Фото: ЕПА

Србија

Србија ја добила првата прелиминарна техничка студија за примена на нуклеарна енергија, во која се анализирани различните достапни технологии на пазарот, истакна српската министерка за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ во изјава за РТС, додавајќи оти во игра се и традиционалните нуклеарни централи и малите модуларни реактори.
Една технологија сѐ уште не е технички и технолошки потврдена. Станува збор за мали нуклеарни реактори што сѐ уште се во развој. Постојат комерцијални нуклеарни централи… додека малите модуларни реактори нудат флексибилност, модуларност и нудат пониски инвестициски трошоци – посочи Ѓедовиќ Хандановиќ.
Министерката додаде дека првата мала државна сончева електроцентрала, сончевата електроцентрала „Петка“, ќе биде отворена денеска во Костолац, по што ќе следува завршување на еолскиот парк во Костолац, и дека тие две зелени електроцентрали ќе го покријат снабдувањето со електрична енергија за 35.000 домаќинства.
Зборувајќи за студијата за примена на нуклеарната централа, таа изјави дека документот покажал и дека има простор за интеграција на нуклеарната енергија во преносниот систем, што, според неа, е многу важно и тоа не се смета за можно денес или утре, туку за околу 15-20 години. Според неа, студијата покажала и кои фази мора да се подготват според упатствата на Меѓународната агенција за атомска енергија пред да се влезе во општа изградба на нуклеарен објект. Се проценува дека целиот процес ќе чини околу 30 милиони евра, како што информираше министерката.