Етика за млади
Колку што е важна грижата за здравјето, толку за луѓето е важна и грижата за природата и за животната средина. Науката за природната средина на живите суштества се нарекува екологија, а еколошката етика ги учи луѓето да внимаваат на природата и да се грижат за добра животна средина.
Рејчел Карсон (1907-1964) е заслужна за раѓањето на биоетиката како грижа за природата и за добрата животна средина. Има напишано прекрасна книга за морските простори и животни. Се загрижила зашто повеќе не се слуша веселото утринско црцорење на птиците. Открила дека хемиските средства против инсектите ги убиваат и птиците, а исто така влијаат врз природата на сите живи суштества. Ја напишала книгата „Замолчена пролет“ (1962), која говори за опасностите од човековото невнимателно однесување спрема природата. Тоа доведе до прва организирана државна контрола и забрана на опасни хемиски средства.
Карсон била умна, добра и храбра личност. Ја докажала храброста со борбата против човечките глупости и злосторства што ѝ прават штета на природата. Таа велела дека се обидела да ја спаси убавината на овој свет: „Имав света обврска да го сторам она што можев. Ако не го направев тоа, јас не ќе можев повторно да бидам среќна во природата“.
Проф. д-р Кирил Темков
Етичка мисла
Човекот е дел од природата и неговата војна против природата неизбежно е војна против самиот себе.
Рејчел Карсон, научничка