Здрава и силна економија е основата за добар животен стандард, без неа растот на платите ќе води кон нов бран поскапување
Минималецот меѓу желбите и можностите
Какви и колкави се шансите за раст на платите без реален економски напредок? Има ли простор или поголема опасност за економијата од растот на платите на работниците? На дебатата меѓу бизнисмените и синдикатите за раст на минималната плата останува отворено прашањето дали ќе се зголеми минималецот.
Минималната плата останува во рацете на работодавците и на синдикатите
По средбата во Владата, на која не беше договорена нова минимална плата, од Владата испратија јасни сигнали, договорот е меѓу работодавците и синдикатите.
– Договорот за минималната плата останува во рацете на работодавците и синдикатите, додека Владата е подготвена да го прифати решението што ќе го постигнат двете страни – посочува заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески.
Тој потенцира дека Владата не сака да наметнува административни одлуки, туку поддржува конструктивен дијалог за усогласување на износот на минималната плата.
– Владата им даде можност на претставниците на работниците и работодавците да седнат на преговарачка маса и да договорат износ што ќе биде прифатлив за двете страни. Владата нема да наметне свое решение, туку ќе го прифати договорот што ќе биде постигнат преку социјален дијалог. Премиерот Христијан Мицкоски го кажа тоа многу јасно и недвосмислено – посочи Ристески.
На овој начин, како што вели Ристески, Владата покажува дека е посветена на фер економски политики, засновани на принципите на слободен пазар и конструктивен дијалог меѓу социјалните партнери.
Минималната плата во Македонија изнесува 22.567 денари. Во согласност со законските одредби, се очекува оваа сума да се зголеми на 24.400 денари (приближно 400 евра) во март 2025 година.
Платата зависи од економските резултати
Економистите во неколку наврати имаат посочено дека темата за минималната плата никогаш не треба да се гледа еднонасочно, особено ако не сакаме да поттикнеме нов бран на поскапување.
Заложбите се дека платите не треба да растат „вештачки“ туку дека треба да бидат резултат на раст на продуктивноста и раст на бруто-домашниот производ, а секако, последователно, без здрав и одржлив економски раст не може да се очекува подобар животен стандард. Секако, длабоки економски реформи во пакет и во повеќе сегменти би дале највисоки резултати. Економистите тука ги вбројуваат следните полиња за реформи: унапредување на монетарната политика, унапредување на фискалната политика, инструменти со кои би се поддржале извозно ориентираните фирми, механизми со кои би се поддржало модернизирањето на компаниите, свежи и евтини пари во функција на кредитни линии за развој на компаниите во индустрискиот сектор, но со посебен осврт на инвестиции во земјоделското стопанство, инфраструктурата итн.
– Човечкиот капитал, технологијата и инвестициите секогаш биле клучни фундаменти за економски раст и развој. Вложувањето во образованието и развојот на вештини ги подобрува можностите на работната сила, со што се зголемуваат продуктивноста и иновативноста. Технолошкиот напредок создава нови начини на работа, овозможува зголемување на ефикасноста и отвора нови пазари. Инвестициите, особено во инфраструктурата, модерните технологии и новите индустрии, го прошируваат економскиот потенцијал и носат нови економски можности. Од овие перспективи, нема сомнеж дека Македонија мора да вложува во развојот на човечкиот капитал, иновациите и привлекувањето домашни и странски инвестиции за да обезбеди долгорочен економски раст, односно да видиме стапки на раст што се повисоки од тие во последните неколку години. Да истакнам дека на овие фронтови одреден напредок е направен во земјава, особено со влезот на странските инвестиции (СДИ), па делумно и во делот на јавната инфраструктура, но предизвици со структурните реформи имаме на повеќе пункта. Претпоставувате, тоа е главно во делот на образованието, вештините на работната сила и слично, што секако беше детерминирано и од масовната емиграција во последнава деценија и повеќе – нагласува професорот Марјан Петрески за „Нова Македонија“.
Повеќепати е нагласено во економијата дека секое зголемување на платите без зголемена продуктивност ќе предизвика инфлаторни притисоци, што во услови на ценовни притисоци може дополнително да ја подгрее инфлацијата. Но треба да се истакне дека ако во приватниот сектор пазарот го утврдува нивото на плати, во согласност со понудата и побарувачката на трудот, како и неговата продуктивност, а потоа како последица на истото тоа, ќе го следи и јавниот сектор.
