Фото: принтскрин

Научниците открија ретка егзопланета што орбитира околу ѕвезда со мала маса, која се наоѓа на околу 3.200 светлосни години од Земјата. Според студијата на литванските научници објавена во списанието „Астрономија и астрофизика“, станува збор за џиновска гасна планета наречена AT2021uey b, која орбитира околу ладна џуџеста ѕвезда М. За да ја лоцираат оваа екстрасоларна планета, научниците примениле техника што го користи ефектот на гравитациско искривување на светлината, метод базиран на теоријата на релативност на Алберт Ајнштајн.
Присуството на маса, имено, го искривува простор-времето, а овој ефект е екстремен околу многу масивни објекти како што се црните дупки и галаксиите, но ѕвездите и планетите исто така можат да предизвикаат значителен степен на искривување, според податоците од американската вселенска агенција НАСА. Се проценува дека масата на новооткриената планета е малку поголема од Јупитер, велат истражувачите, а нејзината необична големина во споредба со ѕвездата околу која орбитира доведе до нејзиното откривање.
Литванските истражувачи соработуваа со научници од Астрономската опсерваторија на Универзитетот во Варшава за да анализираат податоци добиени од телескопите Гаја на Европската вселенска агенција и опсерваторијата на Универзитетот во Вилнус.
– Додека се собираа податоците, сфативме дека многу видови планетарни системи се сосема различни од нашиот Сончев Систем – рече научничката Едита Стонкуте.
Првата егзопланета што орбитира околу ѕвезда е откриена во 1995 година, а оттогаш се потврдени над 6.000 вакви екстрасоларни планети.