Некои дилеми за „личниот и стратешки“ избор на генералниот секретар на НАТО, Руте, во врска со неговата заменичка Радмила Шекеринска
- Генералниот секретар на НАТО веројатно смета и на политичката зрелост и на веродостојноста на личноста на својот заменик, чии уверувања се идентични со неговите или со оние во Алијансата (во онаква форма и содржина во каква што е сега НАТО). Но сега следува клучното прашање. Нуди ли таквиот избор на Руте некакви можности за земјата домаќин од каде што потекнува заменик-генералната секретарка? И дали нешто од тие можности или бенефити пристигнало на адреса на граѓаните и државата од каде што доаѓа заменик-генералната секретарка? Нуди ли нејзината функција (и својство) некаква полза, бенефит, решение или излез и напредок за нејзината земја, што би можело да се стави во функција, а што не се направило досега?
Кога генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, за време на завчерашната посета на земјава изјави дека назначувањето на Радмила Шекеринска за негова заменичка е „личен“ и „стратешки“ избор, тој во никој случај не сакаше исказот да помине како протоколарна формулација, туку сакаше да даде јасна порака и кон внатрешната структура на Алијансата и кон земјата од која доаѓа неговата заменичка.
– Како што знаете, Радмила беше член на ова собрание и служеше во Владата на С. Македонија. Таа беше одличен избор за да му се придружи на водечкиот тим на НАТО. И можам да го кажам тоа со сигурност, бидејќи моја беше одлуката да ја назначиме. И многу сум горд на тоа – рече Руте во обраќањето во македонското собрание.
Нема никаква дилема дека кога Руте зборува за „личен избор“, тој сигнализира персонален однос. Во систем како НАТО, каде што одлуките се резултат на консензус, личната процена на генералниот секретар сепак има заднина. Тој смета на политичката компатибилност на својот субјективен избор за функцијата заменик-генерален секретар, усогласен со политиките на Брисел. Генералниот секретар веројатно смета и на политичката зрелост и на веродостојноста на личноста на својот заменик, чии уверувања се идентични со неговите или со оние во Алијансата (во онаква форма каква што е сега). Но сега следува клучното прашање. Нуди ли таквиот избор на Руте некакви можности за земјата домаќин од каде што потекнува заменик-генералната секретарка? И дали нешто од тие можности или бенефити пристигналo на адреса на граѓаните и државата од каде што доаѓа заменик-генералната секретарка? Нуди ли нејзината функција (и својство) некаква полза, бенефит, решение или излез и напредок за нејзината земја, што би можело да се стави во функција, а што не се направило досега?
„Личниот и стратешки избор“ на Руте да ѝ помогне на Македонија
Самата посета на генералниот секретар на земјава во услови на ескалација на воените дејствија на Блискиот Исток, без оглед на фактот што посетата му била однапред предвидена, испраќа јасна порака дека НАТО има волја (и обврска) да ѝ помогне на Македонија и да ѝ излезе во пресрет за многу работи што спаѓаат во рамките на делокругот на работа на НАТО, како политички така и воен. Ако се има предвид фактот дека „негов личен и стратешки избор е Радмила Шекеринска“, односно претставник од Македонија, првиот човек на Алијансата веројатно сака да демонстрира и субјективна и објективна определба за поддршка, и персонална и институционална. Првата е помалку важна, но втората, институционална поддршка, има голема специфична тежина и се однесува на можностите за тоа во кои делови ќе можат да се унапредат односите, односно каде Македонија ќе може да добие ветер во едрата во рамките на НАТО?
Токму „стратегискиот избор“ дава шанса во делокругот на работа на заменичката функција во НАТО да се направат многу работи со кои може да се зголеми интероперабилноста на Македонија на политички и воен план на НАТО. Затоа, граѓаните и Македонија очекуваат од неа да се бори за македонските позиции секаде каде што ќе може и да даде сѐ од себе, отворајќи нови перспективи за својата татковина од позиција на висок функционер, кој е на изворот на настаните и во центарот на моќ, од каде што здраво може да помогне, доколку сака.
Кои се ингеренциите на заменик- генералната секретарка и каде самата може да се ангажира?
