Она што Македонија го прави сега како држава е за поздравување, бидејќи една земја кандидат всушност ја потсетува ЕУ дека треба да се врати на сопствените принципи и да го врати преговарачкиот процес во една нормална рамка според правилата што важеле за сите. Позитивно е и тоа што Македонија не чека некој друг да ѝ ги решава проблемите, туку покажува проактивност, бара разговори со бугарската страна, нуди решенија за излез од ќор-сокакот, со што на некој начин ѝ помага и на Европа да се извлече од калта во која ја втурнаа Грција и Бугарија
Уште еден европски дипломат од висок формат, Британец, ги дијагностицира европските и бугарските противправни поведенија
Апсурдните барања со кои се соочува Македонија повеќе од три децении се јасен показател дека Европа е таа што ги комплицира процесите дури и тогаш кога самата ги одредила правилата на игра, како што е исполнувањето на Копенхашките критериуми за кандидатите за членство.
Но кога ќе се разбудат вековните апетити на некои земји членки, истата таа Европска Унија наместо да ги неутрализира ваквите пројави, дополнително ги поттикнува така што отворено застанува на страната на оние што работат спротивно на европските, а во полза на сопствените интереси.
Таквиот пристап доведе процесот на проширување да се претвори во процес која земја членка ќе испорача повеќе билатерални услови кон кандидатите за членство, што ги направи евроинтеграциите еден долг маратон кон неизвесноста.
Вината за тоа лежи исклучиво кај самата Европска Унија, која не остана доследна на сопствените принципи, туку дозволи девалвирање на пристапниот процес, што резултира со губење на европскиот кредибилитет во регионот, но и пошироко.
ЕУ го губи кредибилитетот кога дозволува уцени од нејзина земја членка
Повеќето дипломати од висок калибар што низ еден временски пресек го анализираат однесувањето на ЕУ немаат никаква дилема дека вината за таквите состојби се крие исклучиво кај бриселските елити, кои не покажаа јасна визија како да изградат цврста и обединета Европа. За нив, случајот со Македонија е најдобриот показател за двојните европски стандарди што придонесоа земјата по 20 години кандидатски статус и натаму да не ги отвора преговарачките поглавја.
– Европа губи кредибилитет. Кога дозволува една земја членка да држи во заложништво кандидатска земја поради историски интерпретации, тогаш станува соучесник во негирањето на правото на самоидентификација. Македонија е жртва на тој систем, а не на сопствени грешки – вели британскиот дипломат и прв медијатор на ЕУ во грчко-македонскиот спор, амбасадорот Робин О’Нил.
Тој во интервју за „Политички магазин Вечер“ на ТВ Вистел порача дека Македонија никогаш не треба да се откаже од достоинството.
– Никогаш да не се откажувате од достоинството. Вие го поминавте најтешкиот пат, зачувавте идентитет под притисоци. Вашата борба не е залудна. Денес сте симбол на отпор и достоинство. Европа мора да го разбере тоа, или ќе го загуби Балканот – истакна О’Нил.
Според него, ако Македонија остане цврста, а европските лидери се освестат, вистината ќе победи.
– Прашањата што ги отвора Софија се решливи со европски механизми – тие не треба да се користат како услов за вето. Европа не смее да дозволи да биде заложник на една националистичка агенда – потенцира О’Нил.
Европа стана директен соучесник на негаторските политики
И други дипломати што на овој или оној начин беа инволвирани во македонскиот евроинтегративен процес прстот го вперуваат исклучиво кон Европската Унија.
– Европа погреши уште во стартот со Македонија. Дури и тогаш кога Бадентеровата комисија потврди дека само Словенија и Македонија од земјите од поранешна Југославија ги исполнуваат условите да бидат меѓународно признаени, Европа не го прифати тоа. Потоа следуваше и срамната Лисабонска декларација, кога Советот на тогашната Европска заедница, под португалското претседателство, наместо да ја признае Македонија (бидејќи таа ги исполни условите утврдени од заедницата), под силен притисок на Грција, донесе политичка одлука без покритие. Со неа од Република Македонија побара да прифати име што не го содржи терминот Македонија. Сепак, дури и Европа сфати дека отиде предалеку, па ретерираше од таквото барање. Но потоа повторно застана во отворена поддршка на Грција, го толерираше едностраното грчко ембарго, блокадите на евроинтеграциите, сѐ додека не се промени името на државава. Дури и тогаш, без оглед што ветуваше почеток на преговорите по промената на името, не остана на зборот и дозволи прво француска, па потоа и бугарска блокада, која и натаму е во сила. Нема никаква дилема дека проблемот е во Европа, која не знае како да ги скроти апетитите на своите земји членки, кои очигледно се незаситни. Европа што почива врз принципите на еднаквост, почитување на правото на самоидентификација, правото на сопствен јазик, култура и слично, сега е ставена во позиција тоа да му го оспорува на еден народ. И да, не е вината ниту кај Грција, ниту, пак, кај Бугарија, туку исклучиво кај ЕУ. Ако сакаше, многу лесно можеше да ги дисциплинира двете земји. Прво, ќе ја уважеше пресудата на Меѓународниот суд на правдата и ќе ѝ ставеше до знаење на Грција дека почитувањето на меѓународното право е клучно, а потоа ќе побараше од Бугарија да ги спроведе сите пресуди од Судот за човекови права во Стразбур. Затоа се смета дека Европа е виновна, оти застанувајќи на страната на Бугарија и Грција, таа е директен соучесник во нивните негаторски политики – посочуваат дипломатите.
Македонија ја враќа Европа на вистинскиот колосек
Вината кај Европа ја лоцираат и многу други објективни европски претставници, кои сметаат дека пристапниот процес се злоупотребува.
– Брисел постави јасни правила на игра – Копенхашките критериуми. На нив треба да инсистира, наместо да се меша во уставот на една суверена држава. Ако се навратиме наназад, во ниту еден преговарачки процес на земјите членки, еве да ги земеме оние од најголемиот бран на проширувањето во 2004 година, нема протоколи во Преговарачката рамка, нема условувања за уставни измени, за брзи резултати на мешаните комисии. Ова со Македонија дефинитивно е уникатен пример зад кој стои ЕУ. Можеби Бугарија го иницирала, но ЕУ во никој случај не смеела да го дозволи тоа, бидејќи со таквиот пристап се нарушуваат основните европски принципи, а тоа значи правење преседан што утре може постојано да се злоупотребува. Унијата не смееше да дозволи ниту француски, ниту германски, ниту португалски предлог, туку само јасни правила на игра, критериуми што важат за сите. Еве сега гледаме што се случува во Европскиот парламент и гласањето по извештајот за напредокот на Македонија. Јасно доаѓаат до израз вистинските бугарски намери, а Европа не смееше да си го дозволи тоа. Она што Македонија го прави сега како држава е за поздравување, бидејќи една земја кандидат всушност ја потсетува ЕУ дека треба да се врати на сопствените принципи и да го врати преговарачкиот процес во една нормална рамка според правилата што важеле за сите. Позитивно е и што Македонија не чека некој друг да ѝ ги решава проблемите, туку покажува проактивност, бара разговори со бугарската страна, нуди решенија за излез од ќор-сокакот, со што на некој начин ѝ помага и на Европа да се извлече од калта во која ја втурнаа Грција и Бугарија – заклучуваат соговорниците.