Фото: ЕПА

Мировните преговори за Украина во трка со времето

  • Како дел од засилените дипломатски активности, САД предложиле следната рунда на трилатерални преговори меѓу Украина, Русија и САД да се одржи веќе следната недела. За првпат како можен домаќин се спомнуваат Соединетите Американски Држави, а меѓу предложените локации е и Мајами. Украинската делегација веќе ја потврдила својата подготвеност за учество, што се толкува како сигнал дека Киев не сака да биде перципиран како страна што го кочи процесот, и покрај сериозните разлики во ставовите

Вашингтон постави јасна временска рамка за ставање крај на војната во Украина: До почетокот на летото, односно до јуни годинава! Ова го откри украинскиот претседател Володимир Зеленски на прес-конференција, а информацијата ја пренесе украинскиот медиум „Страна“. Според Зеленски, Вашингтон има подготвено „јасен распоред за сите настани“ и планира да изврши дипломатски притисок врз Киев и Москва за да се испочитува рокот.
– Американците велат дека сакаат сè да заврши до јуни – истакна претседателот на Украина, Володимир Зеленски, на прес-конференција во Киев, додавајќи дека внатрешнополитичките прашања во САД играат значајна улога и дека нивната итност веројатно ќе расте во наредниот период. Иако рокот е амбициозен, украинскиот претседател нагласи дека досега не добил пораки дека САД би се повлекле од мировниот процес доколку не биде постигнат договор во предвидениот рок.

Нов круг преговори, а Мајами на Флорида, САД, како можна локација

Како дел од засилените дипломатски активности, САД предложиле следната рунда на трилатерални преговори меѓу Украина, Русија и САД да се одржи веќе следната недела. За првпат како можен домаќин се спомнуваат Соединетите Американски Држави, а меѓу предложените локации е и Мајами. Украинската делегација веќе ја потврдила својата подготвеност за учество, што се толкува како сигнал дека Киев не сака да биде перципиран како страна што го кочи процесот, и покрај сериозните разлики во ставовите. Една од клучните точки на несогласување останува статусот на Крим. Според Зеленски, Русија бара САД официјално да го признаат полуостровот како руска територија, но Украина категорично одбива какви било договори што би значеле откажување од суверенитет. Исто така, Украина е цврсто против повлекување на своите трупи од регионот Донецк. Рускиот предлог Украина да го напушти Донбас е одбиен, при што Зеленски потенцира дека „најсигурната позиција за прекин на огнот е да останеме таму каде што сме“.

Европејците надвор од играта

Еден од поизненадувачките моменти во изјавите на Зеленски е тврдењето дека, доколку се постигне прекин на огнот, Европа нема да учествува во неговото следење. Наместо тоа, мониторингот би го спроведувале Украина, Русија и САД. Според него, војските на трите земји веќе се договориле за техничките детали, а американското учество е потврдено. Во изјавата на прес-конференцијата, Зеленски не спомна можност за вклучување на таканаречената „коалиција на подготвените“ како набљудувачи, идеја на која Русија остро се спротивставува.
Натаму, за издвојување е и изјавата на украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха, кој во изјава за „Ројтерс“ дополнително појасни дека Вашингтон нема намера да испраќа свој мировен контингент во Украина. Сепак, Белата куќа му потврдила на Киев дека е подготвена да ги ратификува сојузничките обврски во американскиот Конгрес. Според Сибиха, САД би обезбедиле безбедносна „резерва“ за поддршка на мировниот договор, иако не е прецизирано што точно подразбира тој механизам – дали станува збор за воена, финансиска или политичка поддршка во случај на нарушување на договорот.

Дали јуни е навистина реален рок?

Дипломатската офанзива на САД укажува на силна желба за затворање на украинското прашање во наредните месеци. Но длабоките разлики околу територијата, безбедносните гаранции и улогата на меѓународните актери покажуваат дека патот до одржлив мир останува неизвесен. Јуни можеби е рок на Вашингтон – но дали ќе биде и рок на реалноста на теренот, допрва ќе се види.


Претседателот на Украина со уште една невообичаено интересна изјава во јавноста за поврзаноста на геополитиката и бизнисот

САД и Русија со трговски договор од 12 билиони долари?!