Функцијата заменик-генерален секретар е втора највисока цивилна позиција во НАТО. Таа не е церемонијална, туку го заменува генералниот секретар кога тој е отсутен, претседава со состаноци на Северноатлантскиот совет, учествува во креирање и координација на политиките, надгледува дел од работата на Меѓународниот секретаријат, одржува односи со партнери како ЕУ и ОН, добива специфични портфолија поврзани со иновации, сајбер-безбедност и отпорност. Тоа значи директен пристап до процесот на одлучување и можност за влијание врз приоритетите на Алијансата!
Несомнено ваквата позиција што Руте му ја доверил на претставник од Македонија, на некој начин подразбира и поголема видливост на земјава на меѓународен план.
Без оглед што функцијата нема национален мандат, туку служба во интерес на сите сојузници, реалноста покажува дека и највисоките функционери во други меѓународни организации и асоцијации често (ин)директно придонесуваат за видливоста, позиционирањето и за бенефитите за своите земји. Тоа не значи фаворизирање, туку препознавање потенцијали и подготвување за нивно ставање во функција.
Простор за македонски иницијативи
Заменик-генералната секретарка на НАТО многу добро знае и дека Македонија има капацитети што може да бидат интересни за Алијансата, во прв план тука се армискиот полигон Криволак, подзаспаната одбранбена индустрија, која во времето на поранешна Југославија беше клучна за производство на оружје и муниција, можностите за регионални безбедносни форуми во земјава, особено ако се има предвид фактот дека земјава беше домаќин на висок НАТО-состанок во Охрид, дури и тогаш кога не беше членка, туку дел од Партнерството за мир. Прашањето е дали тие теми доволно се прифатливи за нејзината набиена агенда, бидејќи таквите елементи не само што може да придонесат за подобро позиционирање на Алијансата во регионот туку дополнително ќе влијаат и на улогата на НАТО како безбедносен гарант во овој дел на Европа. Еден бенефит за земјава што е за издвојување и што навистина би бил со колосално значење е рестартирање на дел од фабриките, повеќе работни места и раст на економијата…
Тивката дилема
– Добронамерната аналитичка опсервација во врска со работењето и ангажманот на заменичката на генералниот секретар има и патриотски мотиви. А такви мотиви, длабоко сум убеден дека имаат сите наши сограѓани, вклучително и нашиот „истурен шпиц-играч во НАТО“ – вели наш соговорник, дипломат во пензија.
– Дипломатски гледано, поентата не е во директно лобирање, туку во проактивност на фигура што е директно во високите НАТО-кругови, што била и на високи функции во државата и што може и како персона, но и како политичар да покаже дека е од висок формат и да понуди нешто што историјата ќе го забележи како висок патриотски чин, а не како тесноград партиски апаратчик што од лукративни причини ги игнорира националните потреби и интереси на својата татковина и решава да не прави ништо!? – вели нашиот соговорник.
– Од друга страна, она што треба да се направи дома, тоа е институциите дома да создаваат иницијативи што можат да се вклопат во приоритетите на НАТО, а десната рака на Руте да работи на афирмација на тие идеи пред сите сојузници, не како македонско фаворизирање, туку како искористување на македонскиот потенцијал за бенефит за целиот Северноатлантски сојуз – дополнува соговорникот.
Наместо заклучок
Ајде да речеме дека генералниот секретар на НАТО, Руте, направил „личен и стратешки избор“ со волја за поддршка на Македонија. Но дали таа поддршка е целосно валоризирана или, пак, останува повеќе како симболичен успех наместо како инструмент за конкретен напредок?
Повеќе од јасно е дека функцијата заменик-генерален секретар навистина не гарантира автоматски бенефит за земјата од која што доаѓа носителот, но таа секако отвора врата кон повисока видливост, кон можност за иницијативи, кон подобро позиционирање на Македонија во рамките на Алијансата. Тоа е исклучително важно и за надминување на некои блокади со кои земјава сега се соочува на евроинтегративниот пат.
На крајот, прашањето што останува за Македонија е едноставно, но суштинско. Дали заменичката на Руте ќе ја искористи дадената можност/избор од страна на својот шеф, односно дали ќе го искористи тој момент како вистинска стратешка шанса или само ќе се задоволи со фактот дека била во врвот на Алијансата и тоа ќе влезе како гол факт во нејзиното политичко портфолио?
































