Во Џеда, Саудиска Арабија се одржа уште една сесија мировни преговори за војната во Украина / Фото: ЕПА

Американските и руските официјални лица во последните недели изјавија дека нацрт-договорот за кој Вашингтон, Киев и Москва разговараа во Истанбул во 2022 година може да биде почетна точка за мировните преговори. Во овие разговори, Русија побара Украина да се откаже од амбициите за НАТО и да прифати постојан статус без нуклеарно оружје. Тие побараа и вето на акциите на земјите што сакаат да ѝ помогнат на Украина во случај на војна

Војната во Украина

Русија им претстави на САД список со барања за договор за прекин на војната во Украина и ресетирање на односите со Вашингтон, изјавија за „Ројтерс“ двајца соговорници добро запознаени со ова прашање, кои инсистираат на анонимност. Не е јасно што точно ставила Москва на својата листа или дали е подготвена да се вклучи во мировни преговори со Киев пред да ѝ бидат прифатени барањата, наведува агенцијата.
Претходно, „Блумберг“, исто така, објави дека Путин поставил три барања, барајќи од Киев формално да се заложи за неутралност, да ги напушти своите аспирации за НАТО и да ги признае руските претензии за анектираните територии. Москва исто така не сака мировни сили од Европската Унија во Украина.
Руските и американските официјални лица разговараа за условите за време на директни, но и виртуелни разговори во текот на изминатите три недели, велат изворите. Тие ги опишаа условите на Кремљ како широки и слични на барањата што претходно ги постави кон Украина, САД и НАТО.
Американскиот претседател Доналд Трамп деновиве изјави дека американските претставници одат во Русија на разговори за американско-украинскиот договор за 30-дневен прекин на огнот и патот кон мировните преговори.

Москва бара од Западот да се справи со „основните причини“ на војната

Претходните руски услови вклучуваа нечленство на Киев во НАТО, договор да не се распоредува странски војници во Украина и меѓународно признавање на тврдењето на претседателот Владимир Путин дека Крим и четири провинции ѝ припаѓаат на Русија.
Русија, исто така, во последниве години бараше од САД и НАТО да ги решат, како што ги нарече „основните причини“ на војната, вклучително и проширувањето на НАТО кон исток. Трамп го чека одговорот на Путин за тоа дали ќе се согласи на 30-дневен прекин на огнот што украинскиот претседател Володимир Зеленски во вторникот рече дека ќе го прифати како прв чекор кон мировните преговори.
Посветеноста на Путин за можен договор за прекин на огнот сѐ уште е неизвесна, а деталите допрва треба да се финализираат. Некои американски функционери, пратеници и експерти стравуваат дека Путин, поранешен офицер на КГБ, ќе го искористи прекинот на огнот за да го засили, како што велат, обидот да ги подели САД, Украина и Европа и да ги поткопа сите преговори.

Русите разговараа со Бајден додека војниците чекаа наредба

Во Киев, украинскиот претседател Зеленски го поздрави овонеделниот состанок во Саудиска Арабија меѓу американските и украинските претставници како конструктивен и рече дека потенцијалниот 30-дневен прекин на огнот со Русија може да се искористи за да се постигне поширок мировен договор.
Москва постави многу од овие слични барања во изминатите две децении, а со некои дури и влезе во формални преговори со САД и Европа. Москва претходно разговараше за нив со администрацијата на Бајден на серија состаноци кон крајот на 2021 и почетокот на 2022 година, додека десетици илјади руски војници беа на украинската граница и чекаа наредба за напад.
Тие вклучуваа барања што ќе ги ограничат воените операции на САД и НАТО од Источна Европа до Централна Азија.
Според документите на американската влада до кои дојдоа новинарите на „Ројтерс“ и повеќе поранешни американски функционери, иако отфрли некои од условите, администрацијата на Бајден се обиде да ја спречи војната соработувајќи со Русија на неколку од нив. Напорите не успеаја и Русија нападна на 24 февруари 2022 година.

Истанбулскиот план како почетна точка?

Американските и руските официјални лица во последните недели изјавија дека нацрт-договорот за кој Вашингтон, Киев и Москва разговараа во Истанбул во 2022 година може да биде почетна точка за мировните преговори.
Во овие разговори, Русија побара Украина да се откаже од амбициите за НАТО и да прифати постојан статус без нуклеарно оружје. Тие побараа и вето на акциите на земјите што сакаат да ѝ помогнат на Украина во случај на војна.
Администрацијата на Трамп не објасни како им пристапува на преговорите со Москва. Двете страни, потсетува „Ројтерс“, водат два одделни разговори – едната за ресетирање на американско-руските односи, а другата за мировниот договор во Украина.