Суспендирањето на помошта од САД дојде откако Трамп одржа серија состаноци во Белата куќа со највисоките претставници на националната безбедност. Суспензијата може да има сериозно влијание врз борбените способности на Украина, велат официјални лица и аналитичари. Таа ќе остане во сила сѐ додека Трамп не утврди дека Зеленски се обврзал да бара мировни преговори, рече еден официјален претставник, во суштина принудувајќи ја Украина на преговарачка маса со закани за дополнителни загуби на бојното поле
Претседателот Доналд Трамп нареди стопирање на испораките на американската воена помош за Украина по неговата жестока расправија во Овалната соба со украинскиот претседател Володимир Зеленски минатата недела, изјави во понеделникот официјален претставник на Белата куќа. Потегот доаѓа откако Трамп ја смени американската политика кон Украина и Русија по преземањето на функцијата во јануари, заземајќи попомирлив став кон Москва – и по експлозивниот судир со Зеленски во Белата куќа во петокот, во кој Трамп го критикуваше дека не е доволно благодарен за поддршката на Вашингтон во војната со Русија.
Суспензија на помошта од САД за Украина
Суспендирањето на помошта дојде откако Трамп одржа серија состаноци со највисоките претставници на националната безбедност во Белата куќа. Суспензијата може да има сериозно влијание врз борбените способности на Украина, велат официјални лица и аналитичари. Таа ќе остане во сила сѐ додека Трамп не утврди дека Зеленски се обврзал да бара мировни преговори, рече еден официјален претставник, во суштина принудувајќи ја Украина на преговарачка маса со закани за дополнителни загуби на бојното поле.
– Претседателот јасно стави до знаење дека е фокусиран на мирот. Неопходно е и нашите партнери да бидат посветени на таа цел. Паузираме и ја разгледуваме нашата помош за да се увериме дека придонесува за решението – изјави за медиумите претставник на Белата куќа.
Официјални лица рекоа дека паузата ќе се однесува на сета воена опрема што сè уште не е во Украина и е директен одговор на она што Трамп го гледа како лошо однесување на Зеленски од минатата недела.
Украина веројатно би можела да го задржи сегашното борбено темпо неколку недели – можеби до почетокот на летото – пред американската пауза да почне да има голем ефект, наведоа западните претставници пред одлуката. Администрацијата на Бајден избрза со испорака на оружје за Украина во последните денови, обезбедувајќи ѝ на земјата големи резерви напредно оружје.
Станува збор за софистицирано оружје – вклучувајќи ги и ракетите со долг дострел ATACMS – кои ѝ дозволија на Украина да нападне длабоко во руска територија, стратегија што може да настрада ако тоа оружје остане во мирување.
Додека европските земји би можеле да ги заменат американските артилериски резерви, дополнети со растечката одбранбена индустрија на Украина, најнапредното оружје што го користи Киев сè уште доаѓа од Соединетите Американски Држави.
Р.С.
Реакции во Америка на суспендирањето на помошта од САД за Украина
Ниту Пентагон ниту Доналд Трамп досега не ги коментираа последните случувања. Но се огласи државниот секретар Марко Рубио.
– Претседателот Трамп е единствениот лидер во светот во моментов што има шанса трајно да ја заврши војната во Украина – вели Рубио.
Од друга страна, од демократската партија на САД, очекувано, остро ја критикуваа одлуката на Трамп за суспендирањето на помошта од САД за Украина.
Унгарската влада ја поддржа гореспоменатата одлука на администрацијата на Доналд Трамп. Портпаролот на владата на Виктор Орбан изјави дека „американскиот претседател и унгарската влада го делат истиот став: наместо продолжување на испораката на оружје и војна, потребни се што поскоро прекин на огнот и мировни преговори“.
За издвојување е дека „целата американска воена опрема што се испраќа во Украина ќе биде запрена, вклучувајќи го и оружјето во транзит и во магацини во Полска“.
Реакциите од Украина за прекин
на сета воена помош од САД
Олександр Мережко, пратеник во Врховната Рада од партијата Слуга на народот, партија чиј член е и украинскиот претседател Володимир Зеленски, рече за медиумите дека е „шокиран“ од веста дека Соединетите Американски Држави (привремено) престанале да испраќаат воена помош за Киев.
– Неверојатно е тоа што се случува бидејќи ниту во моите најлуди соништа не можев да замислам дека (американскиот претседател Доналд Трамп) ќе ја прекине испораката на воена помош во време кога ни е најпотребна – изјави Мережко за јавноста.