Во уште една неочекувана изјава, Зеленски откри дека, според разузнавачки информации, Русија и САД разгледуваат можност за потпишување трговски договор вреден дури 12 билиони долари. Тој го спомена таканаречениот „Дмитриев пакет“, насочен кон зајакнување на економската соработка меѓу двете сили.
Украинскиот претседател посочи дека медиумите известуваат за поврзаност меѓу овој економски пакет и решавањето на конфликтот во Украина, но уште еднаш подвлече дека Киев нема да прифати сценарио во кое, како што самиот вели со мирот да се тргува преку грбот на Украина“. Р.С.


Избори во Украина: меѓу воената состојба, законските пречки и меѓународните очекувања

  • Претседателот на САД, Доналд Трамп, јавно и постојано го повикува украинскиот претседател Володимир Зеленски да распише избори, аргументирајќи дека неговиот петгодишен мандат формално истекол во мај 2024 година. Сепак, официјален Киев останува на ставот дека „избори во услови на воена состојба се практично и правно невозможни“

Прашањето за организирање претседателски избори во Украина повторно се најде во фокусот на меѓународната дипломатија, откако американски претставници, предводени од специјалниот пратеник Стив Виткоф и Џаред Кушнер, зет на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, ги повикале украинските власти да размислат за одржување избори во блиска иднина. Според „Ројтерс“, ваквите разговори се воделе за време на неодамнешни средби во Абу Даби и Мајами, повикувајќи се на три извори запознаени со разговорите. Паралелно со тоа, Доналд Трамп јавно и постојано го повикува украинскиот претседател Володимир Зеленски да распише избори, аргументирајќи дека неговиот петгодишен мандат формално истекол во мај 2024 година. Сепак, официјален Киев останува на ставот дека избори во услови на воена состојба се практично и правно невозможни.

Зеленски: Нема избори додека траат воените дејства

Зеленски во повеќе наврати нагласува дека организацијата на избори во земја погодена од војна претставува сериозен безбедносен и логистички предизвик. Според него, невозможно е да се гарантира безбедноста на гласачките места низ целата територија на Украина, особено во регионите изложени на постојани напади. Дополнително, постојното законодавство – усвоено пред неговиот мандат – категорично забранува одржување избори за време на воена состојба. Слични законски механизми постојат и во други држави, каде што уставите или изборните закони дозволуваат одложување на изборите во вонредни или воени околности. Сепак, Зеленски во декември 2025 година изјави дека постои можност законите да се изменат доколку се создадат услови за безбедно гласање.
Според „Ројтерс“, американските и украинските претставници разгледувале и опција изборите да се одржат заедно со референдум за потенцијален мировен договор со Русија уште во мај. Но повеќе извори ја оцениле предложената временска рамка како „невообичаена“ и пребрза. „Американците брзаат“, изјавил еден од изворите за агенцијата. Од украинска страна, Зеленски проценува дека за организирање избори би биле потребни најмалку три месеци подготовки, како и конкретни безбедносни гаранции од Соединетите Американски Држави. Во меѓувреме неговата политичка позиција е дополнително ослабена од неколку корупциски скандали што резултираа со оставки на двајца министри и на неговиот долгогодишен началник на кабинетот Андриј Јермак.

Двајца кандидати за претседател на Украина пред Зеленски во анкетите

Според најновите анкети, Зеленски ужива поддршка од 62 проценти од граѓаните, но заостанува зад поранешниот врховен воен командант Валериј Залужни, кој има 72 проценти поддршка, како и зад Кирил Буданов со 70 проценти. Буданов, поранешен шеф на военото разузнавање, неодамна беше именуван за нов шеф на претседателската канцеларија, заменувајќи го Јермак. Прашањето за избори во Украина, на тој начин, останува тесно поврзано со безбедносната состојба на терен, законските ограничувања и зголемените меѓународни притисоци. Додека западните партнери инсистираат на демократски процеси, Киев предупредува дека без стабилност и гарантирана безбедност, изборите би можеле да претставуваат повеќе ризик отколку решение. Р.С.