Осумдесет години печат за деца во Македонија
Печатот за деца во Република Македонија има долга традиција, осум децении, почнувајќи од далечната 1945 година, од кога излегуваат литературните списанија за деца: „Росица“, „Другарче“, „Развигор“ и забавникот за млади „Наш свет“. Со овие четива пораснаа голем број генерации деца, почнувајќи од предучилишните установи, па сѐ до завршувањето на основното образование.
Од објавувањето на првото списание за деца на македонски јазик на 3 јануари 1945 година, создадено под уредувачката палка на академик Славко Јаневски, па сѐ до денес, печатот за деца има цел:
– да го негува мајчиниот јазик;
– да ја развива љубовта кон убаво напишаниот збор;
– да ги едуцира и воспитува своите читатели;
– да ги разгорува нивната љубопитност и желба за откривање и усвојување нови знаења и вештини.
Сето тоа се постигнува на забавен и интерактивен начин приспособен на возраста, интересите и воспитно-образовните потреби на децата.
Списанијата низ годините
Концепциската поставеност низ годините се менувала и се приспособувала на современото дете, но фокусот секогаш бил и останува врз децата и детето како индивидуа, секогаш имајќи ги предвид нивните интереси и можности, нивните посебни биолошки и психолошки процеси и потреби. Континуираното содејство со современите потреби и интереси на децата има цел да ја гради нивната самодоверба, да ги охрабри нивните иницијативи, да ги поттикне на творештво, да им даде целосна поддршка и патоказ кон светот на возрасните.
Во изминативе осумдесет години, на кормилото на редакциските тимови на списанијата, строго внимавајќи на литературно-јазичните аспекти при изборот и објавувањето на поезија и проза за деца, како одговорни уредници стоеле: Славко Јаневски, Јонче Јосифовски, Борис Бојаџиски, Ванчо Николески, Симон Дракул, Миле Марковски, Цане Андреевски, Славчо Темков, Васил Куноски, Симон Дракул, Видое Подгорец, Глигор Поповски, Киро Донев, Александар Поповски, Рајко Јовчевски, Горјан Петревски, Ванчо Полазаровски. Сите тие низ годините со своето дејствување поставувале високи критериуми на уметничко-естетските аспекти на литературните творби застапени во списанијата. Како треба да се уреди едно списание за деца, кои параметри мора да бидат испочитувани, кои педагошки и дидактичко-методски аспекти треба да бидат задоволени и какви стандарди треба да се постават во ликовно-графичкото обликување можело да се научи единствено во таканаречената школа на „Детска радост“, според името на редакцијата во која се подготвувале и сѐ уште се подготвуваат и издаваат списанијата за деца – редакцијата „Детска радост“, која денес работи во рамките на издавачката куќа „Просветно дело“. Низ таа школа поминале и се обучувале и новите генерации на уредувачките тимови, кои денес работат на создавањето и издавањето на списанијата.
За првпат екна македонска песна за деца
По повод десетгодишнината од излегувањето на првото списание за деца на македонски јазик, во јануарскиот број од 1955 година, тогашниот уредник Васил Куноски ќе напише: „на 03.-1. 1945, токму пред десет години за прв пат прозвуче и се пренесе македонскиот збор, за прв пат екна слободната наша песна. Колку љубоморно го стискаа првиот број децата, зошто тоа беше единствениот лист од каде тие ги читаа и прераскажуваа стихотворбите и расказите. И чудно ли е што за една година само тиражот се качи на повеќе од 75.000 месечно?“
Првото списание за деца излегло од печат пред да биде отпечатен првиот Буквар, токму поради тоа, значењето и улогата на списанијата за деца од редакцијата „Детска радост“ имаат непроценливо национално, историско и културолошко значење. Традицијата на печатот за деца, која се градела и се негувала со секој новоотпечатен број, останала да се негува до ден-денес, како завет за генерациите што доаѓаат да ги чуваат и да ги негуваат својот јазик, својата писменост и својата традиција и култура.
Извадок од трудот „Списанијата за деца во современото образование и воспитание“ на Ксенија Маказлиева Трајчева, новинарка, авторка за деца и долгогодишна уредничка на „Другарче“ и „Росица“