраст се упокои Богородица не се знае точно, но преовладува мислењето дека на крајот од овоземниот живот имала повеќе од шеесет години.
Името на Богородица е едно од трите што најмногу се среќаваат како називи на цркви и манастири во Македонската православна црква-Охридска архиепископија. Храмови (цркви и/или манастири) Успение на Пресвета Богородица има многу, како на пример во: Гостивар, Македонска Каменица, Берово, Ново Село (до Штип), селото Коњух (до Кратово), Јанковец (крај Ресен), селото Марена (крај Кавадарци), Владевци, Требичино (двете во општината Василево, близу Струмица), Матејче (Скопска Црна Гора), Крушево, Матка (крај Скопје), Трескавец (крај Прилеп), Никуљане (во Забелскиот манастир, близу Старо Нагоричане), селото Маркова Сушица (крај Скопје)…
Завршува богородичниот пост
За православните христијански верници утре завршува двонеделниот Богородичен пост, кој е посветен на Успението на Пресвета Богородица. Овој пост е востановен во молитвено сеќавање на Пресвета Богородица, а со цел во периодот на неговото времетраење уште поинтензивно да се изискува молитвеното застапништво од Пресвета Богомајка. По својата временска должина тоа е најкраткиот од четирите годишни пости и трае 15 дена.
Живко Здравкоски