Фото: Приватна архива / Близначките Љубица и Костантина се вистински пример за тоа како заедништвото и поддршката можат да донесат големи резултати

Средба со близначките Љубица и Костантина Андонови (11)

  • Да се има сестра близначка и да се живее со неа е прекрасно. Ние секогаш сме најдобри другарки – никогаш не сме сами и не ни е здодевно.
    Тоа што сме различни по изглед и по карактер (имаме само исти фризури) нѐ прави постојано да се надополнуваме во сѐ, велат близначките Андонови

Љубица и Костантина се две сестри близначки од Битола. Иако меѓусебно се слични, тие имаат различни интереси, но тоа што е заедничко за нив е дека и двете се многу талентирани и трудољубиви. Нам ни беше интересно да дознаеме како функционира секојдневието на овие две сестрички, дали се согласуваат меѓусебно и како успеваат да ги постигнат нивните многубројни резултати на различни полиња.
– Да се има сестра близначка и да се живее со неа е прекрасно. Ние секогаш сме најдобри другарки – никогаш не сме сами и не ни е здодевно. Тоа што сме различни по изглед и по карактер (имаме само исти фризури) нѐ прави постојано да се надополнуваме во сѐ – велат близначките.

Исти или сепак не?

Тие ни раскажаа дека многу им значи меѓусебната поддршка, а заеднички поминатото време знаат да го искористат на вистински начин.
– Понекогаш во слободното време слушаме иста музика, сакаме да играме исти друштвени игри, ги играме истите игри на мобилниот телефон итн. Кога станува збор за облеката, имаме ист вкус, па честопати и се облекуваме исто -велат тие.
Сепак, како и сите браќа и сестри, што е нормално, па дури и здраво, понекогаш доаѓа до несогласување и до куса расправија.
– Меѓу нас ретко се јавуваат искри за најбанални ситници, но за брзо време ги надминуваме недоразбирањата – ни открија тие.
Според некои процени, сега на светот живеат 1,6 милион парови близнаци. Тоа значи дека нашите Љубица и Костантина се само еден од тие парови. Но нив ги издвојуваат нивната креативност, љубопитност и таленти.
Секоја има свои активности во училиштето и надвор од него, но тие ни открија дека на сцена одлично функционираат заедно. Токму на оваа тема, тие во 2022 заеднички ја испеаја песната „Близначки“ на детскиот музички фестивал „Ѕвездички“ во Прилеп. Тоа беше прво нивно појавување на музички фестивал, беа прогласени за најмлади учеснички и ја освоија третата награда.

Успешен спој меѓу уметноста и науката

Љубица е доста заинтересирана во областа на природните науки и постигнува значајни резултати. Таа вели дека тие го будат истражувачкиот дух во неа и ја напојуваат жедта за продлабочување на знаењата. Особено ја привлекува астрономијата, како дел од физиката.
– Толку е сè мистериозно, со што се развиваат фантазијата и креативноста, што е совршено за откривање нови светови, галаксии… – вели таа.
Од друга страна, пак, сака многу и да црта, па нас нѐ интересираше дали постои некоја врска меѓу цртањето и физиката.
– Цртање = креативност + природни науки = истражување, овој спој е нешто што ме дефинира. Веројатно затоа ги сакам премногу и уживам во нив. Најмногу сакам да цртам животни, бидејќи ги сакам и во реалноста. Но предизвик ми е и поуспешното доловување на човечките ликови. Инаку најмногу ги користам пастелните и акрилните бои – раскажува Љубица.
Доказ за тоа дека ако се сака, цртањето и физиката можат да одат рака под рака е освоената прва награда на Љубица за цртеж инспириран од вселената. Таа е добитничка и на други награди за цртање, како онаа на ликовниот конкурс „Цртаме за мир“, потоа на конкурсот „Творам за нашата Битола“, а финалистка е и на ликовниот конкурс „Научна фантазија“. Не ги пропушта ниту училишните натпревари за цртеж, каде што редовно е меѓу првонаградените.
Во науката нејзините резултати се исто така значајни. Добитничка е на прво место на општинско ниво и трето место на регионално ниво по природни науки, а ја освои и втората меѓународна награда на натпреварот по информатичко размислување, организиран на далечина.

Македонски јазик и Историја – омилени предмети на училиште

И додека Љубица открива нови галаксии, Костантина го открива светот на поезијата. Почнала да пишува стихови уште на седумгодишна возраст.

