Современата македонска држава не беше создадена со референдумот за независност од 8 септември 1991 година, всушност референдумот беше светол ореол на вековниот сон за македонска слобода. Ние треба постојано да се потсетуваме на минатото, затоа што минатото сведочи дека темелите на современата македонска држава беа поставени на 2 август 1944 година во манастирот „Прохор Пчињски“, кога започна со работа Првото заседание на АСНОМ. Тогаш беа донесени голем број историски одлуки, но беа поставени и одредени политичко-општествени вредности што беа главниот компас по кои се движеа идните македонски генерации. Тогаш беа поставени асномските вредности врз кои беше изградена современата македонска држава

Во суштина, 8 септември 1991 година е денот кога вековната борба за македонска национална самобитност и македонска државна независност доби нова форма и облик. Оттогаш тој ден е именуван како државен празник – Ден на независноста на Македонија и се одбележува денот кога во 1991 година, со убедливо мнозинство, 95 отсто од излезените македонските граѓани на референдумот се изјаснија за сувереност, независност и самостојност на Македонија и на македонскиот народ.
На гласањето, според официјалните податоци, од 1.495.626 гласачи излегле 1.132.981 граѓани со право на глас или 71,85 отсто, а од вкупниот број граѓани што гласале на референдумот позитивно се изјасниле 1.079.308 граѓани односно 95,09 отсто. Во официјалниот извештај на Комисијата за спроведување на референдумот се наведува дека за начинот на кој бил спроведен не биле поднесени приговори или жалби поради неправилности или повреди на одредбите на Законот за републички референдум. Комисијата ја констатирала масовноста на граѓаните со право на глас во Македонија што се изјасниле „за“ самостојна и суверена Македонија.
Неколку дена потоа, на 17 септември 1991 г., Собранието на Република Македонија носи декларација за потврдување на референдумските резултати за конституирање на Република Македонија како суверена и самостојна држава. Во декларацијата е истакнато дека граѓаните на Република Македонија на демократски начин испишаа нова страница во македонската многувековна историја за заокружување на самостојноста и сувереноста на Република Македонија како држава.
Собранието на Република Македонија со декларацијата од 17 септември 1991 година jа потврди волјата на граѓаните на Република Македонија изразена на референдумот од 8 септември истата година, во која тие се определија за самостојна и суверена држава под името Македонија, што cе изрази и со Уставот на Република Македонија донесен на 17 ноември 1991 година. Со првиот устав се зацврсти државноста и не случајно во него се наведува: „Тргнувајќи од историското културно, духовно и државно наследство на македонскиот народ за национална и социјална слобода и за создавање своја држава, a посебно од државно-правните традиции на Крушевската Република и историските одлуки на АСНОМ и уставно-правниот континуитет на македонската држава како суверена држава во федеративна Југославија, од слободно изразената волја на граѓаните на Република Македонија на референдумот од 8 септември 1991 година, како и од историскиот факт дека Македонија е конституирана како национална држава на македонскиот народ во која cе обезбедува целосна граѓанска рамноправност и трајно сожителство на македонскиот народ со Албанците, Турците, Власите Ромите и другите националности што живеат во Република Македонија, a со цел: Република Македонија да cе конституира како суверена и самостојна и како граѓанска и демократска држава“.
Современата македонска држава не беше создадена со референдумот за независност од 8 септември 1991 година, всушност референдумот беше светол ореол на вековниот сон за македонска слобода. Како општество мора постојано да се потсетуваме на минатото, затоа што минатото вели дека темелите на современата македонска држава беа поставени на 2 август 1944 година во манастирот „Прохор Пчињски“, кога започна со работа Првото заседание на АСНОМ. Тогаш беа донесени бројни историски одлуки, но беа поставени и одредени политичко-општествени вредности кои беа главниот компас по кои се движеа идните македонски генерации. Тогаш беа поставени асномските вредности врз кои беше изградена современата македонска држава. Д.Ст.


