Гласањето во Европскиот парламент во врска со извештајот за напредокот на Македонија за 2023 и 2024 година со право предизвика лавина реакции. Стразбур, Европа и светот беа сведоци на експлицитно кршење на меѓународното право (јус когенс), на низа декларации и резолуции на ООН, на Советот на Европа, и тоа во законодавниот дом на Европската Унија! Тоа е просто несфатливо за демократијата, за темелните есенцијални вредности на меѓународниот поредок.
Но исклучително битно е дека историјата ќе го забележи овој настан како длабока лузна на совеста на меѓународното право и институциите што треба да го почитуваат тоа право. Настанот ќе потсетува и на двојните стандарди на една европска неолиберална (па дури и фашизоидна) елита што ја окупирала Унијата, не дозволувајќи им на цели народи и нации да го практикуваат универзално востановеното право на интегритет и самоопределување, правото на правна и суверена еднаквост со другите нации и држави, правото на (политичка) независност, правото на немешање во строгата внатрешна надлежност, правото на недерогирање на елементите од правниот субјективитет, правото на недискриминација (од страна на посилните држави и институции), правото на заштитата на основните човекови поединечни и колективни права и слични егзистенцијални права (културоцид)… Интернационализирањето на македонското прашање се дигна за едно скалило повисоко. За него се заинтересираа и оние на кои досега не им беше познато, а сѐ уште има такви. Затоа, не треба тука да се сопре, туку организирано, плански и посветено да се продолжи на патот кон целосно реализирање на вековните стремежи на македонскиот народ, нација и држава
Реакции по повод изземањето на делот од извештајот на Европскиот парламент во кој експлицитно се споменуваа македонскиот јазик и идентитет
Гласањето во Европскиот парламент во врска со извештајот за напредокот на Македонија за 2023 и 2024 година со право предизвика лавина реакции. Стразбур, Европа и светот беа сведоци на експлицитно кршење на меѓународното право (јус когенс), на низа декларации и резолуции на ООН, на Советот на Европа, и тоа во законодавниот дом на Европската Унија! Тоа е просто несфатливо за демократијата, за темелните есенцијални вредности на меѓународниот поредок.
Но исклучително битно е дека историјата ќе го забележи овој настан како длабока лузна на совеста на меѓународното право и институциите што треба да го почитуваат тоа право. Настанот ќе потсетува и на двојните стандарди на една европска неолиберална (па дури и фашизоидна) елита што ја окупирала Унијата, не дозволувајќи им на цели народи и нации да го практикуваат универзално востановеното право на интегритет и самоопределување, правото на правна и суверена еднаквост со другите нации и држави, правото на (политичка) независност, правото на немешање во строгата внатрешна надлежност, правото на недерогирање на елементите од правниот субјективитет, правото на недискриминација (од страна на посилните држави и институции), правото на заштитата на основните човекови поединечни и колективни права и слични егзистенцијални права (културоцид)… Интернационализирањето на македонското прашање се дигна за едно скалило повисоко. За него се заинтересираа и оние на кои досега не им беше познато, а сѐ уште има такви. Затоа, не треба тука да се сопре, туку организирано, плански и посветено да се продолжи на патот кон целосно реализирање на вековните стремежи на македонскиот народ, нација и држава.
Христијан Мицкоски: Остануваме горди,со крената глава
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски изјави дека ќе остане запишано и запомнето дека европскиот извештај со македонски идентитет и македонски јазик помина на Комитетот за надворешна политика при Европскиот парламент (АФЕТ) и дека се најде на масата на сите европратеници што гласаа во рамките на Европскиот парламент, што е првпат во независна Македонија.
– Остануваме горди, со крената глава. Денес Бугарија работеше против нас. Денес светот виде со какви предизвици и неправди се соочуваме како држава и народ во 21 век. Денес комотно и на очиглед на сите, на Европа можеме да ѝ кажеме дека вистината излезе на виделина – рече Мицкоски. Тој нагласи оти нема ништо поважно за него од македонските интереси и оти нема да дозволи да се случи ново предавство. Тој повторно повика на обединување околу националните интереси.
– Сфатете веќе еднаш, ако не сме обединети ќе нѐ прегазат ќе нѐ обезличат, како што веќе прават – порача Мицкоски.
Гордана Силјановска -Давкова: ЕУ има демократски дефицит
Претседателката Гордана Силјановска-Давкова, за отстранувањето на македонскиот јазик и идентитет преку амандман излобиран од бугарски пратеници, вели дека тоа го докажува демократскиот дефицит во ЕУ, вклучувајќи го и Европскиот парламент, кој, вели, треба да биде дом на европските граѓани.
– Не сум шокирана, иако сум длабоко разочарана, тоа го кажав, особено од природата на некои амандмани, па и од дискусиите, не сум шокирана бидејќи во Европскиот парламент седат и претставници на партии што се против самата ЕУ. Инаку, пријатно бев изненадена од извештајот на господинот Вајц, тој важи за почитуван пратеник што ги познава добро балканските прилики, бидејќи истото ова што ни се случува нам, можеше и Австрија да го прави кон Словенија бидејќи и во словенечкиот устав ги нема Австријците, Хрватите, Бошњаците, Ромите… Но природата на амандманите покажа дека навистина не само светот туку и Европа и ЕУ имаат сериозен проблем со демократијата – потенцира Силјановска-Давкова.