– Пишувам и проза, но некако повеќе се пронаоѓам во поезијата. Темите од кои сум најмногу инспирирана се природата и опишување на убавината на годишните времиња – вели Костантина.
Покрај најомилениот предмет, Македонски јазик, со задоволство му посветува внимание на изучувањето на англискиот јазик. Исто така, интересно ѝ е да дознава и да чита за минатото на народите, односно ги сака придобивките од предметот Историја.
Костантина, исто како и Љубица, има цела колекција од награди, дипломи, признанија, благодарници и пофалници. Од нив ќе ги издвоиме првата републичка награда на литературниот фестивал „Мали ѕвездички“ во 2023 и 2025 година, првата награда на манифестацијата „Охридски бисер“, наградата на општинскиот литературен конкурс „Под ѕвездите ги чувам спомените“, а секако важно е и третото републичко место на конкурсот „Во дигиталната ера, зачувај ја магијата на детството“, како и првото место на конкурсот „Читањето ме прави херој.“

Најдраги им се заедничките награди

Но, приказната за овие две вредни сестрички, како да не може да се заврши бидејќи е преполна со изненадувања произлезени од нивната бескрајна креативност и љубопитност. Па така, дознавме дека и Љубица знае да напише понекоја песна, и Костантина знае да нацрта понекој цртеж, а двете понекогаш заеднички го откриваат светот на науката, па постигнуваат резултати и на тоа поле.
Двете признаваат дека најдраги им се заедничките награди што ги имаат освоено. Тие се победнички на интернационалниот натпревар „Спејс галери компетишн“ (Space Gallery Competition) на темата „Планетата Земја“, а нивното видео на темата „Магнетизам“ победи на 19. издание на Европските денови на наука за млади. Тие се добитнички и на првото место во категоријата „Млади поети“ на интернационалната манифестација „Охридски поетски бисери“, а една од најомилените награди им е онаа на републичко ниво – за најдобри млади презентерки на научна содржина „Колега Стиков“, доделена од Наука за деца и фондацијата „Кантарот“, со видеото насловено „Паметни венецијанерки“.
– Мислиме дека луѓето нѐ препознаваат, бидејќи за нашите успеси досега пишувале неколку портали. Исто така, последното наше научно видео „Паметни венецијанерки“, со кое ја освоивме првата награда „Колега Стиков“ како најдобри презентерки, имаше над 84.000 прегледи, со што очигледно сме интересни за публиката. Вам многу ви благодариме што нѐ препознавте и нѐ вреднувате како солидни ученички. Посакуваме нашите успеси да бидат поттик и мотив повеќе и за другите ученици – велат Костантина и Љубица.


Под ѕвездите ги чуваме спомените

О, ти ѕвездо,
што блескаш на темното небо…
Подари им на моите
љубопитни очиња
надеж и љубов,
за да биде овој свет
поубав и порадосен.
Кога ќе пораснам
сакам да се будам
пловејќи по моите
прекрасни спомени од детството.
За омилената кукла,
што цврсто ја држам
за подобар сон.
За палавите детски игри
во кои сум горд победник.
За шарените рози,
што на мајка ми
од срце ѝ ги дарувам.
За насмевката што ме краси
за да ширам среќа насекаде.

Aвторка: Костантина Андонова 6-в одд.
ОУ „Даме Груев“-Битола

Цртеж на Љубица Андонова 6-в одд. ОУ „Даме Груев“-Битола

Кога природата создава двојна радост

Секоја година во светот се раѓаат околу 1,6 милион парови близнаци, односно повеќе од 3 милиони деца.
Приближно едно од 42 деца што се раѓаат е близнак.
Се проценува дека денес на Земјата живеат околу 250-300 милиони луѓе близнаци.
Постојат два главни вида близнаци: идентични (многу слични по изглед) и неидентични (слични како обични браќа и сестри).
Идентичните близнаци настануваат од една јајце-клетка, а неидентичните од две различни јајце-клетки.
Во последните години бројот на близнаци се зголемува поради напредокот на медицината.
Многу близнаци станале светски познати – како Мери-Кејт и Ешли Олсен, Бил и Том Каулиц и близнаците Џејмс и Оливер Фелпс, кои ги играат улогите на Фред и Џорџ Визли во филмовите инспирирани од книгата „Хари Потер“.
Во Македонија познати близнаци се Мартин и Стефан Филиповски од музичкото дуо „Некст тајм“ и познатите македонски пејачки Маријана Новачевска и Росана Сариќ Тодоровска.
Близнаците имаат важно место и во науката, бидејќи им помагаат на научниците да ја истражуваат наследноста.
Познат е случајот на близнаците Џим, кои пораснале одделно, а сепак имале многу сличности.
Близнаците често имаат силна меѓусебна врска, затоа што заедно растат и учат.