Фото: „Нова Македонија“

Последните случувања во земјава јасно сигнализираат дека постојат структури внатре во државата што за да се заштитат од евентуален кривичен прогон се подготвени да иницираат акции што би можеле да бидат вовед во една поширока регионална дестабилизација, која покрај Македонија, би го зафатила и Косово. Тие внатрешни дестабилизирачки елементи, според нашите соговорници, ќе го користат моментот на одвојување на Албанија од пакетот со Македонија, поттикнувајќи „граѓанско незадоволство од страна на албанското малцинство во земјава“ и на тој начин создавајќи „простор за реализација на сценариото за дестабилизација“

Зачестија провокациите што сигнализираат дека некој посакува внатрешна криза во Македонија

Неодамнешните најави за можни обиди за внатрешна дестабилизација на земјава очигледно не се само обични најави, имајќи ги предвид последните случувања во државата, особено сега, во фонот на раздвојувањето на Македонија од пакетот со Албанија во пристапниот евроинтегративен процес. Дека има сериозни индиции за можна дестабилизација говори и распоредувањето на 150 оперативци на новоформираните сили за реакција на сојузниците (АРФ). Станува збор за прво распоредување на силите на АРФ во некој регион од нејзиното формирање во јули 2024 година, што јасно говори дека сојузниците имаат потврдени информации за некакви сценарија за можна дестабилизација на земјава.
Сто и педесетте извидувачки оперативци во Македонија, покрај тоа што ќе имаат задача директно на терен да проверат дали има обиди за воспоставување сфери на интерес во Македонија од страна на трети земји, фокусот ќе го насочат и на некои внатрешни структури што веќе извесно време и јавно почнуваат да манифестираат идеи што водат кон разбивање на унитарниот карактер на државата, подгревајќи меѓуетнички тензии.

Симболи и пароли што упатуваат јасни пораки

Последните случувања во земјава јасно сигнализираат дека постојат структури внатре во државата што за да се заштитат од евентуален кривичен прогон се подготвени да иницираат акции што би можеле да бидат вовед во една поширока регионална дестабилизација, која покрај Македонија, би го зафатила и Косово. Тие внатрешни дестабилизирачки елементи ќе го користат моментот на одвојување на Албанија од пакетот со Македонија, поттикнувајќи наводно граѓанско незадоволство од страна на албанското малцинство во земјава и на тој начин создавајќи простор за реализација на сценариото за дестабилизација.
Опозициската ДУИ веќе најави протести поради одредени законски решенија, а во пресрет на протестите почнаа да се појавуваат и транспаренти со пораки „Команданте, ние сме спремни“. Со самото ословување „команданте“, всушност пред јавноста се сака да се покаже дека во земјава и натаму има луѓе што се подготвени да земат оружје и да дејствуваат доколку добијат таква наредба од повисоките структури. Обична анализа покажува дека намерата е со воинствена реторика да се заплаши македонското општество, односно да се создаде чувство на страв и несигурност, а ДУИ повторно да се наметне како стабилизирачки фактор.
Зачестените рафални истрели низ повеќе скопски населби во северниот и западниот дел на градот, кои повеќе од очигледно не се од свадби, и зголемениот интензитет на истакнување на симболите на УЧК со двоглавиот орел говорат дека главната цел е да се испрати јасна порака дека ДУИ, која произлезе од воена формација, нема да се помири со улогата на опозиција, па затоа ќе дејствува преку елементот на заплашување да се наметне како нов владин партнер.
Особено се опасни обидите да се наруши верската толеранција во земјава бидејќи некој намерно игра и на таа карта, обидувајќи се да ја уништи меѓуверската хармонија во државата, која отсекогаш функционирала беспрекорно на овие простори. Всушност, тоа беше вистинската намера при неодамнешниот инцидент во скопската населба Драчево, каде што вандали ја оштетиле иконата поставена на големиот крст лоциран во паркот во оваа населба и до неа ставиле Куран. Слични инциденти во христијански верски објекти пред извесно време се случуваа и на Попова Шапка, како и во Тетово, што јасно говори дека одредени структури очекуваат преку верски провокации да издејствуваат дестабилизација на земјата, свесни дека нарушувањето на верскиот соживот може да поттикне лавина на незадоволство, кое тешко ќе може да се контролира и кое може да доведе до конфликтни ситуации.
Не треба да се исклучат ниту можните опструкции во рамките на институциите што би ги правеле партиски војници вработени низ годините, кои сега ќе треба одвнатре максимално да го опструираат институционалниот одговор на ваквите дестабилизирачки сценарија и така да придонесат за институционалната неефикасност што би ја искористиле деструктивните сили.