Никола Кљусев, тогашен претседател на македонската влада:

Европа е тој дом што ќе нѐ интегрира и ќе нѐ спои

Пред сѐ, со референдумот се бара афирмативно да се пристапи кон онаа вековна борба на македонскиот народ, која некогаш се решавала со пушки и крв… и тоа ни дава за право да кажеме дека нашиот суверенитет и нашата самостојност ја сфаќаме само како поттикнувачки мотив, инспирација и правен легитимитет да стапиме во еден сојуз со суверени држави. Оттука нашата замисла, и ние сакаме врз овие принципи и ова видување да изградиме една нова заедница на југословенските суверени држави. Но, доколку не дојде до тоа, тогаш самата историска обврска и судбина ќе нѐ тера да ние пристапиме кон спокојно изодување на своја суверена држава, односно сите нејзини сегменти во правниот, политичкиот, економскиот систем, и тоа ќе ни даде шанса да воспоставиме партнерство со сите оние што ќе имаат интерес да бидат со нас, а Европа е тој дом што ќе нѐ интегрира и ќе нѐ спои, истакна Никола Кљусев, тогашен претседател на македонската влада.


Стојан Андов, претседател на македонското собрание во 1991 година:

Младите генерации добиваат аманет да ги натфрлат нашите достигнувања

Со оваа одлука што денес ја донесуваат граѓаните на Македонија се отвора еден интензивен процес на градење на македонската држава, на градење на нејзините односи во Југославија со другите суверени држави, а исто така и со соседите и со Европа. Тоа е макотрпен и сложен процес, но благороден процес, меѓутоа знаат за што се одлучуваат, што работат. Ќе има веројатно некои тешкотии што треба да се поднесат, а младите генерации, еве, од оваа генерација што го организира изборно овој референдум добиваат во аманет да бидат на тоа ниво, па и да ги натфрлат нашите достигнувања, кажа Стојан Андов, претседател на македонското собрание во 1991 година.


Ивица Боцевски, специјален претставник на Владата при унгарското
претседателство со Советот на ЕУ

Изградбата на нацијата никогаш не запира и никогаш нема конечност

Македонија опстојувала, опстојува и ќе опстојува. Малодушноста и сомнежите отсекогаш ги внесувале бедните по дух, медиокритетите и оние што лошо ѝ мислат на Македонија. Инаку, изградбата на државата и изградбата на нацијата никогаш не запира и никогаш нема конечност. Можеби искушенијата, премрежињата и заблудите беа потребни за уште еднаш да осознаеме колку се значајни државата, институциите и суверенитетот. Немам никакви сомнежи дека Македонија ќе зачекори напред, а сигурен сум дека најдобрите денови за македонскиот народ допрва претстојат. Нам ни престои сериозна анализа на научените лекции и изградба на јасна визија за нашата ролја во променетиот свет, порачува по повод Денот на независноста Ивица Боцевски, поранешен вицепремиер за евроинтеграции и амбасадор, а сега специјален претставник на Владата при унгарското претседателство со Советот на ЕУ.


За дилемите поврзани за тајмингот на референдумот

Република Македонија својот референдум го спроведе последна, а постојат повеќе верзии за задоцнувањето со референдумот. Една од тие верзии вели дека не постоел политички консензус околу ова прашање, поточно СКМ-ПДП cе противела на македонската независност наспроти притисокот што го вршеле од ВМРО-ДПМНЕ за прогласување независност. Друга верзија говори дека политичките партии и општо народот, кој со генерации положувал животи за македонската кауза, сметале дека вителот на воената дисолуција на федералната држава може беспотребно да однесе нови млади животи, како што тоа тогаш се случувало во Словенија и во Хрватска, така што се чекал зрел политички момент за прогласување на независноста на Македонија. Имено, тогашната ЈНА со целосните воени капацитети сѐ уште била присутна во Македонија, a земјава jа претставувала третата армиска област, која била исклучително добро вооружена. Гледајќи jа ваквата поставеност, можеби и навистина постоело извесно стравување за последиците кон цивилите, животите и добрата во Македонија. За издвојување е дека партијата ВМРО-ДПМНЕ во овој период јавно пропагираше излегување на Македонија од Федерацијата, и тоа по примерот на Словенија, без спроведување референдум, а тоа да cе стори што побрзо, затоа што сметаше дека токму на тој начин Македонија ќе се дистанцира од југословенските конфликти.


Референдумското прашање

На референдумското ливче за гласање стоело прашањето „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија?“ За текот на гласањето не биле забележани никакви неправилности, насилство, нереди или притисоци, целиот процес поминал во мирна и демократска атмосфера. Републичката комисија за спроведување на референдумот констатира дека во постапката за организирање и спроведување на референдумот доследно и целосно cе почитувани одредбите од Законот за републички референдум, дека на денот на одржувањето на референдумот немало нереди на гласачките места или други дејства спротивни на Законот и дека не биле поднесени приговори или жалби поради неправилности во спроведувањето на референдумот или повреди на одредбите на Законот за републички референдум.