Руша е родена во Кукуш, 1868 година. Според многумина, таа била првата жена што во редовите на Организацијата ја покрстил нејзиниот брат Гоце, а наедно и прва жена во Организацијата воопшто во 1895 година. Извршувала курирски задачи, криела и пренесувале оружје и четници. За време на Балканските војни се јавила како доброволец заедно со тројцата синови и единствениот преостанат жив брат Христо и со 60 кукушани се борела за ослободување на Македонија. Била разочарана од поделбата на Македонија и од внатрешните братоубиствени пресметки во ВМРО
Жени во македонското револуционерно движење од предилинденскиот и илинденскиот период (15)
Во македонската историја се познати голем број настани и револуционери што оставиле силен белег во борбите за ослободување на Македонија. Меѓутоа, она што не е доволно познато е дека во тие борби се вклучиле и повеќе Македонки, кои со своите дела и постапки исто така дале свој придонес во револуционерното дело. Околу нив се плетеле приказни, се граделе митови и легенди, а нивните биографии личат на вистински романи, кои како да се произлезени од најголемите фантазии на писателите. Овие жени се бореле гради во гради со непријателот, шиеле востанички знамиња, извршувале
курирски задачи, пренесувале оружје и муниција, ги криеле и ги лекувале македoнските револуционери. Нивниот револуционерен ангажман бил прераскажуван од современиците, а меѓу народот биле
познати како „комитките“.
Авторот д-р Славчо Ковилоски е универзитетски професор.
Руша Делчева му е сестра на Гоце Делчев. Ваквиот вовед ни се чини наједноставен и сосема доволен за да започнеме со изнесување податоци за нејзиниот животен пат и револуционерни активности.
Семејството Делчеви се има вградено во македонската историја со стоицизмот, изградбата на Македонската револуционерна организација и нејзините институции, градењето на идеолошката подлошка и со жртвите што ги има дадено за татковината. Таткото и мајката на Руша, Никола и Султана, родиле девет деца, пет ќерки и четири синови: Руша, Цоца, Ѓорѓи (Гоце), Тина, Велика, Елена, Димитар, Милан и Христо. Од нив, тројца загинале во борбите со аскерот во период од само две години. Првиот што загинал бил Димитар (Мицо) на 4 февруари 1901 г. (имал 22 години), потоа следувала смртта на Гоце на 4 мај 1903 г. (имал 31 година) и веќе следниот месец загинал Милан на 12 јуни 1903 г. (имал 20 години). Соочени со загубите, родителите тешко ги доживеале тие моменти, па со скршено срце мајката Султана починала во 1907 година. Таткото Никола ги преживеал Балканските и Првата светска војна, а починал во Горна Џумаја, 1920 година. Познати се неговите зборови по повод смртта на Гоце: „Двајца убивте (во тоа време бил убиен веќе и Мицо Делчев, помалиот Гоцев брат), но имам уште двајца. И нив да ги убиете, имам петнаесет внуци, а тие нема да ве остават намира!“ Ете, во ваква средина растела Руша Делчева и таа, како и нејзиниот татко и браќа, прифатила дека треба да се дадат жртви за да се стигне до слободата.
Руша е родена во Кукуш, 1868 година. Според многумина, таа била првата жена што во редовите на Организацијата ја покрстил нејзиниот брат Гоце, а наедно и прва жена во Организацијата воопшто во 1895 година. Извршувала курирски задачи, криела и пренесувале оружје и четници. За време на Балканските војни се јавила како доброволец заедно со тројцата синови и единствениот преостанат жив брат Христо и со 60 кукушани се борела за ослободување на Македонија. Разочарана била од поделбата на Македонија и од внатрешните братоубиствени пресметки во ВМРО. Затоа, од 1923 до 1926 година Руша одела по софиските ресторани каде што седеле македонските револуционери и бугарските чиновници, чукала по масите и викала: „Пијте, убијци, но знајте дека тоа вино е крвта на убиените што ќе ви ги изгори жестоките срца“. Поради тоа, Руша станала цел на неистомислениците предводени од Тодор Александров, а потоа и од Ванчо Михајлов. Обидите за нејзино убиство не биле успешни, но биле одземена семејната куќа и нивата, по што семејството Чопови било принудено да се отсели и да бара нов дом.

