„Ретроспективна изложба – 30 години творештво“ на ликовниот уметник и универзитетски професор Нехат Беќири ќе биде поставена во објектот „Чифте-амам“, утре, во 19 часот, а на отворањето ќе се обрати директорката на Националната галерија, Дита Старова Ќерими. Поставката ќе биде композиција од изложени над стотина слики во техниката акрил на платно од неговиот творечки опус, инсталации и графики. Кураторка на изложбата е Маја Крстевска, виша кустоска во Националната галерија.
– Следејќи ја сопствената развојна ликовна насока, Нехат Беќири се вбројува во најактивните и најдоследни уметници кај нас. Основите на неговиот творечки развој од почетокот се согледуваат во определбата кон неограничените експресивни можности што ги нуди апстрактното сликарство, во кое доминираат бојата и потегот како базични и нераздвојни ентитети. И токму оваа генеричка синергија кај него секогаш резултира со различни и возбудливи дела, кои за првпат во интегрална форма од сите творечки фази се претставуваат во Националната галерија. Нарацијата во делата на Беќири ја осознаваме преку три основни елементи: линијата, бојата и симболиката. Вечната игра на бојата и линијата како носачи на значења, во нагласено индивидуалното сликарство на Нехат Беќири резултира во креирање цели знаковни, апстрактно асоцијативни системи, секогаш одново и одново подложни на нови или, пак, проширени слоеви на (ре)интерпретации како директен израз на емоција – велат од Националната галерија.
За богатото творештво на експресивниот, динамичен и неуморен сликар Нехат Беќири можеме да сублимираме дека неговото досегашно сликарство е исклучително индивидуално и искрено, а неговите дела се одраз на нескриените внатрешни емоции во однос на темите чиј опсег на интерес се движи од длабоко интимни до универзални.
– Во својата основа, тоа е длабоко хуманистичко сликарство и за свој центар го има Човекот, чие присуство најчесто се чувствува токму преку отсуството во делата. Бидејќи тој е претпоставено мерило на сите ствари, треба да бидеме освестени и опоменати дека неговото егоистично дејствување е спротивно на благосостојбата на човештвото и е, најблаго речено, девастирачко – вели во осврт кон творештвото на Нехат Беќири, Маја Чанкуловска-Михајловска, виша кустоска во Националната галерија.
Нехат Беќири е роден во Тетово, дипломирал сликарство на Ликовната академија во Приштина, во класата на проф. Муслим Мулиќи, каде што и магистрирал во 2001 г. Работи како редовен професор по сликарство на Државниот универзитет во Тетово и предава на Интернационалниот универзитет во Нови Пазар. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Покрај дисциплината сликарство, работи и други медиуми, скулптура, инсталација. Неговите дела се наоѓаат во повеќе државни и приватни колекции во земјата и во странство. Има реализирано над триесет самостојни изложби, учесник на голем број ликовни колонии, како и на голем број групни изложби.