– Јавниот сектор да биде ефикасен и да обезбеди квалитетни услуги за граѓаните и за стопанството. Бизнисот, пак, треба да биде конкурентен и да постигне повисоко ниво на економски раст, а со тоа да се зголеми и доходот, што е клучно за подобар животен стандард и квалитет на живот на граѓаните. Реалната економија е примарна за раст на производството и продуктивноста, а оттаму и за раст на платите во стопанството и, следствено на тоа, и во јавниот сектор. Со поголема продуктивност во јавниот сектор, што ќе придонесе и за зголемување на квалитетот на услугите во нестопанските дејност, ќе следува и раст на платите – истакнува уште еден економист за нашиот весник.
Подобри услуги за побрз раст на економијата, а со тоа и на животниот стандард на граѓаните
Уште еден неизбежен фактор за економски раст е исполнување соодветни услови за економијата.
– Ефикасноста на администрацијата е од витално значење за бизнис-климата. Бизнисите треба да можат лесно и брзо да ги решаваат административните прашања без да се соочуваат со бирократски пречки. Административната неефикасност го забавува економскиот напредок и создава непотребни трошоци за компаниите, кои потоа се рефлектираат и врз економскиот раст на земјата. За Македонија да постигне повисока стапка на економски раст, од суштинско значење е да се зајакне функционалноста на институциите. Тоа значи не само подобрување на јавната администрација и елиминирање на корупцијата туку и создавање стабилен правен и економски систем што ќе ги поттикне инвестициите и ќе ја зголеми довербата на граѓаните и бизнисите во државата. Само преку комбинирање квалитетен човечки капитал, технолошки развој и силни ефикасни институции, Македонија може да ги постави темелите за одржлив и долгорочен економски раст – нагласува Петрески.
Освен квалитетна администрација, неопходно е да се подобрат и условите за развој на бизнисот. Тоа опфаќа и подразбира подобрување во делот на енергетиката, подобрување во делот на инфраструктурата, како на пример патиштата, така и на железницата, но и на авиосообраќајот. Само со добра поврзаност, која ќе доведе до полесен и побрз проток на стоки, може да очекувам поголем извоз, кој е клучен за развојот на нашата земја.
Уште еден значаен сегмент што го потенцираат извозниците е потребата од побрз проток на стоката на границите, подобра синхронизираност со европското законодавство, што ќе резултира со полесен проток и поголем извоз на стоки, а оттаму и поголем економски раст и повисоки плати за македонските работници. Е.Р.
Штетите за Македонија од неуставните закони се колосални, и не се само финансиски
Како ќе се враќаат 50-те милиони од неуставниот Закон за солидарен данок?
Премиерот Мицкоски вели дека е сосема легитимно оданочените компании да побараат и камата. Тој не сакаше да ја коментира одлуката на Уставниот суд, но најави дека во целост ќе ја почитуваат и јавно побара објаснување од опозицијата како да се врати данокот.
– Нека излезат сега пред граѓаните и пред јавноста и нека кажат кој ќе ги врати овие 50 милиони. Од „Соравија“ ли ќе ги вратиме? Од „ролс-ројсот’“ ли ќе ги вратиме? Од инстант фирмите за јаглен ли ќе ги вратиме? Еве, нека излезат сега и нека им кажат на граѓаните – рече премиерот и праша дали и сега опозициските партии сметаат дека уставните судии работат по негов налог.
Мицкоски истакна дека за враќање на солидарниот данок веќе имал состанок со министерката за финансии и договориле да ја посетат секоја од компаниите што платиле солидарен данок за заеднички да најдат начин на кој ќе им бидат вратени парите.
Премиерот изрази и посебна загриженост од поддршката за овој данок што претходната влада ја добила од меѓународни финансиски институции.
– Тогаш бевме опозиција и на состаноците со претставниците на тие меѓународни финансиски институции лично ги гледав в очи и им кажував дека ова дивеење еден ден некој ќе го враќа. Еве, дојде денот кога вие треба да го враќате. Тие ќе се спакуваат и ќе си отидат таму од каде што дошле, вие ќе треба да го враќате. И сега, наместо нови 50 милиони за нешто друго, ние ќе треба поради каприци да враќаме за некој што правел грешки – истакна Мицкоски. П.Р.