Невообичаена раздвиженост на првите луѓе на американското разузнавање има во последниот период во регионот на Западен Балкан, што говори дека гласините за постоење на елементи за потенцијална регионална дестабилизација имаат некаква основа и дека САД се тука за да спречат креирање нова безбедносна криза во срцето на Балканот. Мини-турнејата на директорот на ЦИА, Вилијам Барнс, на Западен Балкан се совпаѓа со тајмингот наведен во последниот годишен извештај на ЦИА за глобалните безбедносни закани, во кој се наведува дека „Западен Балкан најверојатно ќе се соочи со зголемен ризик од локализирано меѓуетничко насилство во текот на 2024 година“
Голема раздвиженост на разузнавачки авторитети низ Западен Балкан
Директорот на ЦИА, Вилијам Барнс, пристигна на Балканот во „ненадејни посети“, најпрво на Сараево, а потоа и на Белград, при што со тамошните челници разговарал за актуелни прашања од безбедносен карактер што можат да доведат до некакви безбедносни ризици.
Мини-турнејата на Барнс на Западен Балкан се совпаѓа со тајмингот наведен во последниот годишен извештај на ЦИА за глобалните безбедносни закани, во кој се наведува дека „Западен Балкан најверојатно ќе се соочи со зголемен ризик од локализирано меѓуетничко насилство во текот на 2024 година“.
Во три кратки параграфи за Западен Балкан документот наведува дека „националистичките лидери најверојатно ќе ги влошат тензиите во своја политичка корист и надворешните актери ќе ги зајакнат и искористат етничките разлики за да го зголемат или заштитат своето регионално влијание или да спречат поголема интеграција на Балканот во ЕУ или евроатлантските институции“.
Американците транспарентни за нивната безбедносно-политичка заинтересираност на Западен Балкан
Во рамките на балканската мини-турнеја, Барнс со босанските власти разговарал, меѓу другото, за загрижувачката сецесионистичка реторика и постапки на претседателот на ентитетот Република Српска (РС), Милорад Додик, и владата на РС.
– Остварени се средби со колеги од разузнавачката заедница, членови на Претседателството и министерот за надворешни работи. Тие разговараа за прашања од заеднички интерес, кои вклучуваат територијален интегритет и суверенитет на Босна и Херцеговина – изјави претставник на американската влада за посетата на директорот на ЦИА на Сараево.
Од страна на босанските власти на првиот човек на ЦИА му било пренесено дека постојат извесни антидејтонски политики од страна на првите луѓе на РС, со што се загрозува територијалниот интегритет на БиХ, како и регионалната безбедност.
– Ова е многу важна посета, пред сѐ од безбедносен аспект, но и потврда за силната поддршка на САД за независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина – напиша на Фејсбук членот на Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ.
Детали за посетата на Барнс во Белград не се изнесуваат, но неофицијални извори наведуваат дека со српските власти ќе се разговара за релациите што актуелното српско раководство ги има со Додик, а ќе стане збор и за откочување на дијалогот Белград-Приштина, во насока на смирување на безбедносните тензии што постојат меѓу двете земји, особено по инцидентот во Рашка и по најавите на косовскиот премиер за отворање на мостот во Митровица, што САД и ЕУ го сметаат како висок безбедносен ризик и апелираат до косовскиот премиер Албин Курти да се воздржи од какви било еднострани избрзани чекори.
Посетата на Барнс има превентивен карактер
Посетата на Барнс има превентивен карактер, имајќи предвид дека ситуацијата во Украина дополнително ескалира по пробивите што украинските сили ги прават на руска територија, па во тој контекст САД не сакаат на Западен Балкан да се отвори ново безбедносно прашање, кое би можело да ескалира и на тој начин да го одврати фокусот од случувањата во Украина. Истовремено, каков било безбедносен конфликт во регионот отвора можност за инволвирање и на трети страни што би ги загрозиле американските стратегиски интереси во регионот.
Дека е тоа така говори податокот дека ниту Србија ниту, пак, БиХ се членки на НАТО и на ЕУ, но повторно американски највисоки разузнавачки челници работат со властите во овие земји на превенција од какви било сценарија за дестабилизација. Со други зборови, официјален Вашингтон им посветува големо внимание на случувањата во регионот и се обидува да ги менаџира состојбите со сите политички актери пред ситуацијата да излезе од контрола.