Томас Вајц: Поттик за државата да продолжи напред кон ефективен почеток на пристапните преговори
– Мислам дека признавањето на идентитетот и јазикот на земја кандидат за членство во Европската Унија би требало да биде природна и непроблематична работа – изјави известувачот на Европскиот парламент за Македонија, австрискиот европратеник Томас Вајц, откако европратениците го усвоија извештајот за напредокот на земјава, но без референциите за македонскиот јазик и идентитет. По усвојувањето на извештајот, Вајц посочи дека амандманите на првичната верзија на документот за признавање на македонскиот идентитет и јазик потекнувале од четири групи во Европскиот парламент.
– Не мислам дека тие беа грешка, но во демократски процес се одлучи таа тема да не се вклучува во овој извештај. Мислам дека тоа е демократска одлука што треба да се прифати и ја прифаќам – рече Вајц.
Во однос на забелешките од некои бугарски европратеници за прекршување на парламентарните процедури при подготовката на извештајот, Вајц нагласи дека против него се води масовна кампања на клевети, која е апсолутно неоснована и дека тој целосно ги следел правилата на Европскиот парламент. Вајц потсети дека ова е прв усвоен извештај на ЕП за земјава од 2022 година и неговото одобрување со значајно двотретинско мнозинство претставува поттик за државата да продолжи напред кон ефективен почеток на пристапните преговори.
Михалис Рокас: Силна поддршка на интегративните процеси на државата
Евроамбасадорот во земјата Михалис Рокас изрази позитивно мислење за извештајот на Европскиот парламент, истакнувајќи дека тој дава силна поддршка на интегративните процеси на државата и ги поддржува реформските процеси, особено реформите во правосудството, борбата против корупцијата и другите предизвици со кои се соочува државата. Во однос на изземените одредби во извештајот во врска со идентитетот и јазикот, тој потсети дека Европарламентот е независна институција, која носи политички одлуки во согласност со своите внатрешни процедури.
– Најважно е да се истакне дека идентитетот и јазикот не се дел од преговарачките рамки. Идентитетот и јазикот најдобро се бранат со полноправно членство во ЕУ – вели тој.
Реакции на меѓународни организации
Европска слободна алијанса: Разочарувачки исход од гласањето
Иако европските пратеници го поддржаа отворањето на следните чекори од преговорите за пристапување, тие не успеаја да го поддржат признавањето на македонскиот идентитет. По огромниот бугарски притисок, Европскиот парламент ги прифати амандманите презентирани од европратениците од ЕПП, СиД и Обновена Европа, со кои се отстрануваат сите референци за македонскиот идентитет, култура или јазик, се вели во заедничкото соопштение на европратениците Лорена Лопез де Лакале, Дијана Риба, Ана Мирандам Висент Марза од Европската слободна алијанса (ЕФА) и партиите членки ОМО „Илинден“-Пирин / OMO „Илинден“-Пирин, Македонска алијанса, Републиканската елита на Каталонијам БНГ – Националистички галски блок и МЕС-компромиси.
Тие понатаму нагласуваат дека: „Уште еднаш, големите партии на ЕУ не успеаја да дејствуваат во претставувањето на оние гласови што не се слушнати. Со попуштањето на националистичките интереси на Бугарија, ЕУ, предводена од мнозинските партии, не успева да ги заштити малцинските права на македонската заедница во своите граници: особено македонското малцинство во Бугарија, кое се соочува со сериозна дискриминација и целосно отсуство на признавање. Не успева да ги заштити основните европски вредности“!
Реагирајќи на гласањето, претседателката на ЕФА, Лорена Лопез де Лакале, изјави: „Нацрт-извештајот правилно го потврди признавањето на македонскиот идентитет и јазик од страна на ЕУ и нивната важност за процесот на пристапување во ЕУ, заснован на доверба и соработка. Но потоа големите партии соработуваа за да го отстранат. Отстранувањето дури и на симболичното признавање на македонскиот идентитет и јазик испраќа опасна порака дека идентитетот е предмет на преговори за пристапување во ЕУ. Тоа ја легитимира злоупотребата на нејзината позиција од страна на Бугарија за притисок врз држава кандидат и сигнализира толеранција кон политиките што ги кршат основните европски вредности“.
Тајс Ројтен (СиД): По 20 изгубени години, Македонците заслужуваат јасен фокус за нашата заедничка иднина
Време е земјите од ЕУ конечно да обезбедат кредибилен процес на пристапување. Ова е пораката од социјалистите и демократите откако Европскиот парламент го усвои извештајот за патот на земјата кон ЕУ, прв од 2022 година.