Откако се омажила за фурнаџијата Андон (Доне) Чопов го зела неговото презиме, па во изворите е позната и како Руша Чопова. Со Доне имале седум деца: Мирчо (загинал во 1913 г.), Владимир (загинал во 1918 г.), Тодор (убиен во 1923 г.), Туше, Лика (Велика), Ленка и Магда. По Балканските војни со семејството пребегуваат во Софија, а потоа некое време живеат во Горна Џумаја. Силно била врзана за своето семејство, па и на постара возраст учествувала во ослободителните борби, помагајќи го својот син Туше, кој како комунист бил изложен на прогони од властите. Во следните години криела оружје, ги пресретнувала и им помагала на младите македонски комунисти: Антон Попов, Никола Вапцаров, Димитар Митрев и други. Починала на 9 јуни 1944 година. По ослободувањето на Македонија, нејзината ќерка Лика Чопова од Софија се преселила во Скопје, каде што и починала на 5 септември 1983 година.
Од Лика Чопова, подоцна Јурукова, се останати повеќе спомени коишто се однесуваат на Руша. „Таа беше висока, убава и храбра жена, која не се плашеше од заканите на Турците. Пренесуваше оружје, шифрирани писма и облека од војводите и комитите по селата, ги посетуваше по кукушките и солунските затвори итн.“, ќе каже таа во своите сеќавања. Физички „таа беше висока, стројна, крупна, лицето ѝ беше украсено со живи кафеави очи, со бисерни заби, со бемка над левата веѓа, со брчка меѓу двете очи, која ги одразуваше нејзината храброст и мудрост… Кога таа раскажуваше за борбите и за апсењата, белото лице ѝ пламнуваше со некое горчливо руменило“. Таа не била образована, но била природно надарена. Ќерката Лика со сеќавањата го додала и следното: „Целата се оддаде на Делото. Турците честопати ја заплашуваа со убиство, но таа беше куражлива и не се плашеше од нивните закани. Беше врска со сите војводи и комити што дејствуваа во Кукуш и Кукушко. Разнесуваше и криеше оружје, шифрирани писма, облека и што ти не друго, но никогаш не ја открија“.
Спомени за Руша оставила и една друга нејзина внука, Катерина Живкова Нејнска: „Надворешно беше многу интересна. На мене ми оставаше впечаток на многу силен човек. Снажна жена, со многу високи веѓи, со бенки на лицето. Беше облечена со многу фусти (долен дел од фустан – белешка С.К.). Си споменувам, кога одевме на пазар, таа вечно пребаруваше во купот фусти додека ги најде парите. Секогаш се облекуваше во црно… баба ми кажуваше за Гоце Делчев.

Тој беше идол, идеал на семејството. Сите во тоа семејство длабоко во себе го носеа чувството дека се роднини на еден голем човек. Но сите беа многу, многу скромни. Никогаш не парадираа со тоа, а многу зборуваа за него меѓу себе. Знам исто дека баба Руша, како најстара сестра негова сестра со целиот свој темперамент стана негов помошник. Од неа сум слушала дека кај неа како член на револуционерниот комите се криеле материјали и оружја… Таа била со некаква чета – единствена жена – да се бие…“
Руша Делчева, односно Руша Чопова, израсната во борбеното семејство Делчеви ги задолжила своите потомци, сограѓани, еднородци со својата непрекината борба за ослободување на Македонија. А видела многу смрт, многу жртви, почнувајќи од браќата, па сѐ до нејзините синови. Но можеби идеалот за слобода и за чекорење слободно по родната земја ѝ ја давал силата за да истрае, за да не се поколеба, а можеби и нешто сосема друго. Којзнае? Останува само да го афирмираме нејзиното дело, кое иако не било во првите борбени редови на Организацијата, сепак било потребно за да можат револуционерите да бидат безбедни, да бидат заштитени. Затоа, еве уште една припадничка на Делчеви; затоа, еве уште еден јунак…
Д-р Славчо Ковилоски
(Крај)