Внатрешна дестабилизација на земјава води кон нова регионална криза

Според безбедносни експерти, кои дадоа свои видувања за одлуката на сојузниците во земјава да испратат 150 оперативци од новоформираниот сојузнички оддел за брза реакција, не смее да се исклучи ниту едно сценарио за внатрешна дестабилизација, без оглед колку и да изгледа нереално тоа.
– Задача на службите е да направат сериозни анализи, да ги соберат сите податоци и информации од терен, да го следат развојот на настаните и да подготват одговор за потенцијалните ризици. Министерот за внатрешни работи неодамна кажа дека полицијата е подготвена да се грижи за внатрешната безбедност на државата, со што испрати одговор до сите оние што деновиве упатуваат отворени закани и провокации, сквернавејќи верски објекти, употребувајќи огнено оружје за заплашување и поставувајќи симболи на УЧК. Од друга страна, и сојузничките оперативци ќе собираат слични информации и веројатно сето тоа ќе се одвива во координација со македонските служби, односно заеднички ќе се проверува кој и од каде би можел да предизвика дестабилизација за да може и превенцијата да биде навремена. Добро е што и нашиот стратегиски партнер САД упати јасни пораки дека какво било сценарио за внатрешна дестабилизација на земјава е неприфатливо и оние што ќе се дрзнат на таков чекор ризикуваат и соодветен американски одговор. Во секој случај, нашите институции се тие што треба да спречат дестабилизација и за таа цел ги имаат сите расположливи алатки што им стојат на располагање во согласност со законот – велат соговорниците.
Според нив, ниту НАТО нема да дозволи каква било криза внатре во Македонија бидејќи тоа е спротивно на интересите на Алијансата.
– Во свет што врие, иницирањето внатрешна криза во Македонија би било хазардерски потег. Затоа тука се и оперативците на сојузничките сили, затоа и Командата на НАТО во Неапол ја следи ситуацијата одблиску. Тезите дека можеби намерно ќе се конструира некаква контролирана криза за потоа да се затворат одредени отворени прашања во регионот исто така не држи. Имено, избувнување кризна ситуација може да го искористи некоја трета страна и од контролирана, кризата лесно може да премине во неконтролирана. А тоа на НАТО му е најмалку потребно, имајќи го предвид развојот на големиот број конфликтни ситуации низ светот – посочуваат соговорниците.


Апасиев: Функционерите на ДУИ се добро ситуирани, нема да сакаат со етничка дестабилизација да го загрозат стекнатото

Претседателот на Левица и собраниски пратеник Димитар Апасиев, во гостувањето на „Анализа 24“, не ја исклучи можноста од некаква контролирана криза, иако смета дека до класична дестабилизација внатре во земјава нема да дојде.
– Прво, тие функционери на ДУИ како бивши терористи станаа милионери, така што тие сами ќе гледаат да го зачуваат тоа што го имаат и да нема војна, условно кажано, или каква било етничка дестабилизација. Од друга страна, Западот можеше нив да ги контролира токму преку хашките случаи. Погледнете што му се случи на Хашим Тачи во Косово, така што во случај Али Ахмети да забегаше како Албин Курти, тие можеа да го повратат со некој случај рече Апасиев.
Ова свое тврдење Апасиев го базира врз фактот дека „сите функционери од ДУИ се добро ситуирани и по никоја цена нема да сакаат да си го загрозат“ тоа.
– Тие биле директори 14, 15, 20 години и тој ќе дојде на еден-два протеста и толку, нема да оди секој ден да кампува пред Владата и слично. Можеби ќе има некој случај со средношколски тепачки во автобуси или навивачки групи меѓу себе и ќе остане на тоа, не верувам дека ќе има дестабилизација. Може да се случи само некаква контролирана криза – заклучува Апасиев.
Претседателот на Левица истакна дека реално сѐ уште опстојува феноменот на „презирање на македонскиот идентитет, македонскиот јазик, македонското знаме, македонската химна, значи тие се гнасат од нашите инсигнии и оттука вие не можете така да градите соживот и затоа не се розови етничките односи во иднина, но дека ќе дојде до дестабилизација, нема да дојде“, подвлече Апасиев. С.Т.


Во врска со „Албанската академија на науките во Македонија“,
професорот Хасан Јашари од Универзитетот на Југоисточна Европа во својот допис до редакцијата пишува: „Ние не сме политичка организација. Ние сме интелектуалци и бараме простор за нашата академска слобода. Академијата постои и дејствува веќе безмалку три години. Ве молиме најискрено! Не третирајте нѐ како непријатели“…

Во или вон дестабилизирачки контекст е проектот наречен

„Албанска академија на науките во Македонија“?Дел од пакетот за сецесионизам или барање простор за академска слобода

Со регистрираните сигнали што сугерираат можни обиди за дестабилизација од внатрешни елементи, во македонската јавност се појави и малку поинаков пристап на интелектуалци од албанската етничка заедница кон етничкото прашање. Имено, еден дел интелектуалци од албанската етничка заедница прават обид низ една академска полемика, без политички експресии и набој, во засега непрепознатливи малициозни партиски агенди, со ненасилни, т.н. меки вештини и методи, да се влезе во претрес на аргументација на спротивставени мислења, оставајќи ги настрана тврдата политика и запаливата реторика што би можеле да поттикнат инциденти или граѓанско незадоволство. Како потврда на ваквите обиди е и чекорот на професорот Хасан Јашари од Универзитетот на Југоисточна Европа, кој до редакцијата на „Нова Македонија“ испрати писмо во кое ги образложува неговите ставови за таканаречената „Албанска академија во Македонија“, за кои неодамна анализиравме и пишувавме. Тој во својот авторски текст, меѓу другото за академијата, вели: „Ние не сме политичка организација. Ние сме интелектуалци и бараме простор за нашата академска слобода. Академијата постои и дејствува веќе безмалку три години. Ве молиме најискрено! Не третирајте нѐ како непријатели“.
Во продолжение на страниците на денешното издание на весникот го објавуваме во целост писмото на професорот Јашари.