– С. Македонија припаѓа во ЕУ. Ние ја споделуваме визијата за европската иднина на земјата. Македонците можат да сметаат на нас – и за нашата политичка поддршка и за нашата техничка помош во спроведувањето на реформите на ЕУ – изјави Тајс Ројтен, преговарач на СиД за Македонија.
С. Македонија доби статус на кандидат за ЕУ во 2005 година, но напредокот во преговорите за пристапување е многу бавен, главно поради внатрешната политичка поларизација и билатералните спорови со соседите Грција и Бугарија. Земјата официјално ги започна преговорите за пристапување во 2020 година.
ОМО „Илинден“–Пирин
Ние во ОМО „Илинден“-Пирин, како членови на ЕФА (Европската слободна алијанса) со поддршката на ОМО „Илинден“, Репресираните Македонци во Бугарија и другите македонски организации во Бугарија направивме сѐ што можеме за извештајот за Македонија во Европскиот парламент да помине без промени. Се трудевме да го вртиме вниманието на европските парламентарци и на тоа што Бугарија го прави со македонското малцинство во Бугарија.
– Тоа беше месец на засилено лобирање во кое ги вложивме сите наши сили и скромни можности. Во процесов ние ја имавме целата поддршка на ЕФА, на која специјално ѝ се заблагодаруваме. За несреќа егоистички интереси повторно преовладаа, но борбата продолжува и правдата ќе победи! Македонската нација и нејзините малцинства се тука за да опстанат, независно од сите назадни негатори во соседството – соопштија од ОМО „Илинден“–Пирин.
„Илинден“-Тирана
Македонското друштво „Илинден“-Тирана најостро ја осудува злоупотребата на Софија, која со децении пласира дискриминаторски и расистички барања за непостоење на македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Отстранувањето на македонскиот идентитет и јазик испраќа опасна порака дека идентитетот е предмет на преговори за пристапување во ЕУ. Тоа ја легитимира злоупотребата на Бугарија за вршење притисок врз држава кандидат и сигнализира толеранција кон политиките што ги кршат основните европски вредности, се вели во реакцијата на друштвото „Илинден“-Тирана.
– Македонското друштво „Илинден“-Тирана го потсетува бугарското раководство дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет се историски факт и дека нам, како Македонци, не ни треба одобрение од други држави за да се изјасниме што сме и кои сме – се посочува во реакцијата на македонското друштво. Р.Н.М.
Реакции на медиумите од регионот
Радио Слободна Европа
Под наслов „Европратениците го усвоија извештајот за С. Македонија без да ги споменат јазикот и идентитетот“, Радио Слободна Европа објави опширен извештај од седницата на Европскиот парламент. Посебно внимание се посветува на писмената изјава дадена по гласањето, во која Вајц истакна дека Македонија е лидер во регионот и покажува вистинска посветеност на вредностите на ЕУ и смели реформи.
– Нејзиното пристапување е неправедно блокирано предолго поради билатерални спорови, поттикнувајќи јавно фрустрација и разочарување од ЕУ – пишува Радио Слободна Европа.
НИН
И белградски НИН пишува во својот извештај дека „Европскиот парламент го усвои извештајот за Македонија: Без да се споменат македонскиот идентитет и јазик“. Притоа се потенцира текот на гласањето, но и дека на сето тоа му претходела енергична дебата, ден порано, во која бугарските пратеници во Европскиот парламент заеднички се изјасниле против Македонија. Се цитираат зборовите на Вајц, кој нагласил дека како известувач на ЕУ за Македонија, неуморно работел на „добро избалансиран и непристрасен извештај за демократскиот напредок на оваа земја“, но дека, за жал, некои бугарски членови на Европскиот парламент го искористија извештајот за домашни цели – пишува НИН.
„Косово онлајн“
Косовскиот портал „Косово онлајн“ пренесува дека Европскиот парламент го усвои извештајот за напредокот на Македонија, но дека ги отстранил референците за јазикот и идентитетот.
„Данас“
„Данас“ го пренесува извештајот од Европскиот парламент. Но „Данас“ акцентот го става на „загриженоста на ЕУ за таканаречениот проект „Српски свет“. Притоа, се издвојува „загриженост на ЕУ за улогата на унгарската и српската влада во унапредувањето на целите на Русија и Кина во таа Македонија“, како и загриженост за проектот „Српски свет“.
Пишување на Службата за печат на Европскиот парламент
Извештајот нагласува дека проширувањето мора да остане процес базиран на заслуги, во согласност со Копенхашките критериуми, и ја повикува С. Македонија да ги усвои потребните реформи. Пратениците го поздравуваат новиот Закон за реформи и раст од 750 милиони евра и ја пофалуваат С. Македонија за нејзината амбициозна агенда. Парламентот е длабоко загрижен што С. Македонија и другите земји кандидатки за ЕУ во Западен Балкан се особено погодени од странско мешање и кампањи за дезинформации. Исто така, е алармиран од улогата на унгарската и српската влада во промовирањето на кинеските и руските геополитички цели, се наведува во резолуцијата. Р.Н.М.