По петти пат во чест на роденденот на „Нова Македонија“ викендов, односно во саботата, беше организиран планинарски марш, кој стартуваше од селото Горно Врановци, местото каде што пред 81 година беше испечатен првиот број на весникот. Турата беше во должина од 19 километри, при што беше совладана надморска височина од 1.460 метри, и се пешачеше десетина часа. Крајната цел што ја постигнаа учесниците во маршот беше искачувањето на врвот Кале, на 2.112 м надморска височина. Иницијаторка на турата, петта година по ред, е Ирена Диков со планинарскиот клуб „Убава“.


Патеката што ја изминаа планинарите стартува од селото Горно Врановци (650 м), потоа се движи кон запад, по патека што води низ нискостеблест предел до Острика (812 м), а потоа навлегува во густа букова шума, до изворот Невестинец (1.373 м), па преку Милевичка Река (1.572 м) излегува на срт и Корунов Сек (1.700 м). Потоа турата води кон југ по сртот кон Кале (2.112 м), највисокиот врв на сртот Јалоарник, Кале, Иванов Врв. На патеката моментално има два активни извора на вода. Враќањето беше по истата патека.


Симболиката на оваа тура беше да се повтори подвигот на партизаните кога на раце ја носеле еден тон тешката печатарска машина „бостонка“, неуморно, не броејќи километри, од Црешово по трнлив пат до Горно Врановци. Првиот број на „Нова Македонија“ е објавен на 29 октомври 1944 година, во селото Горно Врановци, каде што денес се наоѓа првата печатница, која е претворена во музеј. Весникот имал осум страници и бил испечатен во мал тираж, а бил дистрибуиран до бригади, штабови и многу здруженија.
Дваесет и деветти октомври е неизбришлив датум, а „Нова Македонија“ постојано ќе потсетува за учебникот што ја испишувал и ја испишува македонската историја, за весникот што ја запиша вистинската историја на Македонија, за секој нов ден, за секој нов запис и факт од македонската историја. Н.М.