Фото: Маја Јаневска-Илиева

Средба со петтоодделенецот Лука Јовановски, ученик во училиштето за лица со оштетен вид „Димитар Влахов“ во Скопје

  • Бидејќи на прва средба со дете не се оди со празни раце, на Лука Јовановски му однесовме на подарок слушалки, за да може уште повеќе да ужива во омилените песни, како и три инклузивни сликовници на авторката Гордана Симоновска Момировска, напишани со Брајово писмо. Тој многу се израдува и на нашата средба и на подароците, за кои рече дека се први новогодишни дарови што ги добил и секако ќе бидат сместени под елката, која е веќе накитена во нивниот дом

„Само со срцето добро се гледа, најважното е невидливо за очите“, порачува писателот Антоан де Сент Егзипери во „Малиот принц“, една од најпопуларните книга за деца, но и за возрасни во целиот свет. Тоа е нежна, универзална приказна за моќта на љубовта, која постојно ги освојува детските срца. Книгата е преведена на стотина јазици, инспирација е за многу филмови, анимирани и играни, а направени се и голем број драмски изведби. Со ова дело израснаа многу генерации.
„Училиште што гледа со срцето“ е мотото и на државното училиште за лица со оштетен вид „Димитар Влахов“ во Скопје, во кое се школуваат деца основци и средношколци, а има и интернат, во кој се згрижени ученици од други градови.
Тука учи и петтоодделенецот Лука Јовановски, а негова одделенска наставничка е Даниела Смилковска. Тој има десет и пол години и е многу интелигентно и воспитано дете. Со помош на своето семејство, Лука храбро граби напред во животот. Него го краси огромна желба да учи, да открива. Со родителите и со сестра си Рената, која, како што ни рече, е тринаесет и пол години постара од него, тој живее во куќа во селото Мралино, Скопско.

Секој ден на релацијата Мралино-Скопје

– Секој ден со автомобил доаѓаме во Скопје и јас го чекам Лука да заврши со училишните обврски, а кога има потреба, нешто му запишувам на час што треба да завршиме дома. Инаку, Лука многу брзо учи, а од скоро, освен што го научи Брајовото писмо и се служи со него, чита и пишува, тој почна да ги совладува и тајните на компјутерите – ни рече Силвана Јовановска, мајката на Лука.
А ова мило момченце ни откри дека е најсреќно кога е на училиште, зашто тука има другари и другарки од цела Македонија.
– Лани бев сам во четврто одделение, ама сега во петто сме двајца. Ми се приклучи Илина. Таа е од Прилеп и живее во интернатот што е дел од училиштето. Од скоро почнав да играм и шах со другар ми Јован. Најмногу ми се допаѓа часот по музичко. Веќе две години учам да свирам на хармоника, а професор ми е Бобан Спасенцовски, додека пијано учам кај професорката Мирсада. На неодамнешното одбележување на патронатот на училиштето, јас ја водев приредбата, која беше насловена „Среќа“. Ги прашував моите другари што е за нив среќа и тие излегува на сцената и кажуваа. На крајот сите се согласивме дека среќа е да се учи во ова училиште – во нашиот „Димитар Влахов“! Во претставата сите заедно ја испеавме и песната „За овој свет“ на Тоше Проески – со гордост ни откри Лука и со својот убав глас ни го отпеа рефренот на овој евергрин, чиј автор е Младен Марковиќ.
Тој ни рече дека ги сака и часовите по информатика, македонски, ориентација во простор. Желба му е кога ќе порасне да стане правник и да се бори против неправдите. Засега, освен во свирење, ужива и во слушањето музика. Ги сака песните на Тоше, на „ДНК“, особено „Срце“, а сака да го слуша и српскиот пејач Саша Матиќ. Дознавме дека знае да свири и валцер и танго, што за него е вистински предизвик, ама и задоволство.

– Во куќата во Мралино имаме двор, како и миленици: две кучиња, две мачки и две папагалчиња. Кога ќе завршам со обврските, си играм со нив, а сакам да слушам и радио. Емисијата „Сложувалка“ (Слагалица) на РТС ми е многу интересна. Особено асоцијациите, кои понекогаш и ги погодувам – вели тој.
Лука ни рече дека лани со децата од училиште бил на Попова Шапка, а за Нова година редовно добива пакетчиња од хумани фирми и луѓе.

Први новогодишни подароци

Бидејќи на прва средба со дете не се оди со празни раце, на Лука Јовановски му однесовме на подарок слушалки, за да може уште повеќе да ужива во омилените песни, како и три инклузивни сликовници на авторката Гордана Симоновска Момировска, напишани со Брајово писмо. Тој многу се израдува и на нашата средба и на подароците, за кои рече дека се први новогодишни дарови што ги добил и секако ќе бидат сместени под елката, која е веќе накитена во нивниот дом. Лука посака еден од новогодишните подароци да му биде и книгата „Малиот принц“, бидејќи многу му се допадна мислата од ова дело дека „само со срцето добро се гледа, а најважното е невидливо за очите“. Сигурни сме дека желбата ќе му се оствари! Исто така на Лука му посакуваме да му се оствари желбата да научи подобро да свири на хармоника, а кога ќе порасне да стане правник.