Можеби овој филм на Рајан Куглер неодоливо ќе ве потсети на легендарниот „Од самрак до зори“ на Роберт Родригез од 1996 година, каде што во епската вампирска битка брилираа Квентин Тарантино, Џорџ Клуни и Џулиет Луис, но „Грешници“ е нешто сосема поразлично во самата суштина. Елементите на хорор, особено пресвртот, се вешто вткаени. Филмот ги менува брзините на средина, трансформирајќи се во нешто сосема различно засега. Но за разлика од гореспоменатиот филм, кој се потпира на забавен хаос, „Грешници“ ги спојува темите со вистинска емоционална и наративна длабочина. Хоророт, иако е врзивно ткиво на филмот, сепак не го преоптоварува дејството, кое од минута на минута се подобрува. Секој акорд повикува духови. Музиката е врата меѓу световите, повик до мртвите, ритуал што предизвикува ежење. Режисерот испорачува филм каде што музиката не е само заднина, туку таа е суштина

Рецензија на филмот „Грешници“ од 2025 година

Филмскиот режисер и хитмејкер Рајан Куглер, кој започна во сферата на социјалниот реализам, со својот дебитантски филм „Станица Фруитвејл“, стана император на суперхеројството од Ваканда со „Црн Пантер“ и ѝ даде нов пресврт на франшизата „Роки“ со „Крид“. Во неговиот вестерн-историски хорор-трилер со наслов „Грешници“, тој го засилува мачоизмот на еден спектакуларен и веќе за него, препознатлив начин.
„Грешници“, кој беше за првпат претставен пред филмската публика на 17 април, годинава, во Австралија, предизвика бура од реакции и беше меѓу филмовите што се чекаа со нетрпение. Филмските фанови што се вљубени во хорор-жанрот имаа високи очекувања од овој мајстор на епски трилери, па така, „Грешници“ беше дочекан со силна возбуда. Вештерки што горат, колци, крв, распетија што чадат и девојки што врескаат. Овој филм беше замислен како модерна, современа верзија на мегапопуларниот вампирски трилер од 1998 година, „Блејд“, или можеби негова уметничка верзија, со Мајкл Б. Џордан во главната улога.
Но следуваше огромно изненадување! Наместо тоа, овој филм на Рајан Куглер е блуз-поезија и болка на црнците како света жртва.
„Грешници“, кој е периодична хорор-приказна за 1900-тите, ремиксуван од Роберт Џонсон, нуди ужас на поинаков начин. „Грешници“ е повеќе метафора отколку реален ужас. Чудовиштата? Симболи. А гледачот? Доброволна жртва што за дваесет минути сфаќа дека не гледа евтин холивудски слешер, туку еден вид модерна епопеја што нуди длабока премиса и ве води во мистична одисеја снимена како сон од треска на опиум.
Филмот раскажува приказна за двајца браќа близнаци од Мисисипи, кои штотуку се вратиле дома од Чикаго и отвораат ноќен клуб за време на ерата на прохибицијата. Тие планираат голема прослава на отворањето со ѕвезден состав од локални блуз-музичари – но група несакани, крволочни гости имаат планови да ја расипат забавата и да ја уништат вечерта.
Првата половина од „Грешници“ е богата со развој на ликовите и културна длабочина. Реализмот е брилијантен – од врската Мисисипи/Чикаго до неверојатната споредна музичка приказна во која блузот зазема огромен дел, што внесува душа и автентичност во приказната. Самата сцена на забавите е една од најспектакуларните сцени во филмското творештво – полна со енергија, култура и наследство.
Хипхоп и аренби-пејачот и текстописец Мајлс Катон го има своето актерско деби како Семи, натприродно надарен тинејџерски блуз-гитарист и пејач, кој е исто така, според бесмртните зборови што ги пее Дасти Спрингфилд, син на проповедник.

Семи е братучед на двајца близнаци престапници на законот, од кои се плашат и мртвите. Елајџа и Елајџа Смоук двајцата играни со одредено присуство од Мајкл Б. Џордан. Овие двајца се вмешани во бандитски војни во Чикаго, каде што очигледно работеле за Ал Капоне, а сега се вратени на нивната домашна територија со многу пари што се надеваат дека ќе ги инвестираат во сопствен ноќен клуб, а младиот Семи ги привлекува со своите толпи тонови на блузот. Но тогаш се појавува една од поранешните љубовници на близнаците – Мери, играна од Хејли Стајнфелд – која е примена во клубот, заедно со злокобниот кантри-пејач по име Ремик, игран од Џек О’Конел, со склоност кон ирски мелодии. И како што паѓа ноќта, силите на темнината и немртвите се приближуваат и нивниот локал се наоѓа под опсада сè додека сонцето повторно не изгрее.
Можеби сето ова неодоливо ќе ве потсети на легендарниот „Од самрак до зори“ на Роберт Родригез од 1996 година, каде што во епската вампирска битка брилираа Квентин Тарантино, Џорџ Клуни и Џулиет Луис, но „Грешници“ е нешто сосема поразлично во самата суштина.
Елементите на хорор, особено пресвртот, се вешто вткаени. Филмот ги менува брзините на средина, трансформирајќи се во нешто сосема различно засега. Но за разлика од гореспоменатиот филм, кој се потпира на забавен хаос, „Грешници“ ги спојува темите со вистинска емоционална и наративна длабочина. Хоророт, иако е врзивно ткиво на филмот, сепак не го преоптоварува дејството, кое од минута на минута се подобрува. Последниот чин на филмот ги поврзува двата света на значаен, провокативен начин. Секоја нота ве прогонува. Секој акорд повикува духови. Музиката е врата меѓу световите, повик до мртвите, ритуал што предизвикува ежење. Рајан Куглер испорачува филм каде што музиката не е само заднина, туку таа е суштина.

Истовремено мистичен и ритуален, „Грешници“ по својата космичка енергија е можеби најблиску до „Очи широко затворени“ на Стенли Кјубрик. Има вуду, грув, тела што се топат заедно, скриени суштества и музика што ве вкочанува од страв. „Грешници“ е филм што ве тера да верувате дека Бог го слуша блузот во мрачен подрум, длабоко во мочурливата Луизијана.
Деталите што можат да се забележат се прецизни за ерата – облеката, дијалогот, начинот на живот и перспективата – сите совршено вклопени во моќната приказна на Рајан Куглер. „Грешници“ е слоевит, добро изведен филм што нуди многу повеќе од само хорор-возбудувања.
Како заклучок, „Грешници“ е моќна приказна водена од ликови со вткаен хорор. Тој не е само добар хорор-филм, туку е одличен филм воопшто. Рајан Куглер, глумечката екипа и продукцискиот тим завршиле одлична работа.
„Грешници“ на Рајан Куглер несомнено ќе атакува на многу филмски награди годинава.