„Ова е катастрофа“ е насловен на текстот на украинскиот медиум „Страна“, кој објавува некои коментари на украинските пратеници и новинари.
„Ги прочитав утринските вести, единствената мисла што ми паѓа на ум во моментов е дека итно се собираме на молитвен појадок“, пишува пратеникот од Слуга на народот, Александар Федиенко, на социјалните мрежи.
Неговиот колега од фракцијата Макс Бужански се прашува „дали се смешкаат“ денес оние украински пратеници што „за време на овие три воени години патуваа во Давос, Лозана и други молитвени појадоци, насмеани бескрајно и широко од среќа на секоја фотографија“.
„Немам и не можам да имам никакви прашања за САД, тие дејствуваат во свој интерес како што им одговара, јас сум им благодарен за сета помош што ја дадоа во минатото. Но имам прашања за народните избраници што во овие три воени години патуваа во Давос, Лозана и други молитвени појадоци, насмеани бескрајно од среќа на секоја фотографија.
На што се смеевте? Ова прашање го поставувам три години, само ме интересира. До тој степен што сè уште не разбираат што се случи на 24 февруари, па се смешкаат од уво до уво? Или толку се среќни што ниту 24 февруари не го расипа расположението? Не барам жртвени јарци, само се прашувам дали сѐ уште се смешкате или малку помалку утрово?“
Пратеникот на опозициската европска солидарност Алексеј Гончаренко го смета инцидентот за „катастрофа“. „Ова е катастрофа, а вие и јас знаевме за тоа и разговаравме за тоа кога целата оваа банда врескаше за субјективноста на нашиот голем лидер“, напиша тој и му предложи на украинскиот претседател Володимир Зеленски да му се извини на шефот на кабинетот на Белата куќа, Доналд Трамп.
– Реалноста е дека Трамп е актуелниот претседател на САД. Ние сме целосно зависни од САД и треба да играме со Трамп, а не против него. Веќе имаме доволно непријатели, барем да не ги изгубиме нашите пријатели- апелира Гончаренко и повикува на „постигнување мир, а не капитулација“.
Според Ирина Герашченко, пратеничка од оваа фракција, „еуфоријата на социјалните мрежи и емоциите постепено стивнуваат, а реалноста настапува: „Недостигот од американска помош ќе го почувствува пред сѐ фронтот“.
Таа смета дека Европа нема и не може да надомести за американските испораки. Европејците нѐ поддржуваат и сочувствуваат, но на самитот во Лондон јасно ставија до знаење дека е очигледно дека во оваа фаза ЕУ и Велика Британија не се во можност да ја заменат целата линија на американска воена помош. Банкова требаше да го знае тоа и да го пресмета секој детаљ од американската турнеја“, пишува Герашченко.
Новинарот Дмитро Гнап, кој моментално служи во украинските вооружени сили, исто така, го поврза одбивањето на испораката на оружје со неуспешната посета на Зеленски кај Трамп.
Р.С.
Администрацијата на Трамп го гледа договорот за минерали како американски начин да врати дел од десетиците милијарди долари што ѝ ги даде на Украина
Од почетокот на воениот судир пред три години, Конгресот на САД одобри вкупна помош од 175 милијарди долари за Украина, според непартискиот комитет одговорен за федерален буџет.
Администрацијата на Трамп наследи 3,85 милијарди долари овластување одобрено од Конгресот за да ги искористи резервите од оружје на САД за Украина, но со оглед на ескалацијата на спорот меѓу Вашингтон и Киев, мала е веројатноста дека помошта ќе биде искористена. Трамп ја запре испораката на воена опрема одобрена од Бајден, вклучувајќи муниција, проектили и други системи.
Но Трамп, исто така, во понеделникот предложи дека договорот за отворање на украинските минерали за американски инвестиции сепак може да биде склучен и покрај неговата фрустрација со Киев, бидејќи европските лидери изнесоа предлози за прекин на огнот во војната на Русија со нејзиниот сосед.
Администрацијата на Трамп го гледа договорот за минерали како американски начин да врати дел од десетиците милијарди долари што ѝ ги даде на Украина во финансиска и воена помош откако почна војната пред три години.
Запрашан во понеделникот дали договорот е мртов, Трамп во Белата куќа рече: „Не, не мислам така“. Трамп го опиша тоа како „одлична работа за нас“ и рече дека ќе извести за ситуацијата по неговото обраќање во Конгресот на САД.
Р.С.