Фото: „Нова Македонија“

Видувања на медиумите од Албанија и Косово за локалните избори во Македонија

  • Локалните избори оваа година се одржуваа во важен момент за С. Македонија, каде што се очекува резултатите да имаат влијание не само на локално ниво туку и врз позиционирањето на политичките сили во пресрет на идните предизвици на национална и меѓународна сцена, оценува „Топ чанел“
  • Покрај известувањето за првичните резултати и за распоредот на силите помеѓу партиите, со особен акцент на победата на Вреди врз ДУИ, во медиумите на албански јазик се издвојува и победата на Албанец од ДУИ за градоначалник во Чашка

Медиумите во Албанија и Косово изборниот ден во Македонија го оценуваат како мирен и спроведен во демократска атмосфера. Покрај известувањето за првичните резултати и за распоредот на силите помеѓу партиите, со особен акцент на победата на Вреди врз ДУИ, се издвојува и победата на Албанец од ДУИ за градоначалник во Чашка. Од изборниот процес се истакнува и „гласањето во саботата на болните и изнемоштените како изборна практика што сѐ уште ја нема во Албанија“.
Натаму, една од вестите што пофреквентно се пренесуваат во медиумите од Албанија и Косово е онаа дека „за првпат општината Чашка ја освои Албанец“. На пример, „Бота сот“ напиша и дека „во општината Чашка е испишана историја“.
– Суат Шаќири од Националната алијанса за интеграција (НАИ) ја доби трката за градоначалник на општината Чашка во првиот круг од локалните избори, според конечните резултати објавени од Државната изборна комисија (ДИК) – пишува „Шќиптарја“.
Шаќири обезбеди 50,71 отсто од гласовите, избегнувајќи ја потребата од втор круг. На прес-конференција, портпаролот на НАИ, Арбер Адеми, изјави: „Значи, Суат Шаќири е градоначалник, во Чашка се пишува историја за првпат со градоначалник Албанец“, пренесуваат албанските медиуми.
Тие констатираат дека „битката за повеќе освоени места во македонскиот блок се води меѓу ВМРО–ДПМНЕ и СДСМ, додека во албанскиот меѓу коалициите Вреди и НАИ“.
– Локалните избори оваа година се одржуваа во важен момент за С. Македонија, каде што се очекува резултатите да имаат влијание не само на локално ниво туку и врз позиционирањето на политичките сили во пресрет на идните предизвици на национална и меѓународна сцена – оценува „Топ чанел“.

ВМРО–ДПМНЕ победува во 34 општини, во 19 други не обезбедува 50 отсто од гласовите. Албанската Влен е втора, освојувајќи пет општини, во четири оди во втор круг. Коалицијата АКИ, предводена од партијата на Али Ахмети, освои пет општини. Вториот круг од изборите ќе се одржи на 2 ноември, наведува порталот „Шќиптарја“.
Албанските медиуми ја следеа и известуваа за изборната кампања за локалните избори во државава, со оцена дека „изборниот ден мина мирно, без ниту еден инцидент и во демократска атмосфера“.
– Граѓаните на С. Македонија денеска гласаа во прв круг од локалните избори за градоначалници и избор на општински советници во сите 80 општини, плус градот Скопје. Ова се осми локални избори откако земјата прогласи независност во 1991 година. Граѓаните во Северна Македонија гласаа по вторпат за помалку од две години, откако минатата година во април и мај се одржаа претседателски и парламентарни избори – наведува албанското издание на „Евроњуз“.
Во известувањето се посочува и дека „карактеристика на кандидатите за градоначалници е доминацијата на мажите, кои ги има 277 или 89,64 отсто, наспроти 32 жени или 10,36 отсто“.
„Ора њуз“, покрај другото, наведува дека на изборите била дадена можност да гласаат болни и изнемоштени лица и лица сместени во старски домови, што во Албанија сѐ уште не се реализира, како и гласањето на затвореници, при што се истакнува и дека немало гласање во странство за разлика од парламентарните избори. С.Р.